Интервју со виолинистката Ева Богоевска: „Младите да не се откажуваат од својот сон и да не се плашат дека доаѓаат од мала земја - напротив, тоа нека им биде мотив“
Интервју со Ева Богоевска, врвна македонска виолинистка со интернационални награди и признанија, членка на квартетот „Атака“, а од 2020 година е редовен член на Македонската Филхармонија, на работното место прва виолина-тути.
Во интервјуто говори за нејзините лични карактеристики, големиот талент и напорна работа кои се најзаслужни за нејзината меѓународна кариера и успеси. Зборува за настапите што ја одбележаа претходната година, за она што следува оваа година, и секако за мајчинството.
Богоевска има значаен удел во реализирањето на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ која годинава слави 30 годишен јубилеј, а таа настапува на истата уште од 11-годишна возраст и буди воодушевување кај публиката.
МАРИЛИ: Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која годинава слави 30-годишен јубилеј, директно е поврзанa со Вас и Вашето музицирање. Години наназад, односно од 11-годишна возраст настапувате речиси секоја година на манифестацијата и пораснавте со неа. Што претставува за Вас оваа манифестација и колку Ви значи?
БОГОЕВСКА: Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ за мене е од исклучителна важност. Горда сум што настапувам на оваа врвна манифестација речиси секоја година и, пред сѐ, како жена, особено ми е драго што сум дел од манифестацијата бидејќи поддршката и афирмацијата на успешните жени менаџери во земјава и пошироко е особено важна за натамошниот професионален развој, а со тоа се создаваат и дополнителна инспирација и мотивација кај жената за уште поуспешно креирање и творење.
МАРИЛИ: Бевте дел и од Бизнис каталогот на РС Македонија што, исто така, одбележува 30 години постоење. На страниците беа објавени многу приказни на успешни жени од сите сфери. Дали мислите дека „Марили“ со своите проекти придонесе за афирмацијата и унапредувањето на жената во општеството?
БОГОЕВСКА: Благодарение на Бизнис каталогот на РС Македонија и манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ имаме можност да прочитаме и да дознаеме една за друга, за нашите успешни приказни и идни цели. Исто така, на манифестациите имаме можност да се запознаеме и да разговараме на теми што се од исклучителна важност за развојот на една жена во општеството. Оттука произлегуваат идеи за натамошното креирање што прераснуваат во успешно реализирани проекти.
МАРИЛИ: Како исклучително талентирана виолинистка, кажете ни што е клучно за развојот и напредокот на Вашата кариера, кои се најзначајните настапи на домашната и меѓународната сцена и со кои награди се закитивте низ годините?
БОГОЕВСКА: Досега успеав да реализирам настапи во многу познати сали и на сцени во повеќе метрополи, како Карнеги хол - Њујорк, замокот каде што Бетовен ја пишувал „Месечевата соната“ во Братислава, познатите катедрали во Париз, Виена, Прага, Будимпешта, Театарот во кулите близначки во Куала Лумпур-Малезија, салата на Националната опера и балет во Хо Ши Мин, Виетнам, каде што настапив како солист со Националниот оркестар на Хо Ши Мин, Театарот Марчело во Рим и на многу други реномирани адреси на културни случувања во Израел, Франција, Русија, Португалија, Англија, Малта, Словенија, Шпанија, Турција и други. Во Берлин, Германија, активно учествував со свој труд како претставник на нашата „Музичка младина“ на првата конференција зa нови начини во изведбите на класичните дела организирана од Интернационалната музичка младина. Исто така, учествував и на домашните реномирани фестивали, како Скопско лето, Охридско лето, Денови на македонската музика, Златна лира и други.
Секоја сцена ми е еднакво важна и драга и секој настап е уникатно доживување за мене. Во оваа пригода би ја издвоила и наградата за најдобар студент во државата од Факултетот за музичка уметност во Скопје, по неа следуваше и наградата за магистер со највисок просек 10,00 во класата на еминентниот педагог проф. Сергеј Островски, кој предава на престижниот музички универзитет во Женева, Швајцарија.
Член сум на оркестарот за филмска музика FAMES, со кој имам остварено концертен настап во Дубаи и во Абу Даби на официјалното најавување за отворањето на „Дизниленд“ на Блискиот Исток, Обединети Арапски Емирати, а од 2020 година сум редовен член на Филхармонијата на работно место прва виолина-тути.
Покрај талентот, посветеноста, истрајноста и љубовта кон инструментот се трите клучни карактеристики што треба да ги поседува еден успешен музичар. Би сакала да им порачам на младите, никогап да не се откажуваат од борбата за остварување на нивниот сон. Кога ќе патуваат во странство каде има огромна конкуренција, на било кое поле, никогаш да не чувствуваат несигурност поради тоа што доаѓаат од помала земја. Напротив, тоа да им биде дополнителен мотив да му покажат на светот дека иако доаѓаме од мала земја, знаеме, можеме и заслужуваме многу.
Тоа беше мотивот кој стои зас сите мои досегашни интернационални успеси.
МАРИЛИ: Што ја одбележа 2025 година на професионален план и кои се најзначајните проекти што Ве очекуваат во 2026 година?
БОГОЕВСКА: Оваа година, 2025, беше многу успешна за мене.
Реализирав целовечерен рецитал во Мадрид во сала што е реномирана адреса на сите културни збиднувања во Мадрид од областа на музиката. Пијано придружник на концертот беше реномираниот пијанист, професор и композитор Џузепе Девастато.
Во мај свирев на официјалното најавување за отворањето на „Дизниленд“ на Блискиот Исток во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, на кое присуствуваа исклучително познати личности, како Наоми Кембл, познати актери, музичари, бизнисмени и политичари.
На домашна сцена реализирав неколку концерти со мојот квартет ,,Атака“ во рамките на манифестацијата ,,Денови на македонската музика“ на која настапувам секоја година.
Во септември настапував на Осака Експо во Јапонија со камерниот оркестар „Ајга” како претставници од нашата земја, а во октомври, Македонската Филхармонија доби покана за концертно претставување во Австрија и како вработена виолинистка во истата, настапував во познатата „Златна сала” во Виена во која одржавме спектакуларен и неповторлив концерт.
Во ноември заедно со мојот квартет „Атака” со кој настапуваме активно веќе пет години на домашна и странска сцена, одржавме концертен рецитал во Њујорк.
Беше навистина прекрасно чувството да се настапува во една од најголемите светски сали. Настапите кои ги имав во 2025 година се од непроценливо значење за мене како млад уметник.
Очекувам успешна и плодна година, исполнета со многу настапи и концерти, како кај нас, така и во странство, бидејќи претставувањето на македонската култура и уметност е од непроценливо значење.
МАРИЛИ: Вие сте исклучително успешна во својата професија, но пред сѐ сте жена, сопруга и мајка. Покрај големата амбиција, колку е важна и организацијата на времето за да се постигне сѐ?
БОГОЕВСКА: Одлично успевам да балансирам помеѓу работата и обврските околу детето, секако во координација со мојот сопруг.
Слободното време го користам за вежбање виолина.
Практикувам да го започнам денот со запишување дневен ред и се трудам да се придржувам кон него, па така секогаш сѐ ми е испланирано претходно и успевам да ги завршам сите обврски што сум ги предвидела.
Статијата е прочитана 490 пати.































