Возбудливо музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“ со Мурезану и Дел Пино

Возбудливо музичко патување во светот на класичната музика приреди вчеравечер фестивалот „Охридско лето“ преку концертот на една од најбараните светски виолинистки Ирина Мурезану од Романија која настапи заедно со шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино.

Нејзината возбудлива, искрена и елегантна изведба  на класичниот репертоар, вчеравечер  ја воодушеви фестивалската публика на подиумот во црквата „Света Софија“. Двајцата исклучително добри уметници настапија во рамки на традиционалната Романска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што ја отвори амбасадорката на Романија во земјава, Адела Моника Аксинте.

-Како што навестува и насловот, станува збор за репертоар што го следи, музички и географски, патот што води од Букурешт до Мадрид, со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајните композитори од овие земји. Оваа прилика ја користам да  ја пофалам исклучителната посветеност и професионалност на организаторите на фестивалот „Охридско лето“. Најтопли честитки до генералниот директор на фестивалот Наташа Поповиќ и до маестра Бисера Чадловска, селекторка на програмата, како и до целиот тим што од  година во година го овозможува фестивалот „Охридско лето“  како еден од најпрестижните настани  во земјава и Европа, рече амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, отворајќи на традиционалната Романска вечер на фестивалот.

Музичкото партнерство на ова дуо започнува на престижниот фестивал за музика во Њупорт во 2019 година, и оттогаш тие заеднички настапуваат во салите низ САД и Европа. Двајцата уметници имаат завидни солистички кариери, а заедно на подиумот на стандардниот репертоар му носат свежа и моќна енергија. Ирина Мурезану и Даниел дел Пино ги поврзува и заедничкиот интерес да креираат програми кои се музички комплексни, но истовремено подеднакво интересни и едукативни за публика од сите возрасти.


Статијата е прочитана 78 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско