Интервју со актерот Никола Ристановски: „Имам огромна почит кон феноменот континуитет - и во работата и во приватниот живот“
Ексклузивно интервју со Никола Ристановски, најнаградуван македонски театарски, филмски и телевизиски актер, во кое зборува за богатото работно искуство кое трае повеќе од три децании, за филмот „Мајка“ во кој ја толкува улогата на отец Фердинанд, за значењето на наградите, за улогите, за соработките во земјава и странство и за идните планови.
Говори и за жените во кинематографијата, родовата (не)еднаквост, и секако за важноста на феноменот континуитет кој е суштински во сите сегменти од живеењето, а во нашето општество сѐ повеќе недостасува.
„Пред сѐ, имам огромна почит кон феноменот континуитет. Просто ние сме лишени од континуитет, и секогаш мораме одново и одново да ги поврзуваме нитките. Да се спојуваме од некаде до некаде. Веројатно не сме осамени по тој повод во светот, меѓутоа, тоа е веќе состојба за сериозна психоанализа. И тоа остава траги. Секој вид на континуитет за мене беше од круцијално значење, во смисла, да можам воопшто да функционирам.“, вели Ристановски во интервју за „Марили“.
Ристановски е дел од „Македонскиот Народен Театар“ од 1994 година.
МАРИЛИ: Почитуван г-дин Ристановски, еден од вашите најсвежи и најактуелни проекти е филмот „Мајка“ каде ја толкувате улогата на отец Фредерик, а филмот веќе се емитува во македонските кино сали. Каква тежина носи овој лик и како се одвиваа подготовките за улогата?
РИСТАНОВСКИ: „Мајка“ на Теона Стругар Митевска е без никаква дилема европски филм. Сѐ останато е работа на вкусови и афинитети. Toa e женски филм, како што велат. И веројатно-не само затоа што јас сум единствениот маж во филмот, и не само поради тоа што режисерот, продуцентот, директорот на фотографија и главната актерка се жени, туку затоа што третира работи од еден ракурс кој е прилично различен. Се разбира, тоа е секогаш голем квалитет.
Што се однесува до ликот на отец Фредерик, ми се чини дека драматуршки беше важно да има едно мало огледало на целата женска приказна. Од таа гледна точка, мислам дека тука имаме еден лик кој е прилично емпатичен, но и доволно критичен кон сето она што се женски тенденции во самата фабула и сите женски дилеми, дека поседува огромно разбирање и покрај тоа што е маж. Мислам дека тоа е клучно. Емпатијата мора да биде обострана и обострано треба да се избегне исклучивоста.
А подготовката не беше воопшто лесна, на крајот во филмот останува само врвот од „ледениот брег“. Сантата под водата е со многу поголем волумен. Така што, подготовките се секогаш широк заграб и снимањето секогаш има многу поголем габарит од она што останува на крајот во филмот.
Реално, подготовките беа многу систематични, прецизни, изискувачки, а тука, се разбира, и различните јазични подрачја. Дел од филмот е на англиско говорно подрачје, а имаше и големи парчиња на латински јазик. За да изговориш една реченица на латински јазик во некоја катедрала потребно е да знаеш неколку литургии. А мојот пристап е таков. Ако нешто треба да се одигра, тогаш ти за тоа треба да знаеш најмногу. На крајот задоволството е големо. Другото останува како мој личен багаж и мое богатство.
МАРИЛИ: Дали темата на филмот која има светски демензии со оглед на тоа дека станува збор за Мајка Тереза, ѝ дава можност на нашата кинематографија и нашите таленти од сите аспекти, актерски, режисерски, продуцентски, да се вивнат меѓу најпознатите и најдобри светски продукции?
РИСТАНОВСКИ: Секогаш ни се потребни теми коишто се наши, автентични. Ние не смееме да се потпираме на некакви моди или моментални трендови, оти тоа е по дефиниција кич. Тоа го докажуваат неколкуте успешни филмови во последно време. Секогаш кога се занимаваме со својата автентичност и со своите автентични приказни, тогаш нема никаков проблем тоа да „искомуницира“ на глобално ниво.
Секогаш кога се обидуваме да излажеме дека сме нешто друго од тоа што навистина сме, имаме проблем. Во таа смисла, Мајка Тереза е секако наша антропологија, наша приказна.
Мислам дека многу е автентичен изборот на обработка на таа тема, но и добро е што филмот не се обидува да опфати една сува биографска димензија, туку се концентрира само на неколку денови од животот на Мајка Тереза кога се случуваат нејзините најголеми „ломови“ и дилеми, нејзини лични обмислувања, кога таа излегува на улиците да биде меѓу најсиромашните и мислам дека беше важно да се прикаже и таа страна.
Знаете, човек кога ќе отиде во Калкута и ќе се најде на оние места каде што Мајка Тереза го поминала практично целиот живот, ја сфаќате димензијата на таа жена.
Многу е тешко теоретски да замислиме да бидеме под мостот со лепрозните, со најболните и најсиромашните каде што била таа, да ја пружи својата когнитивна емпатија. Знаете, успехот е многу релативна работа, но изборот на автентичен ракурс и бавењето со сопстевното милје и сопствениот организам се клучни кога сакаме нешто некому да раскажеме. Во Мајка Тереза има нешто што е врзано за оваа географија. Кога велам за оваа географија, земам шестар, го забодувам и правам периметар од 500 km. Значи има нешто многу драгоцено во третирањето на нашиот сензибилитет.
Е сега, многу е интересно што тоа го игра актерка што не е од ова поднебје, меѓутоа антропологијата на некој начин е чуден феномен и некои нешта ни се сепак заеднички. Има некои работи што се сепак општочовечки и излегуваат од тие потесни контексти. Мајка Тереза е голема тема и голема храброст е да се избере таа тема и апсолутно треба да се честита за таа продукција.
МАРИЛИ: Да се навратиме на триото Митевски, но да се задржиме на женскиот режисерско-продукциски двоец Теона и Лабина. Според Вас, каков е патот на жената во кинематографијата и филмската индустрија? Има ли подреденост и препреки за жените како и во филмот за Мајка Тереза?
РИСТАНОВСКИ: Веќе пред малку кажав - ние сме свет кој необјективно гледа на работите, и многу често и јас себеси се фаќам кога релативизирам. Со годините човек станува свесен за некои работи за кои порано не бил. Дури и онаму каде што мислиме дека не е така, тоа е затоа што не сме размислиле доволно. Ние не сме исти, се разбира, и не треба да бидеме исти, но можеби можеме и мораме да бидеме еднакви во дадените можности. А тоа се две различни работи. „Исто“ и „еднанкво“ немаат исто значење. Но можеме и треба да имаме еднакви можности и позиции, бидејќи сме предодредени да бидеме компатибилни и само така се надополнуваме.
Еве на пример и во Холивуд. Ретко може да „растат“ актерки кои имаат повеќе од 40 години. Тоа е „ејџизам“ во принцип, но тој се однесува исклучиво на жените.
Тоа се тие рецидиви од некои маскултурални поимања, и не само маскултурални, тие влечат длабоки корени од развојот на нашата цивилизација и не се однесуваат само на кинематографијата.
Погледнете наоколу и ќе видите. Во сите сегменти на нашето живеење доминираат клишеа и предрасуди. Еве низ историјата обидете се да наброите три сликарки на ренесансата или композиторки од класицизмот? Tаквите наративи, за жал, ги влечеме до ден денес. Жената сѐ уште важи за полош шофер од мажот.
Да резимираме - појдовните позиции на жените во кинематографијата мора да бидат подеднакви, но и респектот кон она што веќе го направиле. Во таа смисла, навистина е за почит ова што го прават Теона и Лабина. И не само тие. И да не го заборавиме Вук, се разбира.
МАРИЛИ: Низ Вашиот богат творечки опус сигурно Ве „допрела“ и темата родова (не)еднаквост која е застапена векови наназад. Дали гледате еволуција и напредок по ова прашање? Каде е современата жена денес, посебно во нашето општество?
РИСТАНОВСКИ: Напредок има, но тој многу често е само козметички. Многу често е декларативен. Луѓето се закопани во своите ровови и предрасуди и сѐ уште ја немаат таа способност да влегуваат во туѓите чевли. Замислете, дури и жените, кои за разлика од мажите, сѐ уште не ја развиле таа способност да бидат навистина солидарни меѓу себе. За почеток, би било добро да бидат.
Сѐ уште сѐ се сведува во иднивидуални борби на поединци, на жени кои се растргнати меѓу она што се, и она што од нив се очекува. Но тоа е социјален феномен којшто варира од средина до средина, а кој што може и треба да се корегира само со еманципација.
Тоа подразбира воспитание и образование. И за жените, но и за мажите. Тука не е доволен ресет - потребно е да се смени матичната плоча.
Во овој контекст, да не заборавиме и дека светот не е една цивилизација. Има многу улоги и позиции на жената. Не можеме да ги споредиме позициите на жените во Шведска со позициите на жените во Монголија.
Јас, со мојава работа имам привилегија да доаѓам до сознанија и за едните и за другите. Освен што се занимавам со базичните психологии, се занимавам и со социолошки феномени, историски и религиски контексти. Во таа смисла на зборот, немам никаква дилема дека тоа е долгогодишен процес.
МАРИЛИ: Долгогодишното, континуирано, успешно опстојување во било кој сегмент од животот е сатисфакција и еден вид награда за сите височини и падови низ кои сме истрајале. Вие сте повеќе од три децении на актерската сцена, дополнително, и еден од најнаградуваните актери во земјава и регионот. Што значат за Вас три децении континуитет, борба и конзистентност?
РИСТАНОВСКИ: Пред сѐ, имам огромна почит кон феноменот континуитет. Просто ние сме лишени од континуитет, и секогаш мораме одново и одново да ги поврзуваме нитките. Да се спојуваме од некаде до некаде. Веројатно не сме осамени по тој повод во светот, меѓутоа, тоа е веќе состојба за сериозна психоанализа. И тоа остава траги. Секој вид на континуитет за мене беше од круцијално значење, во смисла, да можам воопшто да функционирам.
Поминаа доста години, поминаа 4.000 претстави, над 30 филма, шеесетина награди, поминаа многу работи и нема да го напуштам континуитетот затоа што тој ми дава база. Друго нема. Постојат само блиски луѓе и контиуитет во тоа што го работиш. Ако во тоа успеваш да одржиш некаков критериум, тоа понекогаш е навистина пристоен успех. Се разбира, патем, постојано учиш, не само од себеси, учиш од соработниците, од големите автори, од секакви искуства, учиш од животот. Важно е да си примател и да не си догматичен. Особено во нашава работа, искуствата се многу важни. Понекогаш заменуваш некои помалку вредни работи со некои други кои си ги осознал во меѓувреме. Кога одиш во нови простори не ги забораваш базичните работи, само ги надградуваш со нови вредности.
На крајот од краиштата, кога сме кај тој континуитет, ние на овие простори имаме проблем. Имаме многу мала способност за план. Би требало да ни биде јасно дека „глупавиот со план, подобро ќе си помине од паметниот без план“. А тоа подразбира систем, некаква систематизација на она со што располагаме. Тоа може да бидат и сосема обични навики, навики за миење раце, за кажување добар ден, за извини, за „ова може - ова не може“. Значи, некаков координатен систем низ кој ќе можеме да бидеме професионални, креативни и ефикасни.
