„Емоционални патувања“ - изложба на академскиот скулптор Никола Смилков на хрватскиот остров Шолта од 1-ви до 15-ти јули

Академскиот скулптор и професор, Никола Смилков, ќе има изложба на хрватскот остров Шолта, во организација на тамошниот Културно-информативен центар.
Изложбата насловена како „Емоционални патувања“, љубителите на уметноста и скулптурите ќе имаат можност да ја посетат од 1-ви до 15-ти јули, во галеријата Братски дом во Грохоте.
„Колекцијата е изработена од прилепски мермер и бронза, при што се обидов мајсторски да ги обликувам“, вели Смилков.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Биографија
Никола Смилков е роден 1973 година во Штип Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности за уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал, а магистрирал во 2002 година од областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски Дада. Во 2012 година се стекнувa со титула Доктор на науки на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, од областа на Методика на ликовно образование. Учествувал на многу меѓународни симпозиуми на кои има поставено повеќе монументални скулптури и учество на групни изложби во Австрија, Шпанија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина, Египет и Индија.
За време на професионалната кариера реализирал неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и Прима Центар во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.
Во 2021 година, добива награда Гран при на Петтото меѓународно биенале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора.
Како национално признание за неговата уметничко работа, Смилков е двапати наградуван.
Во 2008 и 2016 година ја добива Првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
Статијата е прочитана 130 пати.