„Охридско лето“ 2026 - Врвно естетско доживување со младата пијанистка Горјана Стојановска во цркавата Св. Софија
Новата фестивалска недела на „Охридско лето“ започна со солистички концерт на младата македонска пијанистка Горјана Стојановска која со своето музицирање ја воодушеви публиката во црквата „Света Софија“.
Вечерта на пијано започна со прекрасната изведба на Баховото Капричо „На заминување на најмилиот брат“ а потоа следуваa и шесте ставови на позната музичка свита од францускиот композитор Морис Равел„Гробот на Купрeн“. Љубителите на класичната музика проследија и импресивна изведба на две пиеси од Брамсовите Фантазии опус 116. Потоа следуваше драматичното соло дело за пијано „Думка“ од Петар Илич Чајковски со емоционални и музички контрасти, така како што налага и самата композиција.
Пијанистката Стојановска, прекрасната музичка вечер за која беше наградена со громогласни ракоплескања, ја заокружи со Балада опус 47 бр.3 од Фредерик Шопен, ремек дело за соло пијано познато по својата лирска убавина, поетска елеганција и живописни музички контрасти.
-Ова е посебен материјал подготвен за фестивалот „Охридско лето“. Претходно имав можност само еднаш да го изведам во Истанбул што ми беше добра подготовка, но идејно, материјалот претходно беше склопуван специјално за овој фестивал, вели Стојановска.
Младата уметница Горјана Стојановска дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорката Марија Ѓошевска, по претходни студии кај професорот Борис Романов. Своето усовршување го продолжува на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија, во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан.
Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
-Педагогијата е комплексна и истовремено убава работа. Потребен е период за растење и за нејзино изучување кој всушност и не завршува, но целта на крајот е токму тоа, учениците да можат да се потпрат на својот педагог, да се чувствуваат добро со тоа што го прават и да го сакаат нештото, без разлика дали ќе се ориентираат професионално или не. Инаку, јас ја имав таа среќа да имам многу добри педагози и луѓе со кои навистина имам убави спомени. Тоа се луѓе со кои и натаму блиску комуницирам, додава пијанистката Стојановска.
По врвниот концерт на „Охридско лето“, следниот настап за Стојановска ќе го има со обоистката Наташа Димовска, за што, како што вели, многу се радува бидејќи ќе се изведува камерна музика, која според неа, нуди многу познанства, нови хоризонти и нови истражувања во музиката.
Статијата е прочитана 73 пати.




