МАРИЛИ: Нескромно ќе кажеме дека Македонија е мала за Вас. Колку можностите надвор од нашата земја придонесоа да го раскрилите вашиот раскошен талент и дали тоа Ви овозможи да проникнете во сите улоги, независно дали глумите „големец“ или пак обичен човек?
РИСТАНОВСКИ: Македонија е сѐ уште голема за мене. Тоа не е прашање на територија. А јас ќе работам секаде - каде што ќе има елементарни услови за тоа. И минимум взаемна почит.
МАРИЛИ: Делата на класиците ги носат најсуштинските пораки, но и ги раѓаат најкомплексните улоги. Дали пораките за трајните вредности од овие дела се помалку се практикуваат? Според Вас, дали треба публиката да се потсетува почесто на нив, и да дозволи овие пораки да го обликуваат нивниот живот?
РИСТАНОВСКИ: Во светот се продуцира деконструкција, се занемаруваат сите важни приказни за човекот. Од Сумерите, преку Стара Грција до современите писатели, она што е суштински вредно е ставено врз купот ѓубришта од невредни работи и тука се јавува некој парадокс. Во некои времиња кога беа забранети книгите, многу повеќе се читаше, а и обмислуваше од сега, кога сѐ е достапно. Прво, од ѓубрето не можеме да дојдеме до она што е вредно. Згора на тоа потребен ни е план и јасен концепт. Има 20 книги во светската литература, на пример коишто ако во текот на образованието ни бидат достапни, не само за читање, туки и за разбирање, и ако има некој тоа да го пренесе на млади луѓе во клучни моменти и области, во училиштата, во театрите, во музеите...но и дома...можеби би било малку поразлично од сега.
Тоа се разбира е и една од задачите на театарот и затоа јас мислам дека треба класичните вредности да се вратат што поскоро на голема врата. Да се инсистира на тоа. Затоа што во нив сѐ уште постои по некоја приказна. И идеја, и мисла, која панично ни фали во оваа - Идеологија на капиталот и технолошките достигнувања.
Имам многу радикални ставови за недостатокот на спроведување на сериозен концепт на образование, бидејќи имам чувство дека тоа доведува до геноцид. Кога би морал да сублимирам, мислам дека запоставувањето на образованието и правењето компромиси со него е сериозно злосторство. Знаете, има многу нови трговски центри, а многу малку нови училишни згради. Всушнсот, и не е само до градбите, зошто тие треба да се исполнат со луѓе што ја разбираат проблематиката, кои се навистина посветени и кои имаат доволно талент да пренесат некои параметри на вредности на новите генерации.
МАРИЛИ: Кои се плановите за 2026 година и дали има веќе потврдени проекти во коишто ќе учествувате? И за крај, што ќе си посакате во Новата година?
РИСТАНОВСКИ: Никогаш не сум правел големи планови и секогаш сум среќен кога ќе заврши годината. Секогаш сум си натоварувал доволно обврски, за да си речам „ајде следнава година - малку одмор“, ама тоа никогаш не се случувало.
Немам планови. Има некои наговестувања. Може да биде сѐ. Може да биде некој „Шекспир“ надвор од земјава, може да биде античка трагедија. Немам ништо фиксирано. Имам доволно претстави на репертоар. Некои веќе се играат и по 20 години. Има сигурно 10-ина наслови кои морам да ги сервисирам. Немам некои големи желби и планови.
Приватно се чувствувам како било кој граѓанин на оваа земја. Ги делам истите дилеми, истите гневови, стравови, истите апатии, истите радости и дружења, истата потреба од блиски луѓе покрај себе, да имаш еден најтесен круг, семејство со коешто можеш да функционираш и да ги разговараш сите овие работи.
Човек сам не е ништо. Човек станува човек само во однос на некого. Тоа некаде, патем, го подзаборавивме.
Ќе завршам како што започнав - Приватно, како и во кариерата, си посакувам континуитет.
Статијата е прочитана 268 пати.






























