Костадиновска-Стојчевска: Со новиот Предлог-закон за културата се предвидува повеќегодишно финансирање проекти
Ќе стипендираме студии за кадри кои се дефицитарни со обврска за студентите што се во програмата да останат, се надевам дека ќе ги задржиме студентите дома, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во денешното гостување на утринската програма „Здраво Македонијо“ на Канал 5.
Таа додаде дека во Музејот на Северна Македонија има само двајца конзерватори во моментов, чие матично поле на образование е сосема друго, но се дообразовале за конзервација на метал и текстил и останале.
„Сега имаме дефицит на кадар бидејќи тие професии не станале доволно атрактивни за студентите“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката посочи дека со новиот Закон за културата се предвидува повеќегодишно финансирање проекти и институции.
„Во новиот Закон за културата една од новините е повеќегодишно финансирање не само на проекти туку и распределување на буџет за институции“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
„И локалните самоуправи треба да преземат дел од обврските. Жал ми е кога од локалните установи ќе слушнам дека локалните самоуправи одделувале мал буџет за култура и за поддршка на развојот на културата“, порача Костадиновска-Стојчевска.
Министерката рече дека измените за повеќегодишно финансирање се прават бидејќи има проекти што не може да бидат завршени во една година зашто една година трае само подготовката на проектот за конзервација и презервација.
„Во новиот Предлог-закон за културата, за кој имаше дебата и сега е во фаза на преработка по оние предлози што беа пристигнати по електронски пат, е дефинирано дека националниот интерес треба да се оддели од јавниот интерес во однос на финансирањето, но и дека треба стручните комисии да се избираат на јавен повик, да нема обвинувања до министерот, заменик-министерот, вработените во културата, дека тие наметнуваат своја волја, туку тие стручни комисии да се избираат на јавен повик“, истакна таа.
Таа додаде дека манифестации како „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“, „Илинденски денови“ и други, кои имаат своја особена тежина, а воедно и ја промовираат државава надвор од нејзините граници, треба да добијат поинаков третман од оние проекти што се од јавен интерес и со поинаков карактер.
„Тоа, се разбира, не значи дека не треба да се финансираат и едните и другите. Но треба да биде поинакво согледувањето на стручните комисии што ги формираме“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката рече дека манифестациите кои се од национален интерес треба да добиваат постојано поголема финансиска поддршка од Министерството за култура, додека начелото на финансирање на проектите од јавен интерес треба малку да се преструктурира.
На денешното утринското гостување во „Здраво Македонијо“ на телевизијата Канал 5, освен министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, гостуваа и педијатарот Аспазија Софијанова и политичкиот аналитичар Сашо Клековски.
Статијата е прочитана 367 пати.