Индивидуалниот крик на поединецот е потрага по универзална слобода
Интервју со Ивана Кнез, моден дизајнер во кое зборува за времето поминато под притисок од пандемијата, за начинот на кој таа се справува со наметнатите промени, за ситуацијата што ја остави без очекувања за иднината, за хаосот што моментално владее во модниот свет. Зборува за важноста и во овој период да се задржат добриот вкус и цивилизациските придобивки од модата и покрај преоптовареноста од грижата за здравјето, за нејзината верба дека парче накит или еден фустан може комплетно да го промени целиот живот наспроти сите проблеми и неизвесности
МАРИЛИ: Како го чувствувате времето во кое живееме една година наназад? Колку е за Вас драматично и сметате ли дека ќе биде инспиративно за периодот што следи кога епидемијата ќе стивне?
КНЕЗ: Како борба за опстанок. Лично мое мислење е дека е поминат подолг период каде поголемиот дел од светскиот поредок живее во некој универзален општ мир. Преку ноќ и со огромна брзина се појави опасност која го затече целиот свет, без разлика кој си, каде си, кои се твоите примања или на која позиција си - ти си загрозен. На самиот почеток ми се виде дури и како лоша режија на едно од оние култни сценарија каде лош вирус цели кон тоа да го уништи светот. На моја лична среќа, или, пак, несреќа, зависи кој како сака да го протолкува тоа, јас имав доста бурен живот и брзо реагирам на шокови, знам да се снајдам или прилагодам на дадена провокација, а да бидам искрена, оваа за мене до сега беше најголемата.
Се случија огромни системски и економски светски промени од кои допрва ќе ги видиме резултатите, особено ние помалите земји. Прв пат во мојот живот не можам да ја предвидам иднината и целата оваа ситуација ме остави без очекувања за иднината, со отфрлено минато и заробена во денешниот момент.
МАРИЛИ: Како фунцкионирате во овој период на ковид-криза и како кризата делуваше на Вашата кретивност, дали отвори нови визии за Вас лично?
КНЕЗ: Секој уметник реагира на провокација, многу ретко уметноста се создава во спокој, најчесто индивидуалниот крик на поединецот е потрага по универзална слобода. Мене лично претешко ми падна затворањето на границите, често знам да се пошегувам и да го прошетам пасошот од спална до дневна и тоа е ситуација со која учам како секојдневно да се износам, едноставно, затоа што сум свесна дека нема да заврши наскоро. А, и откако ќе заврши, шансите дека ќе биде исто се речиси невозможни, така што, таа адаптација на селективна слобода ми е најголем предизвик што ќе мора да го совладам.
Професионално комплетно ми ги промени и приоритетите и пристапот кон клиентите, на човекот му недостасува човек во моментов, емоциите се круцијални за да опстанеме и меѓусебната емпатија ќе биде неопходна за да не ни се случи светски крах.
МАРИЛИ: Вие сте активна и интернационално. Какви се Вашите сознанија за тоа како работи модниот свет денес, се одржуваат ли модни ревии?
КНЕЗ: Се е веќе виртуелно, нашата реалност се подели и се помеша помеѓу вистина и измислена вистина. За жал, селективната субјективна природа на човекот го натера да живее реално во имагинарен свет, а за возврат да изгуби од себе. Во моментов е хаос во модниот свет, стари имиња се гасат или со очај се обидуваат да се прилагодат на новонастаната ситуација, а со нови естетски се форсира се што е поткрепено акциски и целиот фокус е кон дефеминизација. Што е разбирливо после толку време поминато во потрага по еднаквост!
МАРИЛИ: Се лансираат нови модни трендови инспирирани од пандемијата. Каков е Вашиот став околу тоа?
КНЕЗ: Никогаш не сум била обожавател на трендови, имам конфликт со времето откако паметам за себе, почнав да стареам наназад и не можам да се помирам со идејата дека треба да послушам некого како треба да изгледам. Исклучителен индивидуалист сум и единствена трендовска промена која би ја применила на себе е онаа која може да се прилагоди на мојот стил. Истото е и професионално и среќна сум што конечно разработив формула која ми одговара лично на мене и ги задоволува потребите на моите клиенти, но не по секоја цена.
МАРИЛИ: Колку е важно, според Вас, во овој период да го задржиме добриот вкус и цивилизациските придобивки од модата, иако сме преоптоварени од грижа за здравјето?
КНЕЗ: Можеби најважно. Сфатете ме како сакате, но, тренерките и вишокот килограми нема ниту да ве заштитат, ниту, пак, да ви го сочуваат здравјето. Секоја жена мора да остане негувана, во рамките на нејзините можности, се разбира. Знам дека не е лесно, лично имам поминато низ жив пекол повеќе пати во животот, но на крајот од денот ти останува само тоа како ќе се носиш со дадената ситуација и сопствените одлуки во истата. Па, ако треба да умрам, одбирам тоа да биде на високи потпетици и некој феноменален стајлинг кој во тој момент знам дека ќе ме направи посреќна. Жена сум, мое е да блескам.
МАРИЛИ: Што ќе им препорачате на жените во овој период, како да си го разубават секојдневието од аспект на примена на модата и модните детаљи?
КНЕЗ: Многу е тешко да дадам совет сега во овој момент некому за тоа како треба да живее. Од сите страни сме нападнати здраствено, пред се, а потоа економски. Понатаму, целото наше секојдневие и сите наши навики висат на конец. Можеби волјата за подобро утре треба на секоја од вас да и биде мотивација за конечно да се избори со вишокот килограми, за да го нарача или повторно да го облече фустанот што ја прави да се чувствува фантастично. И полека, медитативно да инфилтрира позитивни мисли и здрави мали навики во секојдневието, чекор по чекор, малку по малку за да дозволи сама да се создаде големата слика за фантастична позитивна промена.
МАРИЛИ: Што значи една жена да биде средена во бренд, дали тоа подразбира комплетен надворешен изглед, или нешто повеќе?
КНЕЗ: Видете, времето во кое брендот го дефинираше статусот, полека се гаси, младите генерации се уште ја носат таа потреба за жигосување, но полека и сигурно потребата за повеќе информации, суштина, општествена одговорност, паметен и квалитетен избор преовладува и го завзема местото на празно брендирање заради престиж. Корисничката грижа е на прво место. Мислам дека овие млади луѓе денес заслужуваат многу повеќе внимание, сепак, не им ја дадовме доволно онаа основна љубов која им беше потребна додека растеа, ги оставивме на милост и немилост на виртуелниот свет.
МАРИЛИ: Што значи за дизајнерот како една личност ќе ја носи и доживува неговата креација?
КНЕЗ: Не смеам да го генерализирам одговорот, мене лично ми е најважно клиентот да добие дел од мојата магија и од мојата енергија. Иако често е тешко за верување, јас сум преемотивна личност и верувам во размена на енергии, тотемска заштита и секогаш тврдам со полн разум и свест дека позитивната мисла е посилна од негативната само доколку е искрена. Верувам во тоа дека парче накит или еден фустан може комплетно да ти го промени целиот живот и најсреќна сум кога ќе видам насмеани девојки со моите парчиња.
МАРИЛИ: Кое е Вашето мислење, колку модата во нашата средина се применува соодветно, како по однос на уличната мода, така и на деловната, но и софистицираната која треба личноста да ја претстави во право светло на право место?
КНЕЗ: Кај нас малку се случува еден социјален застој, ние, сепак, сме дел од исклучително сиромашно општество со комплетен недостаток на основна системска едукација. Сето тоа и тоа како резултира по жените во секојдневието, се уште се бориме со догми и наметнати принципи од стерилни индивидуалци кои добиле моќ на комплетно погрешен начин. Па така за една жена да дојде до мода, мора прво да се избори со милион скалила попатно, од домаќинка и мајка до кариеристка и уште мал милион ептитети кои општеството љуби да ги дели бескрупулозно и неосновано. Таа поделба интерна, која се повеќе не голта како нација ќе не донесе до пропаст како целина и не знам дали ќе има простор за експресивна слобода.
МАРИЛИ: Освен на модата и креацијата, на што друго сте силно и страсно посветени во својот живот?
КНЕЗ: Посвоив многу животни, создадов цел еден свет на растенија во мојот дом, сакам кога работите растат и се менуваат. Се трудам да сум што е можно поактивна, не гледам телевизија и серии, не пратам социјални медиуми повеќе од тоа што е потребно за мојата работа, сите нотификации ми се исклучени. Сакам мир. Знаете, кога ќе поминете еден цел живот вреден за три, потребно ви е внатрешно стабилизирање на секоја можна мала емоција и нема простор за компромис.
Статијата е прочитана 1394 пати.