Интервју со прим. д-р Андријана Ѓорѓеска: „Естетските процедури треба да се изведуваат исклучиво во соодветни здравствени установи, од стручен кадар и со регистрирани препарати“

Интервју со примариус д-р Андријана Ѓорѓеска, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од Скопје. 

Прим. д-р Ѓорѓеска беше дел од одбележувањето на 10-годишнината на „Марили Бизнис Клуб“ во октомври годинава, каде беше одржана и сеопфатна едукација за естетската медицина, придобивките, опасностите од нејзината неадекватна примена и за најновата терапија за регенерација и ревитализација на кожата и косата со егзозоми.

Прим. д-р Ѓорѓеска говореше на тема: „Компликации од естетски процедури – Што понатаму кога „Инстаграм трендот“ ги засенува медицинските ризици“, и преку практични примени ги образложи последиците од употреба на несоодветни материјали и кога неедуциран кадар ги врши естетските корекции во несоодветни установи.

МАРИЛИ: Почитувана д-р Ѓорѓеска, неодамна бевте предавач на едукација за естетската медицина во рамки на „Марили Бизнис Клуб“. Колку се важни ваквите едукации за превенција и претпазливост?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: Како хирург, повеќе од 20 години сум во секојдневна комуникација и контакт со пациентите. Со естетска медицина и естетска хирургија се занимавам повеќе од 15 години.

Денес многу почесто за разлика од минатото преку реклами на социјалните мрежи, списанија, влијание на се популарните инфлуенсери и блогерки, пациентите доаѓаат „информирани” за одредени интервенции и процедури.

Но во хирургијата и медицината не е се така розово како што е претставено на рекламите. Секоја процедура е оптоварена со можност од настанување на компликација и несакани реакции. Ние како доктори сме свесни и добро запознаени, но пациентот кој е од спротивната страна често пати не е свесен за одредени опасности на кој се изложува.

Како доктори, нашата должност е на пациентот да му обезбедиме најдобар третман. Заради тоа сметам дека едукациите се неопходни и исклучително важни.

МАРИЛИ: Вашето предавање беше во насока на користење на несоодветни/неакредитирани материјали при естетска хирургија, аплицирање од страна на нестручен кадар и несоодветен постоперативен третман. Накусо, наведете ги опасносните и последиците од сите наведени неправилности?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: Естетските процедури, било да станува збор за неинвазивни или се работи за хируршки естетски интервенции, се изведуваат исклучиво кај здрави пациенти, од страна на доктор и во соодветна здравствена установа.

Употреба на одредени препарати кои не се регистрирани во нашата држава како и изведување на одредени интервенции од недоволно едуциран и стручен кадар, носи ризик не само од лош естетски резултат, но што е многу побитно, ризик од загрозување на здравјето, а некогаш дури и животот на пациентот.

МАРИЛИ: Колку се чести естетските интервенции во однос на здравствените? Кои се најчести побарувања на пациентите кога станува збор за естетска хирургија?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: На Клиника за Пластична и реконструктивна хирургија каде што работам повеќе од 20 години, основната дејност е хирургија на тумори и карциноми на кожа, хирургија на шака, третман на изгореници и компликации од изгореници, реконструктивни процедури на гради после операција на карцином на гради. Тие здравствени интервенции доминираат на дневно ниво.

Естетските интервенции се актуелни во последниве 15 години. Од хируршките најчесто изведувани се корекција на очни капаци, корекција на клемпави уши, липосукција, корективни  и естетски операции на гради. Од неинвазивните процедури, најчесто користен е ботулинум токсин. Во последно време сѐ повеќе се актуелни регенеративните процедури за разубавување како ПРП, ПРФ т.н. скин бустери, мезо тераписки коктели на база на аминокиселини и витамини.

МАРИЛИ: Често изведуван хируршки зафат е и блефаропластиката. Објаснете нѝ накусо што е блефаропластика и колку често се изведува?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: Блефаропластика е хируршка интервенција со која се отстранува вишокот кожа и дел од масното ткиво од горните и/или долните очни капаци.

Блефаропластиката е најчесто изведувана хируршка процедура на светско ниво.

На последниот конгрес на кој бев присутна во јули 2026, во Тбилиси, Грузија беше прикажана статистика од страна на ISAPS - според која на годишно ниво вкупно се извршени 2.115.360 блефаропластики.

Кај нас исто така е најчесто изведувана операција.

Операцијата се изведува во локална анестезија, пациентот истиот ден си оди дома, опоравувањето е брзо, и има исклучително голема ефикасност во намалување на знаците на стареење.

МАРИЛИ: Со оглед на тоа дека пластичната и реконструктивната хирургија напредуваат исклучително брзо, колку ги следите трендовите и колку често посетувате медицински едукации, обуки и симпозиуми? Колку современите достигнувања во оваа област се користат кај нас?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: Континуирана медицинска едукација е неопходна за било која гранка од медицината.

Нашата професија е таква што учењето не завршува со завршување на медицински факултет. Напротив, за еден доктор да е квалитетен во својата професија, мора да се усовршува, специјализира и да ги следи светските трендови и новитети.

Во рамките на моите можности, професионални и приватни, се трудам да бидам во тек со сите актуелни случувања поврзани со мојата работа преку посета и активно учество на конгреси, симпозиуми, работилници, вебинари итн. Морам да напоменам, не заостануваме од светот во однос на современите достигнувања.

МАРИЛИ: Покрај тоа што сте специјалист по општа хирургија и супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија, бевте и долгогодишен член на Катедрата по Хирургија на Медицинскиот факултет. Кажети нѝ, какви се интересот и одѕивот на студентите за оваа област?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: Во времето кога јас дипломирав и почнав со волонтирање на Клиниката за Пластична хирургија, бев сама, а една година пред мене вработени беа само две колешки. Сега имаме повеќе од 15 специјализанти, и бројката сама зборува за интересот на младите доктори.

Имам впечаток голем број од нив кога доаѓаат не очекуваат тешко болни пациенти, повреди на шаки, изгореници итн.  Интересот на почеток им е повеќе насочен кон естетските интевенции, но тие што навистина имаат љубов за хирургија, брзо се адаптираат.

МАРИЛИ: Која е Андријана Ѓорѓеска кога не е лекар и професор? Што Ве исполнува и како успевате да ги балансирате деловните и приватните обврски?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃЕСКА: Надвор од мојата професија јас сум ќерка, сопруга и мајка. Ме исполнува времето поминато со моето семејство.

Моите две ќерки се мои најдобри другарки. Сакаме да патуваме и честопати организираме кратки патувања низ Македонија и во странство.

Љубител сум на скијање и секој слободен ден на зима го користиме за зимски спортови. Летните месеци ги поминуваме на море.

Сакам да одам на добри концерти, интересни претстави, да излезам со моите пријателки.

Професионалните обврски се големи, животните исто така, но со компромис, баланс и голема помош од моите родители и сопругот, успевам да го постигнам најдоброто.

 

 


Статијата е прочитана 215 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete