Енергетика, цврст отпад и вода на Меѓународниот саем RENEXPO® во Скопје

Повеќе од 50 меѓународни и домашни компании од областа на енергетиката и управувањето со водите и цврстиот отпад се присутни на штандовите на Меѓународниот саем RENEXPO® во Скопје. Саемот денеска и утре првпат се одржува во државава во организација на компанијата REECO International, која е организатор на саеми, изложби и конференции низ цела Европа.

Генералниот директор на REECO International, Јохан-Георг Ром порача дека саемот е вистинското место за зголемување на инвестициите во зелената енергија и додаде дека во наредните два дена повеќе од 10 презентери и над 1.500 експерти ќе учествуваат на тркалезните маси, конференциите и дискусиите во рамките на саемот за да ги претстават своите трудови за планираните и спроведени проекти во секторите енергетика, заштита на води и управување со отпад.

„Бидејќи ова е прв ваков саем во Македонија, многу странски компании се заинтересирани да ги покажат своите технологии и да воспостават партнерства со локаните претпријатија и институции“, рече Ром.

Тој потсети дека претходно вакви саеми се одржале во Србија, пред шест години, и во Босна и Херцеговина, пред четири години.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев посочи дека со новиот Закон за енергетика широко се отвори просторот и вратата за инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ) во земјава и ги повика присутните експерти да се вклучат во јавната расправа за Стратегијата за енергетика што ќе трае до крајот на годинава и да се изјаснат за едно од трите предвидени сценарија – референтно, за умерена енергетска транзиција и зелено сценарио.

Тој потецираше дека земјава е енергетски сиромашна и оти се исцрпуваат резервите на јаглен поради што, како што рече, единствена алтернатива за енергетиката остануваат ОИЕ, особено сончевата енергија со која изобилуваме.

Анѓушев потсети дека веќе се изградени 72 мали хидроелектрани, а 30 се во фаза на изградба, дека ќе следи тендер за големата хидроелектрана „Чебрен“, дека е предвидено да се градат ветерни паркови со вкупна инсталирана моќ од 180 мегавати и фотоволтаици со вкупна инсталирана моќ до 200 мегавати.

„ЕСМ веќе потпиша договор за изградба на фотонапонска електрана од 10 мегавати во РЕК ’Осломеј’, а наскоро ќе следи уште еден тендер за изградба на дополнителни 10 мегавати. Успешно заврши јавната постапка за изградба на фотоволтаици со вкупна инсталирана моќ од 35 мегавати на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод, а ќе следи за 27 мегавати на приватно земјиште. Ќе следи и објавување тендер за изградба на фотоволтаична електрана на местото на исцрпениот рудник за јаглен во Осломеј со вкупна инсталирана моќ од 100 мегавати, што ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнерство (ЈПП)“, рече Анѓушев на отворањето на саемот.

Токму изградбата на фотоволтаици во Осломеј тој ја оцени како најдобар пример за енергетска транзиција во регионот на Западен Балкан.

„Рудникот за јаглен ќе се рекултивира и ќе се гради фотонапонска електрана од 100 мегавати по принципот на ЈПП. ЕСМ ќе го понуди земјиштето, трафостаницата која го опслужуваше РЕК ’Осломеј’, приклучокот на мрежата и балансирањето на системот, а инвеститорот ќе треба 100-процентно да ја инвестира изградбата на фотоволтаикот. Тендерот ќе го добие оној инвеститор кој ќе понуди најголем процент од идниот приход на фотоволтаикот“, рече Анѓушев.

На тркалезна маса министерот за економија, Крешник Бектеши порача дека е задоволен од динамиката со која се реализираат новите ОИЕ во земјава.

„Аукцијата заврши вчера и имаме 11 нови инвеститори кои ќе изградат фотоволтаици со вкупна инсталирана моќ од 35 мегавати. За да можат да ги градат фотоволтаиците не само што премиумот ќе им биде ’0’, туку и ќе и дадат три милиони евра на државата. Тоа е вин-вин ситуација од која добиваат државата, домаќинствата и индустријата“, рече Бектеши.

Тој појасни дека трите милиони евра што ќе легнат во Буџетот ќе се искористат за одржување на инфраструктурата на сите инвестиции, како и за расчистување на сите проблеми поврзани со сопственоста на земјиштето на кое се планира да се градат фотоволтаици, што, според него, ќе даде можност за нови инвестиции во иднина.

Пренеснео од МИА
 


Статијата е прочитана 1307 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско