Проф. Никола Смилков избран за претседател на Собранието на ДЛУМ
На годишното Собрание на ДЛУМ, одржано на 16.05.2026 година во Домот на АРМ во Скопје проф. д-р Јана Манева - Чупоска беше реизбрана за претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) со четиригодишен мандат на одржаното годишно Собрание во Домот на АРМ во Скопје.
За претседател на Собранието на ДЛУМ со четиригодишен мандат е избран проф. д-р Никола Смилков, академски вајар.
За членови на Управниот одбор беа избрани уметниците: Катерина Таневска, Денис Тенев, Никола Смилков, Мирјана Масети, Марија Мицова Гацова и Иво Пецов.
За нови членови на Уметничкиот совет се изгласани: Маја Рауник Кирков, Јана Јакимовска, Валентина Илијевска, Борче Богоевски, Илиана Петрушевска, Наташа Милованчев и Зоран Бошковски, додека Надзорниот одбор ги доби новите членови: Дејан Иванов Маргуш, Виктор Јаневски и Ивона Велковска.
Претходните членови на Управниот одбор, Уметничкиот совет и Надзорниот одбор поднесоа колективна оставка една година пред истекот на мандатот. Оваа одлука овозможи предвремени избори со цел целосна синхронизација на сите органи со мандатот на претседателот, создавајќи нов четиригодишен тим кој заеднички ќе ја преземе одговорноста за работата на Друштвото.
Новиот тим во следните четири години ќе се фокусира на унапредување на ликовната уметност и зајакнување на позициите на македонските уметници.
Јана Манева – Чупоска во својата апликација при конкурирањето посочи дека кандидирањето за втор мандат за претседател на ДЛУМ, е резултат на нејзината желба да помогне за подобро делување на ова здружение кое го смета за значајно за развојот на ликовната уметност и за заштита на правата на ликовната фела во Македонија.
„Согледувајќи ги реалните проблеми кои Друштвото ги има како никогаш до сега, се одлучив да пробам повторно да се кандидирам обидувајќи се да создадам реална работна програма за излез од повеќе прблематични финансиски состојби во кои моментално ДЛУМ се наоѓа“, потенцираше таа.
Годинава ДЛУМ со низа активности го прославува својот значаен јубилеј, 80 години постоење. Што се однесува до следните негови активности, на годишното Собрание беше укажано дека за јуни е планирана реализација на изложбата „Поместени граници“, гостување со изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ во Македонскиот културен центар во Белград, додека пак во септември треба да следи Интернационалното графичко биенале „ДЛУМ – 2026“.
Во октомври и ноември ќе се одржат изложбите: „Мал формат“, Миниартура“ и „Фемина“, а годинава треба да заврши со јубилејната изложба посветена на 80 годишнината на ДЛУМ.
Текстот е објава на ФБ страницата на ДЛУМ.
Статијата е прочитана 66 пати.


























