Се прават анализи за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот

По лебот, тестенините и дел од млечните производи, од вчера замрзнати се цените и на оризот и јајцата, а Владата анализира дали со бранот замрзнувања на цените на прехранбените производи да бидат опфатени и овошјето и зеленчукот. Истовремено, на 70 проценти е ограничен и извозот на домашно производство на јајца од кокошка со цел да се избегне евентуален дисбаланс во понудата и да се спречи целосен извоз во соседството каде цената е повисока, пренесува МИА. 

Стопанските комори, пак бараат Владата да престане со замрзнување на цените и да најде други механизми за помош на граѓаните како што се намалување на даноците и на ДДВ-то и да се интервенира преку државните резерви.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата рече дека во изминатиот период е утврден значаен пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.

„За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел да се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, производителите, најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година“, рече Ковачевски.

Овие мерки, како што укажа, не се носат произволно, туку се базирани врз аргументирани факти и анализи, реализирани во изминатиот период.

На вчерашната седница на Владата е разговарано и за евентуално замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) вчера во пресрет на прес-конференцијата во Владата, побараа да се престане со замрзнување на цените на основните прехранбени производи и наместо тоа да се најдат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што се намалување на даноци и ДДВ и интервенирање преку државните резерви. И од Стопанската комора на Северна Македонија порачаа дека замрзнувањето на цените не е пазарно решение, а товарот од кризата, како што рекоа, не треба да го носи само една индустрија, туку да падне врз грбот на сите по малку.

Извор: МИА

 


Статијата е прочитана 185 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско