Успешната мисија на м-р Едита Даутовиќ - лидерка, претприемачка и поетеса од Црна Гора

Интервју со м-р Едита Даутовиќ, основачка и генерална менаџерка на Агенцијата за недвижности „Милениум“ од Подгорица, лидерка и претседателка на Здружението на претприемачки на Република Црна Гора повеќе од 10 години, хуманитарка и поетеса. 

М-р Даутовиќ беше специјална гостинка на минатогодишната и овогодишната јубилејна средба на „Марили Бизнис Клуб“ која се одржа овој месец и им се обрати на присутните. 

Покрај за нејзиниот животен и деловен пат, Даутовиќ во интервјуто говори за Меѓународната бизнис конференција којашто ќе се одржи на 19 ноември во Подгорица, Р. Црна Гора. 

И Скопје ќе има чест да го запознае книжевниот опус на авторката Едита Дауто­виќ на 29 октомври 2026 година, во 19 часот, во Музејот на македонската борба.

МАРИЛИ: Г-ѓа Дауто­виќ, годинава одбележувате 20 години успешна работа на вашата Агенција за недвижности „Милениум“ од Подгорица. Кои услуги ги нуди компанијата и што Ви значи овој јубилеј?

М-Р ДАУТОВИЌ: Дваесет години претприемништво за мене претставуваат две децении работа, учење, предизвици и убави успеси.  Ја основав Агенцијата за недвижности „Милениум“ во Подгорица во 2006 година, со цел на пазарот да понудиме не само професионална услуга, туку и доверба, одговорност и етика, вредности што клиентите денес сè повеќе ги препознаваат како непроценливи.

Во 2009 година го воведов сметководството во моето деловно работење, а од 2014 година сум претседателка на Здружението на претприемачки на Црна Гора. Воедно, ја покренав и третата дивизија во мојата компанија, со што започнав да се занимавам и со проектен менаџмент.

Горда сум што успеав да го одржам својот бизнис, но уште повеќе сум горда на луѓето и соработките што ги остварив во текот на овој пат. Секоја година донесе нова лекција и ново искуство. Денес овој јубилеј го доживувам како потврда дека упорноста, знаењето и вербата во себе секогаш се исплатуваат.

МАРИЛИ: Што ја одбележа годинава во однос на работата на Здружението на претприемачки на Црна Гора, чија претседателка сте повеќе од една деценија?

М-Р ДАУТОВИЌ: Оваа година е секако во знак на поддршката, поврзувањето и зајакнувањето на жените. Кога ќе се направи осврт на сето она што е реализирано во текот на една година преку работата на Здружението на претприемачки на Црна Гора, тешко е сите активности да се сведат на само неколку точки. Зад секој настан стојат жени, нивните идеи, предизвици и успеси.

Основната идеја беше поддршката за жените во бизнисот да биде континуирана – преку менторство, развој на деловни идеи, изработка на бизнис-планови, едукации и информирање за програмите за поддршка и можностите за финансирање.

Важен дел од годината го одбележаа саемите, кои им овозможија на жените да ги претстават своите производи, да запознаат купувачи и партнери и да ги отворат вратите кон нови пазари. Традиционалниот Саем на женско претприемништво, одржан во мај во „Mall of Montenegro“, ги обедини претприемачките и креативките и го поврза женското творештво со промоцијата на претприемништвото и одбележувањето на Денот на Европа. Саемот на црногорското мултикултурно творештво, одржан од 4 до 6 јуни, ги претстави културното наследство, традиционалните занаети, домашните производи и творештвото, со посебен акцент на жените претприемачки.

Круна на годината беше конференцијата „Моќта на жената“, чие 13-то издание, одржано во 2025 година, повторно ги обедини жените од деловниот, институционалниот и општествениот живот и отвори простор за разговор за лидерството, иновациите и развојот на претприемништвото. Најважниот резултат не се само реализираните настани, туку и контактите што прераснуваат во соработка, идеите што се претвораат во бизниси и жените што добиваат храброст да направат нов чекор.

За оние што штотуку го започнуваат својот деловен пат, важен сегмент беше поддршката при изработката на бизнис-планови. Добрата деловна идеја го добива својот вистински облик кога ќе се претвори во реален план, со јасно дефинирани цели, пазар, трошоци и можности за развој. Во текот на годината беа организирани и активности што им овозможија на жените дополнително да се информираат за достапните програми за поддршка, начините на финансирање, постапките за аплицирање и можностите за развој на бизнисот.

Целта не беше само да се даде информација, туку да им се помогне на претприемачките таа информација да ја претворат во конкретна можност.

Саемите се многу повеќе од места каде што се претставуваат производи – тие се простор за средби, поврзување и создавање нови деловни можности. Со години се трудам да им овозможам на жените да ја претстават својата работа, да најдат купувачи и да запознаат нови партнери. Особено ми е важно ниту една добра идеја да не остане незабележана. Кога ќе видам дека една жена по учеството на саем прави нов деловен чекор, знам дека нашиот труд имал смисла.

МАРИЛИ:  Вие сте основачка и организаторка на настанот „Моќта на жените“. Колку долго овој настан ги обединува жените од регионот и колку прерасна во нешто повеќе од обичен настан – простор за поврзување, размена на идеи, деловни можности и создавање нови женски партнерства?

М-Р ДАУТОВИЌ: „Моќта на жените“ е повеќе од настан – тоа е движење што трае веќе цели 14 години. Меѓународната конференција обединува жени од Црна Гора, регионот, Европа и дијаспората. Преку панел-дискусии, промоции, изложби и дружења создаваме простор за споделување искуства, идеи и поддршка. Поврзувањето што се случува на овој настан често прераснува во конкретни проекти, партнерства и пријателства.

„Моќта на жените“ е сложен, повеќеслоен и долгорочен проект што го реализира Здружението на претприемачки.

МАРИЛИ: Во ноември ја планирате Меѓународната бизнис-конференција. Можете ли да ни кажете какви се плановите и што за ќе се дискутира?

М-Р ДАУТОВИЌ: Да, во тек се подготовките за Меѓународната бизнис-конференција, која ќе се одржи на 19 ноември 2026 година. Посебна симболика на овој датум му дава фактот што тогаш се одбележуваат Меѓународниот ден на жените претприемачки и Меѓународниот ден на мажите. Токму преклопувањето на овие два датума го препознавме како можност да отвориме важна и актуелна тема – како преку меѓусебно разбирање, поддршка и партнерство можеме да создадеме посилно, поуспешно и поодржливо деловно опкружување.

Женското претприемништво денес претставува значаен двигател на економскиот развој, иновациите и новите деловни идеи. Истовремено, успехот во бизнисот често подразбира квалитетна соработка, размена на знаења, доверба и поддршка од луѓе што споделуваат исти вредности и цели.

Затоа верувам дека е важно да се зборува не само за зајакнувањето на жените во деловниот свет, туку и за значењето на партнерството, меѓусебното почитување и создавањето еднакви можности за развој и напредок.

Со поврзувањето на Меѓународниот ден на жените претприемачки и Меѓународниот ден на мажите сакаме да испратиме порака дека успехот не е прашање на поделби, туку на заеднички потенцијали.

Сакаме да ја истакнеме важноста на поддршката, довербата и соработката меѓу жените и мажите, без разлика дали станува збор за деловни партнери, ментори, инвеститори или луѓе што со своето искуство и дејствување придонесуваат за развојот на претприемачките иницијативи.

Нашата намера е конференцијата да биде место за средба на успешни деловни луѓе, размена на искуства, инспиративни разговори и поврзување што може да резултира со нови идеи, партнерства и конкретни деловни можности. 

Посебно внимание ќе посветиме на положбата и перспективите на женското претприемништво, но и на поширокото прашање како заедно да изградиме деловна заедница во која се вреднуваат знаењето, резултатите, иницијативата и меѓусебната поддршка.

Сметам дека е важно ваквите настани да ги надминат рамките на формалното одбележување одредени датуми и да станат поттик за промени, нови перспективи и долгорочна соработка. Токму затоа сакаме на 19 ноември да гледаме како на можност две важни општествени и деловни теми да се поврзат во една заедничка приказна за успехот, партнерството и развојот.

Концептот на конференцијата моментално е во фаза на осмислување, а повеќе детали за програмата, учесниците и содржините ќе претставиме навремено. Верувам дека иднината на успешниот бизнис лежи токму во поврзувањето – на идеи, знаења, искуства и луѓе подготвени заеднички да создаваат нови вредности.

Ако преку оваа конференција успееме да поттикнеме барем дел од таквите средби и соработки, ќе сметам дека сме направиле важен чекор кон остварување на нејзината суштинска идеја.

МАРИЛИ:  Со години реализирате проекти насочени кон жените претприемачки и лидерки. Кога започна овој Ваш ангажман и кои проекти би ги издвоиле како особено важни во долгогодишната работа?

М-Р ДАУТОВИЌ: Потекнувам од претприемачко семејство и отсекогаш имав можност да видам колку работењето е предизвикувачко, но и колку може да биде исполнувачко кога ќе ја преземете одговорноста и ќе водите сопствен бизнис.

Сметам дека секоја жена што сака да стане успешна лидерка треба да добие поддршка и охрабрување во тој процес. Затоа, како Здружение на претприемачки, работиме на проекти што им помагаат на жените да ги зајакнат своите деловни вештини, да го подобрат пристапот до финансиски средства и да изградат мрежи на поддршка.

Организираме обуки за претприемачки, ги промовираме жените во бизнисот преку различни иницијативи и работиме на зголемување на видливоста на жените лидерки во нашата заедница.

Мојата лична мисија и мисијата на Здружението не се само да ги инспирираме жените, туку и да им обезбедиме конкретни ресурси за побрз раст и напредок во претприемачкиот свет.

Конкретните и мерливи резултати што ги постигнавме се однесуваат на поддршката за жените во главниот град преку јавно-приватно партнерство, како и на проектниот менаџмент преку проектите: „Со знаење и обука до работа“, „Жената – движечка сила на општеството“, „Претпријатија што го поддржуваат семејството“, „Нови знаења, нови можности“, „Младите и претприемништвото“, „Зајакнати во бизнисот“, „Верувам дека можам“, „Јас знам“, „Претприемништво и креативна индустрија“, „Пат кон економска самостојност“, „Зајакнување на претприемачките преку развој на традиционални производи“, „Моќта на креативните занаети“ и многу други.

МАРИЛИ: Можете ли да ни го доловите патот на жените во менаџментот и претприемништвото во Црна Гора: од првите чекори до современите предизвици?

М-Р ДАУТОВИЌ: Во последните две децении во Црна Гора се забележуваат значајни промени во положбата на жените во деловниот свет. Од првите чекори на жените во приватниот сектор, кои бараа голема храброст, упорност и подготвеност за преземање ризик, до денес, жените остварија видлив напредок во менаџментот, раководењето и деловното одлучување.

Особено значајна е улогата на жените што презедоа одговорни управувачки функции во семејните претпријатија, но и на високообразованите жени кои со своето знаење и професионално искуство ја стекнаа довербата на домашните и странските инвеститори. Нивното присуство придонесе за афирмација на женското лидерство и за поголема застапеност на жените во деловното одлучување.

Сепак, напредокот во менаџментот не значи дека се постигнати и еднакви можности во претприемништвото. Започнувањето сопствен бизнис, пристапот до финансиски средства, деловните мрежи и пазарите и понатаму претставуваат предизвик за жените што сакаат да развиваат претприемачки иницијативи.

Може да се каже дека, како резултат на спроведувањето политики за развој на женското претприемништво и насочената програмска поддршка, женското претприемништво во Црна Гора бележи напредок во последните години.

МАРИЛИ: Кажете нѝ нешто повеќе за брендот „Coco Couture“?

М-Р ДАУТОВИЌ: Од самото основање, модното ателје, бутик и кројачки салон „Coco Couture“ гради приказна што ги спојува креативноста и хуманоста, бизнисот и вредностите на заедницата. Во нашето ателје во Блок 9 не се изработуваат само облеки – таму се создаваат можности.

Жените од ранливите категории имаат можност, преку курсеви, да ги совладаат рачните техники како везење, плетење, хеклање, изработка на таписерии, кроење и шиење. Тоа не се само занаети, туку вистински изрази на културниот идентитет и творечката убавина. Токму таа нишка на традицијата ја води мојата модна приказна.

Како што еднаш рекол Густав Климт: „Уметноста е линија околу твоите мисли.“ Во случајот на „Coco Couture“, таа линија е златна и го симболизира патот на храброста, поддршката и развојот.

Преку проектите „Поддршка од ИРФ преку женската линија“, „Catalyze EoG WB“ – USAID, потоа „Професионално го споделуваме знаењето“, „Златна приказна во креативните индустрии“ и „Моќта на креативните занаети“, овој бренд обедини жени од различни средини, обезбедувајќи им не само знаење, туку и чувство на припадност, сила и нов почеток.

Отидов и чекор понатаму, па го уредив и урбаното зеленило пред објектот – мала урбана градина, симбол на обновата и надежта. Трансформацијата не беше само физичка, туку и симболична. Ми покажа дека претприемништвото може да биде чин на создавање, но и израз на љубов кон просторот и заедницата. Претприемачката приказна на „Coco Couture“ стана пример за успешна деловна иницијатива во Блок 9 и доказ дека идејата, трудот и вербата можат да променат не само еден простор, туку и духот на целата населба. Така продолжува приказната за жената која од запуштено место создаде мало модно царство.

МАРИЛИ: Како ја гледате иднината на женскиот бизнис и вештачката интелигенција?

М-Р ДАУТОВИЌ: Верувам дека жените сè повеќе ќе ја користат технологијата како поддршка во своето работење. Вештачката интелигенција може да заштеди време, да ја подобри комуникацијата и да отвори пристап до нови пазари.

Сепак, технологијата не може да ги замени креативноста, искуството и човечкиот однос. Иднината ја гледам во спојот на знаењето, женското претприемништво и новите технологии.

МАРИЛИ:  Бевте специјална гостинка на „Марили бизнис клуб“ и минатата и оваа јубилејна година. Во 2022 година бевте прогласена за една од најуспешните жени менаџерки во рамки на проектот „Избор на најуспешни жени менаџери“. Колку ова признание и самото членство Ви отворија врати кон нови познанства, деловни контакти и соработка со жени од регионот?

М-Р ДАУТОВИЌ: Учеството во „Марили Бизнис Клуб“ ми овозможи да запознаам исклучителни жени – визионерки, лидерки и хуманитарки. Исто така, имав можност повторно да се сретнам со долгогодишни пријателки и успешни претприемачки.

Од овие средби произлегоа различни идеи и, што е најважно, нова енергија и можности за соработка во сродните деловни дејности на претприемачките од двете земји, на билатерално ниво.

Што се однесува до наградите, секое признание е потврда за досегашната работа, но и одговорност за она што допрва следува. Особено ми е драго што сè повеќе успешни и вредни жени од Црна Гора добиваат признанија во регионални рамки, бидејќи имаме многу што да покажеме.

И на овогодишната јубилејна средба на клубот во Скопје учествував како гостинка говорничка, во организација на „Марили бизнис клуб“, во Стопанската комора на Северна Македонија, каде што ги претставив резултатите и напредокот на женското претприемништво во Црна Гора, како и поврзаноста со регионот.

МАРИЛИ: Според Вашето искуство, колку е важно денес регионалното поврзување на жените – не само за бизнисот, туку и за размената на знаења, искуства и поддршка, како и за создавањето нови можности?

М-Р ДАУТОВИЌ: Регионалната соработка е клучна за напредокот на жените, особено во претприемништвото. Во денешниот глобализиран свет, ниту една жена или претприемачка не треба да биде изолирана во својата средина. Преку регионалната соработка, жените можат да разменуваат искуства, ресурси и деловни контакти, што овозможува создавање посилни и поконкурентни деловни мрежи.

Регионалните иницијативи овозможуваат и заедничко дејствување за намалување на пречките, како што се ограничениот пристап до финансии или недостигот од соодветни обуки.

За жените лидерки, регионалната соработка е извор на инспирација и енергија, бидејќи им дава можност да растат, да учат и меѓусебно да си помагаат.

Здружението на претприемачки на Црна Гора активно ја промовира регионалната соработка и организира низа настани што го поттикнуваат поврзувањето на жените на регионално ниво.

МАРИЛИ: По долгогодишната работа природно доаѓаат и признанијата. Кои награди и признанија заземаат посебно место во Вашата кариера и кои од нив имаат најголема лична вредност за Вас?

