Почнува Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Започнува 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК). 

На Школата, којашто ќе трае до 31 август, ќе учествуваат околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави. Пријавени се семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република. 

- Составот на учесниците уште еднаш потврдува дека се остварува определбата на МСМЈЛК при УКИМ, македонскиот јазик да одекнува насекаде низ светот, велат од МСМЈЛК.  

Меѓу семинаристите, и оваа година ќе има и универзитетски професори, истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи.

Конципирана е програма којашто се очекува на странските македонисти и слависти да им овозможи нови сознанија за македонскиот јазик, литература и култура и да ги поттикне на натамошни истражувања посветени на македонистиката. 

На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат и во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат годинава како што се 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Во рамки на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите кои се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамки на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. издание на традиционалната меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Школата се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности ќе се реализираат и со поддршка од Општина Охрид.

По 56. Летна школа се најавува и 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе се одржи од 1 до 3 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

 


Статијата е прочитана 291 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско