МФ: Се работи на воспоставување систем за раст на платите на вработените во јавниот сектор, минималната плата има раст од 12,55 отсто

Одржлива и долгорочна методологија заснована на објективно дефинирани критериуми е решението кое го бараме за платите на вработените во целиот јавен сектор. Веќе се работи на Законот за плати во јавниот сектор, кој е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа. Решението на ова прашање со платите ќе го бараме заедно со партнерите во Економско социјалниот совет, синдикатите и работодавачите, соопштија денеска од Министерството за финансии, а пренесува МИА.

Во моментов, додаваат од Министерството, се работи да се најде одржливо системско решение што ќе се однесува на целиот јавен сектор, по примерот со минималната плата и пензиите.

„Во Законот за службеници во државната администрација се воведе методолодија со која минималната плата е внесена како основна компонента во платата на државната администрација и врз основа на тоа платите на сите вработените во државната администрација се зголемуваат согласно утврдените критериуми за раст на минималната плата. Тоа се однесува на вработените опфатени со овој закон, додека кај другите растот на платите е регулиран со колективни договори. Станува збор за системско решение за платите на вработените во јавниот сектор, врз основа на утврдени критериуми, кои одговараат објективно на состојбите. Такво решение беше постигнато за растот на минималната плата и пензиите. Така согласно ова решение, во иднина секоја година во март врз основа на дефинираните критериуми, раст на трошоците на живот и раст на просечната плата, ќе се утврдува растот на минималната плата. Тоа е воспоставен систем, инкорпориран во Закон и кој ќе се имплементира во пракса“, се вели во соопштението од МФ.

Така со воведеното системско решение од овој месец, според Министерството, минималната плата има раст за 2.175 денари или 12,55 отсто во однос на март минатата година. Раст, велат, има и просечната плата на вработените во државата, која достигна 34 илјади денари и има раст над 13 проценти.

Владта, велат од Министерството за финансии, презема мерки за раст на платите и заштита на стандардот на граѓаните. Минатата година се зголемија платите во основно и средно образование за 15 отсто, во градинките за 15 отсто, високо образование за 7 отсто (дополително во 2021 година имаше раст од 8 отсто), во култура во 2022 година има раст на платите од 18 проценти, судство 15 отсто, полиција 5 отсто и други.


Статијата е прочитана 358 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско