Уште 200 компании добија повластена тарифа за струја

Компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води ќе имаат струја по повластена тарифа и ќе треба да склучат договор со ЕСМ Продажба, одлучи Владата на последната седница.

За компаниите кои произведуваат храна мегават/час електрична енергија ќе чини 80 евра и оваа мерка ќе важи за сите што ќе склучат договори до први декември. Одлуката се однесува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

„Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании“, рече премиерот Димитар Ковачевски според кој од старт со оваа мерка прехранбените производи ќе поевтинат за 10 отсто.

Повластена цена од 95 евра за мегават/час ќе добијат основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за водовод и канализација кои ќе склучат договори со ЕСМ.

Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше дека се работи за 200 фирми производители на основни производи кои се на регулиран и на отворен пазар на струја. Тој верува дека ЕСМ ќе може да произведе доволно струја за сите потреби.

„Ако во случај инпутот на електрична енергија што е во формирање на финалната цена не се рефлектира и во намалување на цена на производите, тогаш има и други механизми, односно, замрзнување на цените онаму каде што ќе се утврди дека инпутот со електричната енергија не се калкулира во финалната цена на производите“, рече Бектеши.

 


Статијата е прочитана 173 пати.

Сподели: