Куклена изложба „Тивки актери, гласни приказни“ на Љубица Велкова во Музеј на Македонија - Ретроспектива на македонското кукларство

Авторката Љубица Велкова ќе одржи изложба насловена како „Тивки актери, гласни приказни“ и ве повикува на ретко ретроспективно патување низ децениите на македонското кукларство. Изложбата ќе биде отворена во етнолошката поставка во Музејот на Македонија на 05.11.2026 (четврток) со почеток во 19 часот, а ќе биде поставена до 29.11.2026. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Од историските почетоци во 1946 година со визијата на Светлана Малахова, па сѐ до современите дизајни на Театарот за деца и младинци, оваа поставка го слави кукленото творештво не како минлива игра, туку како комплексна и рамноправна уметничка дисциплина. 

Настанот ќе го отвораат кураторката Јасминка Намичева и Љубица Велкова.

Секој театарски чин започнува со исчекување во темнината на салата, каде вниманието на публиката природно се фокусира врз физичкото присуство на актерот и експресијата на изговорениот збор.

Меѓутоа, уметноста на куклениот театар крие еден поинаков, посуптилен феномен. Пред куклата да го започне својот сценски живот, пред воопшто да ѝ биде позјмен глас, таа веќе поседува сопствен естетски и емотивен карактер.

Тој внатрешен идентитет е обликуван уште во самата структура на суровиот материјал, преку имагинацијата на дизајнерот, уметникот во сенка, чија визија и мајсторство му втиснуваат душа на она што дотогаш било само нема и празна форма.

Ослободени од сценската динамика и изложени во галерискиот простор, овие кукли не ја губат својата драмска функција, нивната неподвижност е само драмска пауза, а нивната тишина најгласниот говор на формите.

Поставката ја надраснува својата примарна ретроспективна функција, прераснувајќи во искрен апел за соодветни музеолошки стандарди, архивирање и сериозна институционална поддршка со цел трајно зачувување на нашето куклено творештво.

 Продукција : театар Сенки и облаци

Куратор: Јасминка Намичева

Стручен соработник: Кирил Василев

Дизајн на плакат: Бранкица Јордановска


Статијата е прочитана 91 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete