Светски признати кинематограферки дебатираа на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола

Шест познати и признати светски кинематограферки денеска во Битола зборуваа за нивните патувања, предизвиците и за триумфите кои ги имале работејќи како кинематограферки. 

На тркалезна маса организирана од ИФФК „Браќа Манаки“ говореа Елен Лотман, поранешна претседателка на ИМАГО и актуелна претседателка на естонското друштво на кинематографери, Ерика Адис, кинематограферка и режисерка, претседателка на австралиското друштво на кинематографери, Бојана Андриќ, претседателка на ИМАГО и на српското друштво на кинематографери, Гертрурд Бејлот од француското друштво на кинематографери, Селин Бозон, поранешна претседателка на француското друштво на кинематографери, Ула Понтикос, претседателка на британското друштво на кинематографери и снимателката Агнешка Селига.

„Кога започнував со оваа професија пред дваесетина години, јас бев најмлада на сетовите. И сите други мои колеги беа мажи. Тогаш сфатив дека ова ќе биде тешка професија“, рече Селин Бозон пред присутните.

Српската кинематограферка Бојана Андриќ истакна дека верува во менторството како дел од процесот на учење на професијата кинематограф.

„Мојот професор кој има работено на 70 филмови, виде дека мојата енергија е комплетно внесена во филмот. Јас му кажав дека филмот е мојот живот и дека тоа е мојата определба“, посочи Андриќ.

Според последните информации, во земјите од поранешна Југославија, во Словенија и Хрватска нема ниту една жена кинематограферка, во Босна и Херцеговина има две жени, но се телевизиски кинематограферки, а во Србија има четири кинематограферки, додека во Северна Македонија порано имаше две кинематограферки кои повеќе не се занимаваат со оваа дејност, беше потврдено на ИФФК „Браќа Манаки“. 


Статијата е прочитана 363 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско