Интервју со Ненад Баткоски, публицист, преведувач и поранешен новинар: „Три децении во служба на книгата“

Интервју со Ненад Баткоски, публицист, поранешен новинар и главен уредник на издавачката куќа „Бата прес“. Повод за интервјуто е неговата најнова публицистичка книга - монографија „ Записи за културата и за книжевноста“, на повеќе од 300 страници, која излезе од печат во октомври годинава. 

Баткоски е автор и на публицистичкото дело „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“,  „Македонска бизнис елита“ и коавтор на книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“. Превел 30 книжевни дела на македонски јазик, генерално од српски, хрватски, француски и бугарски јазик. 

Работел како новинар во весниците „Борба“, „Република“, „Долар“ и други, а бил главен уредник на новинската агенција МИА. Бил директор на списанието „МИС“, соработувал со бугарскиот неделник „Време“ и со франкофонски медиуми во Лозана и Париз, како и со весници во Словенија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. 

МАРИЛИ: За какво дело станува збор и што опфаќа книгата „Записи за културата и за книжевноста“?

БАТКОСКИ: Книгата ги обединува моите повеќедецениски новинарски и критички текстови посветени на културниот живот, книжевноста и издаваштвото. Во неа се поместени избор од колумни, есеи, рецензии, интервјуа и тематски осврти кои ја следат еволуцијата на македонската културна сцена од осумдесеттите години до денес.

Замислена е како документ за едно време, но и како личен запис за луѓето, делата и идеите што ја обликуваат нашата книжевна традиција. Рецензент на оваа моја најнова публицистичка книга е универзитетскиот професор д-р Васил Дрвошанов.

МАРИЛИ: Дали таа се надоврзува на вашите претходни книги?

БАТКОСКИ: Ова е моја четврта публицистичка книга. Во почетокот на 2025 година го објавив трудот „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“, кој наиде на голем интерес и беше широко претставен во медиумите.

Во списанието „Современост“, кое годинава слави 75 години постоење, професорот д-р Васил Дрвошанов објави опширна статија од 50 страници посветена на таа книга.

Пред тоа, во 1996 година ја објавив публицистичката книга „Македонска бизнис елита“, а во 2017 година, заедно со коавторите Димитар Илиевски и Љубомир Хаџи-Манев, ја објавив монографијата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“.

МАРИЛИ: Книгата е објавена на повеќе од 300 страници и е поделена на два дела. За кои настани, медиуми, автори и книги пишувате?

БАТКОСКИ: Во првиот дел се објавени текстови што првпат се појавија во осумдесеттите и првата половина на деведесеттите години во весниците „Борба“, „Вечерни новости“, првиот македонски независен дневен весник „Република“, „Млад Борец“, „Трудбеник“, „Долар“, „Фокус“, „Нова Македонија“, „Дневник“ и други.

Поместени се текстови за Скопје и опасностите од забрзаната урбанизација (интервју со архитектот д-р Благоја Колев од 1983 година), извештаи и есеи за Струшките вечери на поезијата, како и интервјуа со добитниците на Златниот венец во втората половина на осумдесеттите: Сачидананд Хирананда Ватсјајана – Агјеј, Јанис Рицос, Томас Шапкот, Андреј Вознесенски, Хорхе Хусто Падрон и други.

Посебно внимание е посветено на изборот и доделувањето на „Борбината“ награда за архитектура, како и на ексклузивните текстови за тогаш младиот пијанист Симон Трпчески (1995).

Неодминливо е и моето родно Вевчани и училиштето „Страшо Пинџур“, за кое во 1985 година, по повод 150 години постоење, пишував во „Трудбеник“ под наслов „Детето да ојт на даскал“.

МАРИЛИ: Вториот дел е посветен на записите за книжевноста. Што се може да се прочита во овој дел?

БАТКОСКИ: Книгата е замислена и како јубилејно издание – монографија по повод триесет години од издавачката дејност на „Бата прес“, во која сум главен уредник на повеќе од 400 објавени дела.

Во „Записите за книжевноста“, што повеќе од две и пол децении ги објавував во македонските медиуми (најмногу преку МИА), во Индексот на имиња на крајот од книгата се поместени над 450 имиња на домашни и странски автори, преведувачи, членови на редакцијата и други соработници. За авторите, покрај приказите за делата, се направени и кратки биобиблиографски белешки.

Најмногубројни се преводите од турски автори – Назим Хикмет, Азиз Несин, Ајфер Тунч, Ѓулсерен Будајџуоглу, Асли Перкер. Со поддршка од ЕУ се објавени над 30 дела од европски автори, како и неколку книги од засега единствениот арапски нобеловец – писателот Нагиб Махвуз. Поместени се и бестселери и капитални дела за Бил Гејтс, Доналд Трамп, како и книги од реномирани руски, американски, канадски, австралиски, скандинавски, индиски, филипински и други автори.

Тимот на „Бата прес“, предводен од директорот Филип Баткоски, ја претстави македонската книжевност на саеми во Франкфурт, Истанбул, Сао Паоло, Обединетите Арапски Емирати, скандинавските земји...

Издавачката куќа редовно учествува на скопскиот и на другите саеми на книгата во државата. Сето тоа, претходно објавувано во медиумите, сега е на едно место – во монографијата „Записи за културата и за книжевноста“, како културно наследство и сведоштво за нашето време.

МАРИЛИ: Постои ли заедничка нишка низ вашето творештво?

БАТКОСКИ: Да – мојата постојана верба во културата како темелна општествена вредност. Без разлика дали пишувам новинарски текст, рецензија или публицистички запис, секогаш се водам од идејата дека културата е простор на дијалог, паметење и иднина.

Стремежот да се зачува достоинството на книгата, да се афирмираат авторите и да се поттикне критичко читање е присутен во секој мој текст. Културата не е луксуз, туку потреба.

МАРИЛИ: Кажете нѝ повеќе за идејата за насловницата и значењето на 30 години „Бата прес“?!

БАТКОСКИ:  Насловницата е визуелен симбол на континуитетот – комбинација од класични графички елементи и современа естетика која ја одразува мојата професионална патека: од новинарството, преку критиката, до издаваштвото.

Опстојувањето 30 години како издавачка куќа во македонската економија е подвиг што бара адаптација, труд, верба во книгата и способност да се издржат турбуленциите на транзицијата, дигитализацијата и промените во читателските навики.

„Бата прес“ опстана затоа што секогаш се водеше од квалитет, професионализам и чесна работа.

МАРИЛИ: Од кога датира и колку долго трае соработката со агенција „Марили“?

БАТКОСКИ: Соработката со „Марили“ е пример за професионален однос и визија која трае повеќе од три децении. Специјализираните бизнис изданија на агенцијата се препознатливи по јасната концепција, уредувачката политика и по способноста да ги поврзат економијата, менаџментот и претприемништвото со современите комуникациски практики.

Во монографијата се поместени две опширни рецензии за јубилејните изданија на „Марили“ – монографијата „Успешни жени менаџери“ (2006) и „Бизнис каталог на РС Македонија“ (2026), во кои го изразувам моето високо мислење за овие значајни дела.

Овде би сакал да ја нагласам извонредната долгогодишна соработка со генералната менаџерка, мадам Лидија Трипуноска, со која повеќе од 30 години успешно соработуваме на заеднички и посебни проекти.

МАРИЛИ: Како да се зголеми читачката публика на хартиени книги?

БАТКОСКИ: Потребни се три работи: – системска поддршка за библиотеките, издавачите и книжарите; – едукација и промоција на читањето од најрана возраст; – квалитетни изданија кои нудат вистинска вредност.

Хартиената книга има своја магија и трајност. За да ја зачуваме, мора да создадеме културна средина која го цени внимателното читање, а не брзата дигитална консумација.

Идни планови за „Бата прес“?

По три децении работа, „Бата прес“ продолжува со јасна визија:

 – проширување на издавачката продукција;

– нови преводи од домашни, современи европски и светски автори;

– дигитална присутност која ја надополнува хартиената книга;

– тематски едиции посветени на културната историја, публицистиката и младите автори.

Целта е да се задржи квалитетот, да се следат современите трендови и да се продолжи мисијата на афирмација на книгата како трајна културна вредност.

Биографски податоци на авторот

Роден сум 1958 година во Вевчани. Дипломирав новинарство на Факултетот за политички науки во Белград, а паралелно студирав француски јазик на Филолошкиот факултет на Белградскиот универзитет. Професионално работев како новинар, а како главен уредник на „Бата прес“, од 1996 година до денес подготвив за објавување над 400 наслови од домашни и странски автори. Преведувам книжевни дела од француски, српски, хрватски, бугарски и други јужнословенски јазици.

Автор сум на публицистичките дела што ги спомнав претходно.

Во 2022 година се пензионирав како советник во Министерството за одбрана.


Статијата е прочитана 794 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete