Македонското радио – Радио Скопје одбележува платинест јубилеј – 75 години програма во етерот
Интервју со Наташа Андрееска, одговорен уредник на Прв програмски сервис на Македонско радио - Радио Скопје во кое говори за подготовките за прослава на големиот јубилеј, за тоа на што се должи долгогодишниот квалитет на програмата богата со содржини со информативен, но и со едукативен карактер, за борбата со модерните електронски медиуми, за иднината на радиото како медиум, за плановите за 2020 година
МАРИЛИ: Македонското радио – Радио Скопје деновиве одбележува голем јубилеј - 75 години програма во етерот. Како ќе го прославите роденденот, дали на слушателите ќе им понудите некаква специјална програма, од кога ќе се емитува и што ќе содржи?
АНДРЕЕСКА: „Зборуе Радио Скопје, Зборуе Радио Скопје“ - со гласот на Владо Малески во далечната 1944 година на 28 декември, одекна на фрекфенциите преку тогашните радио транзистори и приемници означувајќи го почетокот на Македонското радио - Радио Скопје.
75 години е платинест јубилеј со кој може да се пофалат малку медиуми во светот, а нас не прави посебно горди. Денес програмата на Македонското радио ја креираат повеќе од 80 професионални новинари, спикери, лектори, техничари, продуценти...
Во име на овој 75 годишен јубилеј почнувајќи од 23-ти овој месец преку фрекфенциите на Македонско радио – Радио Скопје 97.3 и 98.9, слушателите ќе можат да проследат специјална програма подготвена за Радиото.Тука се архивските снимки од Македонското радио, каде истакнати доајени на македонското новинарство говорат за важноста и историската улога на овој медиум. Преку посебни емисии ќе контактираме со слушателите за кои, всушност, ние создаваме и емитуваме програма во сите овие години. Ќе се потсетиме на музичките изведби кои ја оформија денешната македонска музичка сцена. Ќе говориме околу предизвиците, како со тогашните лимитирани жичени магнетофони биле создадени најголемите македонски хитови како што е „Кажи зошто ме остави“, кои засекогаш ќе останат дел од македонската музичка историја. Ќе го слушнеме и интервјуто со првиот директор, новинар и репортер на Радио Скопје, Владо Малевски, како и со други истакнати личности од светот на радио новинарството.
МАРИЛИ: Македонското радио се уште има најквалитетна и најкултурна радио програма со различни содржини со информативен, но и со едукативен карактер. Колку е тешко да се одржува квалитетна и разновидна програма, а притоа да биде и актуелна?
АНДРЕЕСКА: Квалитетот на програмата на Македонското радио – Радио Скопје се должи, пред се, на искусниот тим составен од повеќе од 60 професионалци кои секојдневно, 24 часа на ден учествуваат во создавањето разновидна и квалитетна радио програма, достојна за национален медиум. Македонското радио – Радио Скопје нуди широк спектар на програма преку дневната, информативната, редакцијата за играна програма и драмски остварувања, детската, спортската, научно-документарната, културната, музичката програма, како и преку бројните дописници од земјата и од светот.
МАРИЛИ: Според Вашите сознанија, кои емисии од Македонското радио се најслушани и како се борите со модерните електронски медиуми?
АНДРЕЕСКА: Програмата на Македонското радио – Радио Скопје често ја надополнуваме со нови содржини. Ја анализираме слушаноста и, пред се, ги слушаме нашите слушатели, со цел да внесеме теми кои се од нивен интерес. Така, на пример, во рамките на радио спектарот во сабота од 11.00 до 12.00 часот започнавме отворена програма со слушателите кои бараат јавно да го искажат своето мислење околу актуелни случувања кои ги засегаат, а можност имаат да им одговорат, повторно јавно, оние кои се поврзани со тие случувања и воедно да споделат совет или мислење со нив. Веќе подолго време дел од програмата се и емисијата „Тука околу нас“ и саботната колумна *Од мој агол-Мислам значи постојам* за актуелните збиднувања, што ги подготвувам јас и кои се насочени кон личниот развој и размисли како и кон подобрување на општата состојба. Пладневниот Радио весник преку 50 години се емитува во ист термин, од 15.30 часот и тој веќе прерасна во една традиција на радиото. Емисијата посветена на љубовта и поезијата „Играј со мене“ се емитува секој петок од 20.00 часот. Тука се и Утринската програма *Хрономер* секој работен ден од 6 до 10 часот,специјализираните емисии за правото, здравството, образованието, туризмот, за лицата со попреченост, домашните миленици, социјалниот живот, македонскиот литературен јазик, емисиите од научно-документарната програма, „Беседа со пријателот“, „Траги во времето“, Ноќните програми, „Живот и љубов“, „Културна клучалка“, „Актуелно“ и многу други. Тука се и музичките програми за сите возрасти. Има навистина шаренило од теми, гости, слушатели... Работиме, создаваме, комуницираме и тоа исполнува.
Цврсто сме убедени дека доколку продолжиме со емитување разновидна и квалитетна програма ќе бидеме успешни и во наредните 75 години и тоа е „оружјето“ со кое се бориме со модерните „музички“ медиуми.
МАРИЛИ: Што треба да се направи за да се зголеми слушаноста и атрактивноста на програмата на Македонското радио, дали се потребни некакви радикални чекори и промени?
АНДРЕЕСКА: Македонското радио изгради еден фантастичен јубилеј од 75 години коj ние денес гордо го славиме. Она што нам најмногу би ни било драго е таа традиција да ја продолжат младите генерации кои би биле примени овде и би продолжиле во овие студија и канцеларии од најпознатата зграда во градот, да создаваат и понатаму квалитетна програма со широк спектар за сите граѓани. Исто така веруваме дека властите ќе бидат многу повеќе свесни за вредноста на овој медиум како влијателен фактор во процесите на демократизација на земјата и како медиум кој денес има водечка во улога во медиумскиот простор и активно ќе се вклучат во неговото модернизирање и внатрешна обнова.
МАРИЛИ: Каде ја гледате иднината на радиото како медиум, воопшто, какви се странските искуства?
АНДРЕЕСКА: Во глобалната средина на информации се случуваат се повеќе промени и се појавуваат нови медиуми и платформи. Радиодифузерите пронаоѓаат константно нови начини да комуницираат со своите слушатели, гледачи или читатели, а, пак, овие сега одбираат на кој начин и како ќе бидат забавувани или информирани. Во модерната дигитална ера еднаков простор имаат сега големите „бродкастери“ и малите радиодифузери. Она што нам ни преостанува е единствено да продолжиме да нудиме програма која слушателите ќе ја препознаат како квалитетна, едукативна, забавна и слушлива во целокупниот „шум“ на етерот. Радиото има едноставен шарм како медиум, кој верувам дека уште долги години ќе продолжи да ги забавува и информира граѓаните.
МАРИЛИ: Кои се плановите за 2020 година?
АНДРЕЕСКА: Програмата на Македонското радио – Радио Скопје продолжува и во Новата 2020 година. Шемата е веќе подготвена и полека по прославувањето на нашиот јубилеј на 28.12.2019 продолжуваме активно да работиме на нови теми и дилеми, секако, во соработка со слушателската публика на радиото. Земено во целина, во Новата 2020-та ќе внесеме многу повеќе енергија, нови емисии и позитивни вибрации за љубителите на пишаниот и на искажаниот збор.
Статијата е прочитана 3495 пати.