Одобрена предвремена исплата на државните обврски кон „Костал“ и „Гентерм“

Вкупниот износ на предвреме исплатените обврски на државата кон овие две компании изнесува 51,2 милиони денари. Предвремената исплата е поради фактот дека странските компании две, односно четири години порано од предвиденото ги постигнале планираните таргети за вработување

 

Дирекцијата за технолошко развојни зони (ДТРИЗ) одобри предвремена исплата на обврските на државата кон две странски компании „Костал“ и „Гентерм“ кои две, односно четири години порано од предвиденото ги постигнале планираните таргети за вработување.

Вкупниот износ на предвреме исплатените обврски на државата кон овие две компании изнесува 51,2 милиони денари, а средствата се обезбедени со одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници што ја донесе Владата овој месец.

Од ДТРИЗ појаснуваат дека заклучно со крајот на оваа година само во овие две компании кои се дел од втомобилската индустрија дополнително се креирани над 1.000 работни места повеќе од поставените цели.

Американската компанија „Гентерм“ предвидела 1.255 работни места до крај на 2024 година, а во моментов има 2.173 ангажирани лица, додека компанијата „Костал“, која има обврска до крајот на 2022 да отвори 730 работни места, веќе има 820 креирани работни места.

„ Воведуваме нов квалитет во работење на Дирекцијата – буквално ги следиме во чекор инвеститорите во реализацијата на инвестициите. Дирекцијата и Владата се сериозен партнер и со ваквите мерки покажуваме дека имаме капацитет да ја следиме динамиката на сите компании кои забрзано инвестираат и исполнуваат поставени цели. Со предвремената исплата ги поттикуваме и останатите инвеститори забрзано да вложуваат во својот развој и да ги шират капацитетите“, рече директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски.

Во моментот во индустриските зони работат над 14.000 лица. Анализите покажуваат дека и во услови на криза бројот на вработени во овие компании останува стабилен. ДТИРЗ веќе работи на креирање посебни државни програми и мерки со цел да се поттикнат компаниите да исплаќаат повисоки плати, како и да се привлечат инвестиции со повисока додадена вредност кои ќе донесат и подобро платени работни места. Целта на Дирекцијата е поттикнување раст на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30 до 50 проценти до 2024 година.

 


Статијата е прочитана 619 пати.

Сподели: