В недела на 12-ти започнува традиционалниот „Вевчански карневал“, богата забавно-уметничка програма до 14 јануари
Утре, в недела навечер, на 12 јануари, со забавно-уметничка програма и концертните настапи на домашни и регионални изведувачи започнува „ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ“, чија традиција и годинава ќе биде продолжена, а истиот ќе трае до 14 јануари 2025 година.
Преку маските, игрите и движењата на василичарите, на сатиричен начин се истакнуваат и исмеваат негативните појави и аномалии во општеството од изминатата година.
Првата вечер, на 12-ти јануари (недела) на сцената во Вевчани ќе настапат мегапопуларниот македонски трапер, охриѓанецот Пајак, потоа една од најдобрите македонски поп-рок групи „Ареа“, а вечерта ќе ја затворат легендарните предводници на некогашниот сараевски „њу примитивизам“, групата „Забрањено пушење“.
Втората карневалска вечер, на 13 јануари (понеделник) во музичкиот програм ќе ја отвори најпознатата македонска етно-поп група „Љубојна“. По неа ќе настапи златното грло на македонската новосоздадена фолк песна, единствениот Наум Петрески, а програмата ќе продолжи со „Оркестарот со зурли и тапани Вевчани“. Вечерта ќе ја затворат со својот настап Перо Бели и Коки – Биоритам.
Парадата на маските пак, ќе се одржи напладне во понеделник (13 јануари), а карневалот завршува на 14 јануари каде со василичарско оро и палење на маските се става крај на годинешното издание на оваа манифестација со долхговековна традиција.
Организаторите и годинава ветуваат уникатно доживување со многу забава, музика, смеа, игра, оригинални маски, вевчански дух и неизмерно гостопримство за сите што ќе дојдат на „Вевчанскиот карневал 2025“.
Статијата е прочитана 97 пати.