„Бела ноќ“ во Националната галерија со Симон Шемов и Миле Корубин
Две големи и исклучително значајни изложби се поставени во репрезентативните објекти Даут-пашин амам и Чифте амам со кои Националната галерија партиципира во Програмата на манифестацијата „Бел ноќ“ за 2023 година. Ја информираме широката публика дека во сабота, 30 септември 2023, од 20 часот до доцните вечерни часови ќе имаат задоволство бесплатно да ги посетат двете поставки, програмски активности во рамките на одбележување на јубилејот - 75 години постоење на Националната галерија.
Симон Шемов „Мултиверзум“
Даут пашин амам, 27 септември – 27 ноември 2023
Симон Шемов е мултимедијален уметник, професор, истражувач, вљубеник во природата и космосот. Проектот „Мултиверзум“ ќе ги претстави неговите ликовни остварувања кои се однесуваат на неколку тематики кои се провлекуваат како јадро низ целиот негов животен опус, а тоа се истражување на универзумот, пантеизмот, архетиповите, детската игра, фолклорот итн.
Продолжувајќи ги вечните трагања по истражување на односите реално-имагинарно, простор-време, пропорции, релации, растојанија, Шемов создава една мошне моќна визуелна, просторна, „звучна“ потрага по тајните на космосот, прослана низ магичниот Даут-пашин амам. Истражувањата и метафизиката на космосот Шемов ја разработува во повеќе различни медиуми, од неговата специјалност – виртуозноста и единственоста во создавање дела од рачно изработена хартија, платна, цртежи, комбинирани техники, колажи, со што мултимедијалниот наратив добива уште повеќе на транспарентност.
Миле Корубин, 1922 – 2000
Чифте амам, 28 септември – 27 октомври 2023
Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин (роден на 28 септември 1922 година во Прилеп, а починал на 13 септември 2000 година во Скопје), еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се базични поводи преку кои Националната галерија, како институција која седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања.
На оваа примарна визија, мисија и функција се надоврзуваат и заложбите за константно потсетување за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од модерното македонско сликарство и скулптура, преку селекција и претставување дела што се наоѓаат во повеќе државни и јавни институции од земјава, како и во приватни колекции.
Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното. Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност. Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла.
Статијата е прочитана 475 пати.