Маестрална изведба на Драмски театар Белград на затворањето на 63-тото „Охридско лето“

Извонредната театарска претстава „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во изведба на Драмски театар Белград од Р.Србија, завчера вечер на Античкиот театар го затвори 63-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Како што истакна директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ во своето завршно обраќање пред повеќе од двеилјадната публика на Античкиот театар,низ изминатите четириесет фестивалски вечери одекна гласот на уметноста од древниот Охрид ширум целиот свет, потврдувајќи ја уметничката совршеност негувана и градена со години.

„Реализиравме восхитувачки настани кои публиката ги проследи со огромна радост. За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележиме 50 процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е посебно значајно, е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика.  Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници“, рече Поповиќ.

Годинешното фестивалско издание на 12 јули започна со спектакуларниот настап на оперската дива Анџела Георгиу, а заврши исто така маестрално, со една современа, модерна естетика, актерски впечатлива претстава, интригантна, провокативна и доста комична, со извонредните актери Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и Јелисавета Теодосиќ.

„Тоа  е текст којшто потврдува дека во животот се опстанува со лага, дали за да заштитиме некого, дали за да се скриеме себеси, дали за да изманпулираме некого, таа ни е едноставно неопходна како едно епително ткиво коешто не заштитува, еден психолошки код за одбранбен механизам а при тоа претставата  не се занимава со лагата како феномен, туку со  вистината којашто можеме или не можеме да ја прифатиме таква каква што  е, дали е вистина тоа што  ќе го слушнеме или е вистина она во што ние сакаме да  веруваме, и дали после откако ќе се отворат овие прашања, брачните односи остануваат исти, дали ние остануваме исти и дали ќе можеме да останеме, а при тоа да не бидеме изедени од параноичните сомнежи, појаснува селекторката на драмската програма на „Охридско лето“, Сања Арсовска.

По завршувањето на претставата, беше изгаснат фестивалскиот оган којшто гореше во текот на изминатите фестивалски вечери, а крајот на ова фестивалско издание беше означен и со богат огномет на небото над Античкиот театар. 

Годинешното 63-то „Охридско лето“  се одржа со огромна поддршка од Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на манифестацијата, Владата и ресорното министерство за култура, амбасадите во РС Македонија, Општина Охрид, како и со поддршка од бројните поддржувачи на културата почнувајќи од генералниот спонзор на фестивалот, Македонски Телеком.


Статијата е прочитана 422 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско