Вицегувернерката Митреска: Вештачката интелигенција отвора можности за раст на продуктивноста во регионот
Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на Конференцијата за европска економска интеграција (Conference on European Economic Integration – CEEI 2026), во организација на Народната банка на Австрија и Народната банка на Полска, која се одржува деновиве во Виена. Овогодишната конференција е посветена на темата „Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) во свет што се менува: геоекономија, технологија и демографски промени“, а во рамките на неа Митреска учествуваше на панел-дискусијата „Дали вештачката интелигенција и технолошките иновации ќе го забрзаат растот на продуктивноста во земјите од ЦИЈЕ?“.
Во своето излагање таа истакна дека примената на вештачката интелигенција може да им помогне на земјите од Западен Балкан да надминат дел од структурните ограничувања, особено забавениот раст на продуктивноста и недостигот од работна сила. Сепак, пониското ниво на дигитализација, недостигот од квалификуван кадар и ограничените инвестиции во истражување и развој го забавуваат искористувањето на нејзиниот потенцијал. Според податоците презентирани во излагањето, расходите за истражување и развој во земјите од Западен Балкан изнесуваат само 22% од просекот на ЕУ.
Осврнувајќи се на влијанието врз пазарот на труд, Митреска посочи дека засега нема позначајни докази за масовно губење работни места како последица од примената на вештачката интелигенција во регионот, каде што помалку од 10% од компаниите активно ја користат. Според податоците на Светската банка, околу 20% од работниците во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа се на работни места изложени на генеративна вештачка интелигенција. Изложеноста е поголема кај високообразованите работници (34%), во споредба со оние со пониско ниво на образование (7%). Истовремено, околу 30% од работниците веќе користат алатки за вештачка интелигенција, најчесто неформално.
„Најголемата можност за регионот не е во развојот на најнапредните технологии, туку во нивното брзо и ефикасно усвојување. Преку примената на постојните решенија за вештачка интелигенција, компаниите можат да ја зголемат продуктивноста и конкурентноста и полесно да одговорат на недостигот од работна сила“, посочи Митреска.
Таа ги издвои индустријата, логистиката и финансискиот сектор како области со значителен потенцијал за примена на новите технологии, нагласувајќи дека нивното влијание врз пазарот на труд ќе бара и континуирано унапредување на знаењата и вештините на работниците.
Таа нагласи дека приоритет за регионот треба да биде поддршката за малите и средните претпријатија, развојот на дигиталните вештини и инвестициите во инфраструктурата, со цел придобивките од вештачката интелигенција да се преточат во повисока продуктивност и побрзо економско приближување кон ЕУ.
Статијата е прочитана 66 пати.



























