Градиме здрави и среќни деца исполнети со многу љубов и внимание
Интервју со Билјана Караманолевска, генерален менаџер на детски градинки „Светот на Колорес“ во кое зборува за целта на функионирањето на „Светот на Колорес“ што е препознатлив бренд меѓу приватните детски градинки, за спецификите и предностите за престој на децата во оваа градинка, за тоа како се работи во услови на корона-криза и колку во време на пандемија се смени начинот на работа на градинките, како и за тоа колку е тешко во континуитет успешно да се менаџира со специфичен бизнис како што загрижувањето деца од претшколска возраст
МАРИЛИ: „Светот на Колорес“ е препознатлив бренд меѓу приватните детски градинки. Кои се спецификите и предностите за престој на децата во Вашата градинка?
КАРАМАНОЛЕСКА: Веќе неколку години успешно стоиме цврсто и постојано го градиме и го обновуваме нашиот бренд „Светот на Колорес“. Тајна на нашиот успех се максималната посветеност, грижа и љубов кон децата и средината во која работиме. Нашите градинки, кои ги имаме во општините Карпош и Аеродром, располагаат со пријатен, топол внатрешен простор и добро дизајнирана околина за игра и нега на децата што ја инспирира нивната љубопитност и го зајакнува учењето. При дизајнирањето на занималните особено внимание им се посветуваше на деталите и на боите што се користат за ентериерот. Ние ги правиме сите напори децата да се чувствуваат удобно и олабавено во текот на целиот ден за да можат да се фокусираат на учење преку игра. Градинките располагаат и со двор бидејќи од голема важност ни се игрите и активностите надвор, прошетките во парк и на Водно, кои ги практикуваме секојдневно во текот на цела година. Практикуваме час по детска јога, пливање, јавање, спортски и други физички активности. Нашата специфичност е во тоа што во програмата се вклучени еднодневни прошетки на кои се запознаваме со нашата околина, но имаме и повеќедневни екскурзии надвор од градот на кои децата се запознаваат со нашата татковина, но и добиваат можност да се осамостојат.
Децата се нашата иднина, а понудата на совршено место за зголемување на нивната креативност и помагање во развивањето на умот и на телото на балансиран начин е наша замисла. Наша цел е секое дете индивидуално да се здобие со одредени способности: да развие интелигенција, креативност и талент; да може само да донесува одлуки; да ги почитува и да се грижи за другите и за природата; да се развијат доверба и независност.
Нашиот тим е лиценциран и постојано се едуцира, посетува семинари на кои се надградува со нови идеи за поголемо усовршување на програмата што е изработена од нашиот стручен тим и адаптирана според потребите за правилен раст и развој на секое дете. Пристапот кон секое дете е индивидуален со максимална посветеност, со што им се овозможува брзо да се адаптираат и да ги почувствуваат топлината и позитивната енергија во нашата градинка.
Покрај развојот на личноста на детето, талентот, менталните, физичките, моторните, креативните и другите способности, се грижиме и за нивната правилна исхрана. Вклучени се работилници на тема „Здрави навики“ на кои децата ги учиме како правилно да ги измијат своите раце и колку често треба да ги мијат, колку се важни појадокот, ручекот, вечерата, ужината, а притоа тие да бидат здрави и хранливи. Среќни сме што сме дел од секојдневјето на нашите дечиња што секое утро не поздравуваат со насмевка на лицата. Токму за нив создаваме еден нов свет, во кој заедно испишуваме безброј приказни.
МАРИЛИ: Што значи да се работи во услови на кризата со коронавирусот и колку во време на пандемија се смени начинот на работа на градинките?
КАРАМАНОЛЕСКА: Протоколите што беа донесени поради кризата со Ковид-19 не претставуваа никаква тешкотија бидејќи, впрочем, тие се дел од нашето секојдневно работење. Честото миење на рачињата кај децата е составен дел во нашето работење, проветрување на просториите, секојдневна дезинфекција на градинката и на инвентарот во неа... Ние сме градинка што се води од мотото „колку што повеќе ја користиме природата, толку ќе бидеме поздрави“. Нашите деца секојдневно излегуваат на прошетка, се движат без оглед дали надвор е ладно, има снег или е топло. Децата се приспособливи на секоја средина и доколку правилно ги насочиме тие многу лесно ќе може да ги користат ресурсите на природата. Градиме здрави и среќни деца исполнети со многу љубов и внимание.
МАРИЛИ: Колку е тешко во континуитет успешно да се менаџира со специфичен бизнис, како што е Вашиот, за загрижување деца од претшколска возраст и колку знаење и постојана едукација се внесува за да се одговори на барањата на современите, модерни родители?
КАРАМАНОЛЕСКА: Постојаното надградување на целокупниот персонал, едукативните семинари, вебинарите, како и евентите, во нашите градинки се задолжителен дел од нашето функционирање. Постојаната едукација нѐ прави да бидеме во тек, да ги следиме светските пристапи кон дечињата на претшколска возраст и да постапуваме соодветно. Современите или модерните родители се доволно информирани во каква средина го носат своето дете, дека грижата ќе биде на највисоко ниво, едукацијата и спортот задоволени според возраста, како и позитивниот фидбек во однесувањето на самото дете. Искрениот пристап, отвореноста, индивидуалните и групните родителски средби и разговори со родителите нѐ прават да се чувствуваме задоволни од успесите што ги доживуваме секојдневно, благодарејќи на нашиот целокупен тим, како од вработените, така и од родителите на нашите деца.
МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?
КАРАМАНОЛЕСКА: Јас можам само да пратам една порака до сите жени, без оглед на која позиција се наоѓаат во работењето. Секоја жена може да биде успешна во своето работење, само ако тоа што го посакува го сака искрено, со целото свое срце и ако може максимално да му се посвети на тоа што го работи. Негативните мисли никогаш не ќе можат да донесат позитивен живот, грешките што ги правите се само доказ дека сте се обиделе нешто да направите – не откажувајте се!
Тајната за напредок гласи: „Направете го првиот чекор и борете се за реализација на сопствените идеи.“
Статијата е прочитана 2013 пати.