М-Р ДАУТОВИЌ: Би ги издвојила признанијата за промоција на женското претприемништво во земјите на Западен Балкан и Југоисточна Европа, кои повеќепати ги добив на „Призрен бизнис форум“ во 2014, 2015, 2016, 2017 и 2018 година.

Исто така, двапати ја добив престижната награда „Најжена на 19 век 2015“ во областа на недвижностите, за матичната земја и регионот, како и наградата „Најжена на 19 век 2016“ за промоција на иновативното социјално претприемништво и регионалното поврзување. Добитничка сум и на престижната награда „Дама на годината во регионот“ во 2017 година, за севкупното творештво, како и на наградата „Дама на годината 2019“ за женско претприемништво. На Меѓународната научна конференција за агробизнис „MAK 2019“, одржана на Копаоник, ја добив престижната плакета за развој на претприемништвото на Западен Балкан.

Една од наградите што ми се особено драги е меѓународната награда „POWER WOMEN 2022“, што ја добив од Занаетчиската комора во Кобленц и германската стопанска организација SEQA. Проектот е финансиран од Сојузното министерство на Германија за меѓународна соработка и развој (BMZ).

МАРИЛИ:  Вашето дејствување одамна ги надминува деловните рамки и го опфаќа и хуманитарниот ангажман. Кои хуманитарни акции и добротворни активности би ги издвоиле – оние што оставиле најдлабока трага во Вас, но и оние за кои верувате дека имале значајно општествено влијание?

М-Р ДАУТОВИЌ: Хуманоста е темелот на секој вистински успех. Учествував во бројни хуманитарни акции – од помош за деца без родители и поддршка за жени жртви на насилство, до донации за лекување болни и набавка на опрема за училишта и болници. Еден од проектите на кои сум особено горда е иницијативата „Дом на надежта“, која обединува жени од различни професионални области со цел да им се помогне на најранливите категории во општеството. Зашто, кога им помагаме на другите, си помагаме и себеси да станеме подобри луѓе.

Работам и на проектот „Знаењето во рацете“, наменет за набавка на наставни средства и помагала за образование на деца со посебни образовни потреби, во соработка со Ротари движењето во Црна Гора.

МАРИЛИ:  Во Вашата животна приказна проткаена е и една поинтимна, уметничка димензија – книжевноста. Од каде црпите инспирација за пишување?

М-Р ДАУТОВИЌ: Пишувањето е мојот внатрешен свет – место каде што тишината станува збор. Ме инспирираат луѓето, нивните животи, силата, тагата, надежта и борбата. Посебна инспирација ми е љубовта, како вечен и неисцрпен мотив, најсилното и најблагородното оружје што извира од самото човечко срце и претставува вистински спас не само за поединецот, туку и за целото општество. Моите зборови, преточени во стихови или проза, ги претвораат секојдневните емоции што нè допираат во вечност и го бараат својот пат до читателот.

Објавив повеќе збирки поезија и кратки раскази, а моментално работам на нова книга што ќе го обедини моето творештво низ призмата на жената – мајка, лидерка, борец и сонувач.

Книжевноста е мојот начин не само да оставам трага во времето, туку и да му порачам на светот дека зборот ослободува, дека дава сила и го потсетува човекот никогаш да не престане да се надева, да создава и да сака. Моето творештво им припаѓа на сите оние што во себе носат длабоки чувства, неискажани мисли, тивки борби и сила да веруваат во убавината на животот, и покрај сè. Му се обраќам на човекот, на неговата душа, на неговите надежи, ранливости, љубови и на сите оние емоции што нè прават вистински човечки суштества.

За мене, поезијата е многу повеќе од уметнички израз. Таа е средба на души, мост меѓу она што го чувствуваме и она што понекогаш не умееме да го изговориме. Ако барем една личност се препознае во моите стихови, почувствува дека не е сама или најде сила да продолжи понатаму, тогаш моето творештво ја исполнува својата најдлабока цел.

И Скопје ќе има чест да го запознае книжевниот опус на авторката Едита И. Дауто­виќ на 29 октомври 2026 година, во 19 часот, во Музејот на македонската борба.


Статијата е прочитана 330 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete