Филмските великани на 47. „Браќа Манаки“
Многу блескави моменти го одбележаа 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, од доделувањето на специјалната Златна камера 300 на филмските великани Дан Лаустсен, Џеф Кроненвет и Јануш Камински, преку извонредната филмска и фестивалска програма до свеченото затворање и триумфот на филмот „Татковина“ и кинематограферот Лукаш Жал.
Данскиот кинематографер Дан Лаустсен, човекот којшто успеа да ја спои европската традиција на снимање филмови со најсовремената технологија на Холивуд, е добитник на Златна Камера 300 за животно дело.
Лаустсен има освоено бројни меѓународни награди, како и две номинации за Оскар.
Познат е по соработката со истакнати автори како Гилјермо дел Торо („Обликот на водата“ , „Улицата на кошмарите“, „Франкенштајн“) и Чад Стахелски (вториот, третиот и четвртиот филм од култната акциона франшиза „Џон Вик“). Тој е зад камерата на некои од визуелно највпечатливите филмови на 21-от век.
Џеф Кроненвет е годинашен лауреат на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност.
Американскиот кинематографер, кој е два пати номиниран за Оскар, е познат како вистински „мајстор на светлината и сенките.
Неговата долгогодишна, култна соработка со режисерот Дејвид Финчер ни ги подари антологиските кадри во филмовите како „Боречки клуб“, „Социјална мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“.
Полско-американскиот кинематографер, Јануш Камински ја доби специјалната Златна камера 300 во 2020 г.. но тогаш не беше во можност да дојде во Битола.
Годинава конечно ни пристигна двојниот Оскаровец („Шиндлеровата листа“ и „Спасувајќи го војникот Рајан“), кој соработува три децении со режисерот Стивен Спилберг. Амистад“, „Вештачка интелигенција“, „Минхен“, „Линколн“, „Шпионски мост“, „Вест Сајд Стори“ и „Фабелманови“ се дел од неговата импресивна филмографија. Камински гради визуелен стил што не служи само за создавање естетика, туку и за продлабочување на атмосферата и емоцијата на филмската приказна.
Од 19 до 25 септември публиката уживаше во врвни филмски остварувања со висока естетска вредност во официјалната фестивалска селекција, внимателно избрани и квалитетни наслови и во програмите со студентски, кратки, документарни филмови, Специјална селекција, Јадранска мрежа. Во придружната програма Мак поинт беа претставени 18 македонски филмови, а проекциите беа бесплатни за публиката.
Фестивалот, кој годинава се одржа под мотото Ткајачи на филм, донесе импозантен број гости, работилници, мастеркласови.
Битола блескаше со филмски сјај.
Во Центарот за култура, киното „Манаки“ и Офицерскиот дом се случуваа проекции, средби, прес конференции, фестивалскиот ден траеше од 10 наутро до доцна во ноќта.
Кинематограферите, тие волшебници зад камерата, ретко се во фокусот на вниманието. Тие се како едно големо семејство кое снимањето филмови ги води низ целиот свет и немаат често прилика да се видат.
Фестивалот „Браќа Манаки“ ги менува овие две нешта: ги става во фокусот кинематограферите славејќи ја нивната брилијантност и им дава можност да се дружат, да разменуваат идеи и да го пренесат своето знаење на помладите колеги.
За мене, мастеркласовите се меѓу највредните моменти кои го прават овој фестивал посебен. Имаше огромен интерес, киното „Манаки“ беше преполно, а познатите кинематографери ги споделуваа искрено и духовито своите професионални и животни искуства. Неверојатно убава слика е кога ќе видите како студенти, филмаџии и најпознати светски кинематографери седнати во ист ред во публика го слушаат Камински.
Воли Фистер, минатогодишниот добитник на специјалната Златна камера 300 и Оскаровец (за филмот „Зачеток“) се врати во Битола како претседател на жирито во официјалната селекција Камера 300, во кое беа Семи Капланоглу, Давид Шамбиј и Наташа Петровиќ. Тој ни приреди и супер изненадување со свој музички настап, покажувајќи дека е одличен гитарист.
Пред да ги соопшти наградените, Воли Фистер, на фестивалската сцена изјави: Ви благодарам што сум повторно и годинава со вас на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Ова е магично место. Доаѓам од Холивуд каде се се врти околу парите. Кога дојдов овде во Битола на вашиот фестивал видов уметност на големото платно и тоа ме воодушеви.
Наградата Златна камера 300 ја освои кинематограферот Лукаш Жал за филмот „Татковина“ на Павел Павликовски, не само за спектакуларниот начин на работа, туку и поради тоа што камерата е секогаш во функција на приказната.
Сребрена камера 300 доби кинематограферот Жонгчијанг Лианг за „Непозната девојка“. Тој рече дека иако филмот доаѓа од Кина, сепак приказната е универзална и се заблагодари на целата екипа од филмот, особено на сопругата која е режисер на филмот.
-Му благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ што изминативе седум дека имав неповторлива можност да се сретнам со мои идоли од светската кинематографија, да разговарам со нив и да се фотографирам, рече Лианг.
Бронзена камера 300 му припадна на Паул Шпенгман за филмот „До крајот на денот“.
-Ова е прв пат да учествувам на „Браќа Манаки“ и прекрасно си поминав. Наградата ми значи многу и ќе им ја посветам на студентите во Белград кои сеуште се борат на улиците низ Србија, рече Шпенгман и вети дека следната година повторно ќе дојде.
Од моментите кои ќе се паметат ќе го издвојам долгиот аплауз на свеченото отворање за нашата актерска легенда Петар Арсовски кој ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Друштвото на филмските работници на Македонија за исклучителен придонес кон македонската кинематографија.
Фестивалот го одбележаа и премиерите на два македонски филма, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума со кој беше отворено 47-то издание и „Нема да ви се верува што се случи претходно“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, прикажан на затворањето.
Емотивен и впечатлив беше музичкиот перформанс под диригентската палка на Џијан Емин и настапот на BitVox на фестивалското отворање, а на свеченото затворање вистински аудио-визуелен спектакл ги сруши границите меѓу филмот, историјата и технологијата. Архитектурата на сцената се трансформираше во гигантско виртуелно платно преку магичен 3D видео-мапинг кој ја воодушеви публиката.
На присутните на свеченото затворање им се обрати директорот на фестивалот Димитрија Доксевски кој рече дека во изминативе седум дена се случи љубов, почит, забава...гледавме филмови, ги учевме децата да го сакаат филмот, гледавме мастеркласови, работилници, огромен број кинематографери.
-Навистина сум многу горд и среќен сум што ова издание многумина од нас ќе го паметат цел живот. Имам многу идеи и мојот тим се потруди тоа да го реализира. Да живее „Браќа Манаки“ со многу љубов и многу почит, рече Доксевски заблагодарувајќи се на тимот и на публиката.
Фестивалот има мал тим, бескрајно вреден и максимално посветен за сѐ да помине во најдобар ред.
Навистина ми е драго што сум дел од тој мозаик и годинава бев презентер на филмовите на фестивалската сцена.
Ова е петта година како соработувам со фестивалот по неколкугодишна пауза и се радувам што „Браќа Манаки“ постојано расте и носи свежи идеи, исклучителна програма и гости. Останува предизвикот следното фестивалско издание да го надмине годинешното!
Миланка Рашиќ
Style by: ЕРМИТАЖ Битола
Фотографии: ИФФК Браќа Манаки и Ивона Кочов
Статијата е прочитана 134 пати.



























