Ангеловска-Бежоска: „Девизните резерви ни овозможија релаксирана монетарна политика“
Гувернерката на Центраната банка, во своето излагање на годинешното издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст“ истакна дека во однос на наредниот период, слично како и во глобални рамки, монетарната политика ќе остане релаксирана, притоа водејќи сметка за одржување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност
Периодот од почетокот на пандемијата е првата криза на која што иницијалниот одговор на Народната банка е со олабавување на монетарната политика, а тоа беше можно поради девизните резерви, рече гувернерката на Централната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во своето излагање на годинешното издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст“ осврнувајќи се на поставеноста на монетарната политика од почетокот на ковид-кризата наваму.
„Просторот за водење ваква монетарна политика е овозможен со конфорното ниво на девизните резерви, отсуството на нерамнотежи и малите и ограничени ефекти врз процесот на евроизација, односно врз довербата на субјектите. Заедно со регулаторната флексибилност на Народната банка, ваквата политика придонесе за натамошно намалување на цената на кредитите и за забрзување на кредитната активност, што обезбедува поддршка на економијата. Всушност, каматните стапки на кредитите во нашата економија се едни од најниските во регионот, додека динамиката на кредитен раст е над просечната во регионални рамки“, истакна Ангеловска-Бежоска.
Во однос на наредниот период, гувернерката укажа дека слично како и во глобални рамки, монетарната политика ќе остане релаксирана, притоа секако водејќи сметка за одржување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност.
„Овој период на порелаксирани финансиски услови во банкарскиот систем треба да биде искористен за насочување на финансирањето кон продуктивни и иновативни проекти кои ќе имаат не само краткорочни ефекти врз економскиот раст, туку ќе овозможат и структурни подобрувања и подигнување на долгорочниот потенцијал на економијата, што е клучно за побрза реална конвергенција по завршувањето на пандемијата“, рече Ангеловска-Бежоска во завршницата на своето излагање.
Статијата е прочитана 762 пати.