„Once Upon A Time In The East“ - изложба на Томе Аџиевски во Чифте амам

Насловена „Once upon a time in the east“ најновата изложба на македонскиот уметник Томе Аџиевски ќе претстави скулптури и мултимедијални дела ои содржат лим, каширана хартија, пластика, метал, спирали од стари душеци, картони, туби, силикон, шипки, облека, мермер, јутени вреќи, каиши, пластични канистри, текстил, дрвени плочи, асфалт, боја, катран.

Изложбата ќе биде отворена на 9 ноември, четврток, во Националната галерија, во објектот Чифте амам, со почеток во 19 и 30 часот.

Изложбата, под кураторство на на Франговска, виш кустос во Националната галерија, ќе биде отворена за јавноста до 29 ноември, а ќе бидат претставени дела кои содржат користени и отпадни материјали, создавајќи просторно-формални конгломерации со трансгресивни и моќни скулпторски аспирации што го освојуваат просторот на амамот.

„Аџиевски презема некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 70-тите, постмодерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и денес. Преку ваквата визуелна предлошка Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде што геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам, на што сме сведоци со децении“, се вели во соопштението за изложбата.

Од Чифте Амам велат дека изложбата претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нејзината уметничка револуција – како реакција на општествената револуција. Оттаму дополнуваат и дека овој важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, сѐ уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т. е. уметноста која се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира.

Томе Аџиевски е еден од исклучително важните уметници на т.н. средна генерација македонски современи уметници кои се појавуваат во 90-тите години (дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во 1983 година). Со својот младешко-бунтовнички карактер и желбата за „револуционерни“ и брзи промени во уметноста кај нас, влијае врз осовременување на македонскиот визуелен вокабулар како дел од македонската постмодерна. Контроверзен но моќен, раскошен но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела кои имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамент. Се потпира на значајни моменти од историјата на уметноста на 20 век, кои како да се движат по некоја циклична траекторија до ден-денес, со пресвртни револуционерни мигови што доведуваат до смена на темпото, на разбирањето на уметноста и на нејзината улога и, секако, на улогата на уметникот во социо-општествениот хабитус.


Статијата е прочитана 357 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско