Сајт на годината 2020 е Фејсбук групата „Ковид19 искуства и совети“

Македонската дигитална маркетинг агенција „Media Solutions“, која е сопствeник на платформата keepaneye.mk годинава по 11 пат го организираше изборот на Сајт на годината и од вкупно 533 номинирани сајтови прогласи по три победници во 18 категории

 

Фејсбук групата „Ковид19 искуства и совети“   https://www.facebook.com/groups/370425541064271 е победник на годинешниот избор за Сајт на годината, што македонската дигитална маркетинг агенција „Media Solutions“, која е сопствeник на платформата keepaneye.mk, со поддршка на Министерство за култура го организираше по 11 пат. Станува збор за проект кој има за цел да ги промовира, развива и поддржува интернет медиумите и севкупното интернет издаваштво во нашата земја.

Прогласувањето на победниците за 2020 година што се одржа вчера беше проследено од голем број гледачи преку онлајн стриминг платформи достапни на Sajtnagodinata.mk и на Фејсбук профилите на организаторот „Media Solutions“.

На завршната манифестација беа прогласени по три победници во 18 категории, избрани од вкупно 533 номинирани сајтови. Десетина илјади гласови од интернет посетителите ги избраа следните сајтови како победници:

Најдобра мобилна апликација - Cashback world

Храна и здравје - Sezahrana.mk

Мода и убавина - Elieve.mk

Автомобилизам - Mkformula1.blogspot.com

Туризам и угостителство - Impala.com.mk

Финансиски услуги, банкарство и осигурување -      Ohridskabanka.mk

ИТ и електроника - Neptun.mk

Фејсбук фан страна или група - Ковид19 искуства и совети

Невладиниорганизации - Msmakedonija.eu.org

Владини/државниинституции - Nationalgallery.mk

Образование, наука и култура - Ykc.edu.mk

Е-трговија и огласи - Vrabotuvanje.com.mk

Корпоративен сајт - Mchamber.mk

Мобилен сајт - Cashbackworld.com

Блог - Blog.literatura.mk

Спорт - Sportmedia.mk

Забава - Crnobelo.com.mk

Вести и информации - Fakulteti.mk

„Оваа 2020 беше година без преседан. Како што велат луѓето од Оксфордскиот речник кои секоја година бираат збор на годината, 2020, малку иронично, нѐ остави без зборови, а беа прогласени десетина зборови како зборови на 2020, меѓу кои Ковид-19, пожари, работа од дома, локдаун, меури за поддршка, Црните животи се важни и др.

Оваа година победникот на Сајт на годината не е сајт, сосема во стил на другите работи што нѝ се случуваа оваа година. Оваа година победникот на Сајт на годината е заедница на луѓе, кои во најголем број не се познаваат меѓусебно, но си помагаат несебично. Оваа година, кога се плашиме да излеземе и да се дружиме, дури и со најдрагите и најблиските, кога знак на љубов кон нашите мајки и татковци, баби и дедовци е да не се гледаме со нив, победи заедништвото, сплотеноста околу заедничкиот непријател.

Оваа година победникот на Сајт на годината е Фејсбук група, формирана многу скоро, на 1 ноември 2020 година, а по 6 недели брои над 28.000 членови. Им честитаме на креаторите на групата за победата, за одличната идеја и за уште подобрата организација. Им честитаме на сите членови на групата што активно ги споделуваат своите искуства со надеж дека ќе им помогнат на другите. И секако, им посакуваме добро здравје и брза и лесна победа над вирусот“, велат од „Media Solutions“.

На манифестацијата се приклучи администраторот на Фејсбук групата „Ковид19 искуства и совети“, Антони Пешев кој се заблагодари на наградата и им ја посвети на членовите на групата.

Изборот на Сајт на годината традиционално се одржува од 2010 година и во текот на овие 10 години прерасна во алатка за промоција на талентот на сè поголема група сопственици на сајтови, дизајнери, програмери, новинари, фриленсери и огромен број ентузијасти кои работат во сајбер просторот во Македонија.

„Оваа година, во услови на светска пандемија со Ковид-19 особено дојде до израз потребата од квалитетен сајбер простор. Во услови на препорачана физичка дистанца, темпото на миграција на активностите онлајн беше принудно засилено и многу институции и компании, иако не потполно подготвени, за кратко време успеаја да ги овозможат своите услуги и активности преку интернет. Сите што можат работат онлајн, учениците и студентите учат онлајн, дури и се дружиме преку интернет.

Интернет просторот расте и е сѐ покомплексен и разновиден. Веројатно ќе ја паметиме оваа 2020 година по многу лоши работи, но се надеваме дека ќе остане и нешто добро – алтернативни начини на работа, учење, купување, дружење – сето тоа овозможено преку интернет“, велат од организаторот на Сајт на годината „Media Solutions“.

 

 

 

 

 


Статијата е прочитана 837 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско