Со изложбата„75 / 75“, Националната галерија почнува со одбележување на 75-годишниот јубилеј
Денеска во 20 часот, во објектот Чифте амам, ќе биде отворена за јавност изложбата под наслов „75 / 75“. Со оваа изложба ги започнуваме активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија. Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за нашата колекција, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.
На изложбата „75 / 75“ ќе бидат претставени дела од следните автори: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и др. (скулптори).
Изложбата ќе трае до 19.8.2023 година. Воедно, ве известуваме дека на 2.8.2023 година, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти ќе биде бесплатен.
Статијата е прочитана 376 пати.