Интервју со д-р Горица Дачевска од ПЗУ „Др. Горица“ - Емпатија, врвни третмани, одлична дијагностика и стотици презадоволни пациенти

Интервју со д-р Горица Дачевска, специјалист по дерматовенерологија, врвен дијагностичар, сопственичка и генерална менаџерка на ПЗУ „Др. Горица“ во Скопје која успешно работи повеќе од 15 години. Современиот ласерски центар ги обединува традицијата, стручноста и најновите технологии во областа на дерматологијата и естетската медицина.

„Нашата главна дејност е насочена токму кон здравјето и убавината на кожата - од дијагностика и третман на дерматолошки заболувања“, вели д-р Дачевска во интервјуто за „Марили“. 

Д-р Дачевска е етаблирана лекарка и менаџерка, наградена како една од најуспешните жени менаџери на јубилејната, 30-та манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ која се одржа во април годинава, во организација на агенција „Марили“. 

Д-р Горица Дачевска ќе биде учесничка на едукативниот дел посветен на естетската медицина на 10-годишниот јубилеј на „Марили Бизнис Клуб“ кој ќе биде одбележан овој месец. 

МАРИЛИ: Од кога постои и што претставува денес ПЗУ „Др. Горица“? Кои се нејзините капацитети и кон што е насочена главната дејност?

Д-Р ДАЧЕВСКА: ПЗУ „Др. Горица“ постои повеќе од 15 години и денес претставува современ ласерски и медицински центар што ги обединува традицијата, стручноста и најновите технологии во областа на дерматологијата и естетската медицина. Нашата главна дејност е насочена токму кон здравјето и убавината на кожата - од дијагностика и третман на дерматолошки заболувања до најсовремени ласерски и естетски процедури и третмани наменети за сите генерации, а нашиот центар е отворен како за жените, така и за мажите.

Поседуваме современо опремени ординации, високо обучен медицински тим и напредна ласерска технологија што овозможува прецизни и безбедни резултати, како и задоволни пациенти и клиенти.

МАРИЛИ: Колку воведувањето протоколи, иновации и современа технологија придонесоа за европскиот лик на Вашата компанија?

Д-Р ДАЧЕВСКА: За мене европскиот лик не е само во опремата или изгледот на просторот (иако да бидам искрена, навистина се важни), но најважни ми се третманот и енергијата што му ги даваме на пациентот. Грижата за пациентите пред, но и по третман/интервенција ни е на прво место.

Секој протокол што го воведовме, секоја нова технологија што ја интегриравме е во чекор со новите технологии и стандарди во ревматологијата, насочена е во правец на подобро искуство и усовршување, поголема безбедност и повисок квалитет при работата и резултатите.

Отсекогаш цел ми било пациентот да добие европски третман, да биде задоволен без да мора да патува во странство. Денес можам со гордост да кажам дека го постигнавме тоа и се трудиме постојано да бидеме, како што често велат, „во чекор со времето“.

МАРИЛИ: Покрај тоа што сте врвен и докажан дерматовенеролог и дијагностичар, паралелно сте и долгогодишен менаџер. Како лекар, менаџер, но и човек што во континуитет има значаен импакт во здравствениот сектор, кажете ни колку се важни емоционалната интелигенција и емпатијата за добро менаџирање, а најбитно и за добра конекција со пациентите?

Д-Р ДАЧЕВСКА: Со текот на годините научив дека емоционалната интелигенција е подеднакво важна како и професионалната. Да бидеш добар лекар не значи само да ја поставиш точната дијагноза  туку и да ја разбереш личноста што стои пред тебе - нејзиниот страв, болка, очекувања, состојбата во очите и умот. Затоа внимавам на пристапот кон секој пациент без разлика на возраста, верата и тематиката на проблемот. Задолжителен ми е разговорот со моите пациенти и клиенти. Како менаџер, моето уверување е дека емпатијата е клуч за здрав колектив и мотивиран тим.

Лекарот што има емпатија кон пациентот и менаџерот што има емпатија кон својот тим - создаваат средина во која владеат доверба, почит и вистинска посветеност.

Среќна сум што со мојот тим сме на иста линија во која се комбинирани стручниот пристап и разбирањето на потребите и проблемите на пациентите. Затоа и често му велам на тимот дека дерматологот треба добро да направи процена на душевната состојба на пациентот, на неговите навики и на грижата за себе, па потоа да се земе дерматоскопот во рака или некоја друга алатка што е неопходна при работата.

Пациентот не доаѓа секогаш само по третман, понекогаш му се потребни разбирање, тивка поддршка или збор што враќа надеж.

МАРИЛИ: За успешна жена менаџер неизбежни се конзистентноста и континуираната работа. Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?

Д-Р ДАЧЕВСКА: Мојот пат не беше лесен, но беше исполнет со љубов кон професијата и желба за напредок и, секако, проследен со голема поддршка од семејството, моите мажи. Сопругот Глигор и синовите Бојан и Никола.

Конзистентноста и дисциплината се дел од мојот карактер уште од студентските денови,  додека студирав далеку од моите родители и кога сама ги правев процените и ги донесував одлуките. Секогаш сум верувала дека успехот не доаѓа преку ноќ - тој се гради секој ден, чекор по чекор, со многу работа, почит кон пациентите, постојано надградување и верба во тоа што го правам.

Перфекционизмот, истрајноста и искрената љубопитност кон науката ме воделе да бидам подобра, а емпатијата - да останам човек. Можеби токму таа рамнотежа ме донесе таму каде што сум денес.

МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?

Д-Р ДАЧЕВСКА:  Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ има огромно значење, не само затоа што ги препознава индивидуалните успеси туку и затоа што создава култура на поддршка, видливост и охрабрување. Она што Вие го правите е за пофалба, Вие давате награди, но еве јавно ќе дадам признание за Вашиот труд и инвентивно- афирмативниот пристап.

Во општество како нашето, каде што жените често се борат да го докажат својот капацитет, ваквите настани, Вашето постоење се мотив и порака дека трудот, визијата и посветеноста секогаш се препознаваат и се наградуваат.

Тоа е повеќе од награда - тоа е инспирација за идните генерации жени да веруваат во себе, да преземаат лидерски улоги и да создаваат позитивни промени.


Статијата е прочитана 284 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete