Објавен романот за деца и млади „Момчето од ложата“ од грчката авторка Ангелики Дарласи

Издавачката куќа „Бата прес“ го објави романот за деца и млади „Момчето од ложата“ од грчката авторка Ангелики Дарласи. Делото од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова-Стојановска. Објавувањето на ова дело е подржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори. Книгата беше промовирана на годинешниов Саем на книгата во Скопје, на саемите на книги во Битола, Радовиш, Штип, Куманово, како и на манифестациите на ЕУ инфоцентарот во Скопје.

Дејствието во романот се случува во дваесеттите години на минатиот век. Дросос е младо момче кое има тешка судбина. Тој е бегалец и започнува нов живот во Атина. Мора да се снаоѓа во новата средина и постојано да живее со надеж дека еден ден повторно ќе ги сретне мајка му и татко му, кои што се исчезнати. Мора да биде силен и да ја заштити својата сестра Арети. Поради оваа состојба тој мора да најде начин да се соочи со реалноста во која се наоѓа.“

Оваа книга е инспирирана од вистински настани, од животот на група бегалци кои живеат во Народниот театар на Атина, во 1922 година, кога многу Грци од Мала Азија се доселени во Грција.

Иако оваа книга опфаќа тешки теми како што се загубата, болката и миграцијата, сепак е наменета за деца и млади, бидејќи таа е совршена почетна точка на младите и децата да се соочат со овие теми. Но, оваа книга може да биде и поучна, бидејќи опфаќа и теми како што се сочувството и хуманоста. Книгата ја доби исклучително значајната и популарна светска награда „Бели гаврани“ и националната награда „Кругот на грчки детски книги“.

Ангелики Дарласи е родена, живее и работи во Атина. Таа дипломирала на Универзитетот за драмски студии во Атина, а магистрирала на Студиите за изведба на Кралската централна школа за ораторство и драмски уметности во Лондон. Во текот на својата кариера работела во театар, филм и телевизија.

Има напишано повеќе книги и има добиено неколку награди во Грција, а и интернационални награди. Како позната писателка и драматург предава креативно пишување и драмски уметности.

 

 

 


Статијата е прочитана 274 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско