Собранието го усвои буџетот за 2021 година тежок 4 милијарди евра

Спред Министерството за финансии ова е прв среднорочен буџет со очекување за раст на економијата догодина од 4,1 проценти и намалување на буџетскиот дефицит за 3,6 процентни поени во однос на годинешниот

 

Собранието го усвои Буџетот за 2021 година. Државната каса наредната година ќе тежи 247,5 милијарди денари, односно нешто над 4 милијарди евра. Буџетот беше усвоен со 62 гласа за и без присуство на опозицијата, која ја напушти салата пред самото гласање, но на пратениците од владејачкото мнозинство во последен момент им се придружија тројца пратеници кои претходно беа отсутни обезбедувајќи на тој начин кворум.

Од Министерството за финансии информираат дека ова е прв среднорочен буџет со очекување за раст на економијата догодина од 4,1 проценти и намалување на буџетскиот дефицит за 3,6 процентни поени во однос на годинешниот. Главни цели на Буџетот се зачувување на здравјето на граѓаните, економијата и забрзан раст и структурни реформи.

„Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Има три главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Капиталните инвестиции се 26,2 проценти повисоки од актуелниот буџет, 3,4 проценти од БДП, или просек кој во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година, или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на ковид-кризата доколку има потреба“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Во Буџетот има издвоено средства за поддршка и на граѓаните и на стопанството - за здравство има издвоено 664 милиони евра, социјална заштита 1,47 милијарди евра, образование 465 милиони евра, а за развој на економијата 1,141 милијарди евра.

Вкупните приходи на буџетот за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3 проценти повисоки во однос на вториот ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 проценти пониско во однос на вториот ребаланс годинава. Со тоа буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9 проценти, или речиси двојно пониско во однос на оваа година.

За опозицијата Буџетот е неразвоен и расипнички и ќе придонесе за ново задолжување.

„Буџетот за 2021 година е неразвоен, не е насочен кон граѓаните и создава додадена вредност. СДСМ планира да троши стотици милиони без да каже на што. Заев одвојува дури 641 милион евра за други трансфери, а никој не знае каде одат овие пари. Ваквото расипништво ќе биде проследено со високо задолжување. За две години Владата ќе се задолжи за 1 милијарда и 600 милиони евра. И додека се троши на се и сешто, пари за здравството нема, средствата за здравството се непроменети во однос на 2020 година“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е првиот усвоен среднорочен буџет и се базира на три платформи: Фискална консолидација, која до 2025 година треба да го сведе буџетскиот дефицит на 2 проценти, или под Мастришкиот критериум. Втората платформа е Стратегија за заздравување и забрзан економски раст, која треба да го удвои растот во следниот период со стапки од 4-5 проценти и План за јавни инвестиции 2021-2025, во насока на зголемување на учеството на инвестициите во вкупните расходи и подобрување на нивната реализација.

 


Статијата е прочитана 607 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско