Средношколци од Скопје победија на предизвикот од НАСА и ќе одат во вселенскиот центар на Флорида

Два тима од средните училишта „Орце Николов“, „Зеф Љуш Марку“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ се победници на NASA Space Apps Challenge 2022 во Македонија. Како национални победници товие тимови со поддршка на Американската амбасада во земјава заедно со менторите ќе патуваат во NASA’s Kennedy Space Centеr.

Тие беа во конкуренција на пет тимови избрани за финалисти, од страна на петчлено жири кое едногласно одлучило да избере два тима како прво пласирани.

Тимовите „Aerth“ и „Yccc-Space Eagles“ имаат ист број гласови од жирито за понудените решенија за предизвиците.

„Станува збор за високо-квалитетни и добро промислени проекти, за иновативен пристап, голем обем на сработени активности за само 48-часа и високо ниво на тимска соработка во рамки на хакатонот“, информираат од NASA Space Apps Challenge 2022.

Во тимот „Aerth“ членуваат средношколците Мирослав Мишоски, Илин Московски, Леонид Индов, Марио Блажевски, Матеј Крстески и Калин Јовановски на возраст од 16 и 17 години од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и СУГС Гимназија „Орце Николов“. Ментор на тимот е Марко Лазетиќ од Машински факултет.

Во тимот „Yccc-Space Eagles“ членуваат средношколците Анди Ганиу, Ендрит Шаќири, Јасир Идризи, Кренар Ахмет и Дијар Селами на возраст од 17 и 18 години од средното училиште „Зеф Љуш Марку“ од Скопје. Ментор на тимот е Ндерим Нагавци.

Второ место освои тимот „The Exposeros“ во кој се основците Бодан Николов (12) од QSI Internacional School of Skopje, Миа Чаушевска (12) од NOVA Internacional Schools и Јаков Здравевски (13) од IPS.

„Тие се првите ученици кои заради нивото и квалитетот на нивните идеи, обемот на технички познавања, силна визија и функционално решение - прототип изработено во само 48-часа успеаја од младинската конкуренција рамноправо да се натпреваруваат со останатите тимови во категоријата 15+ и дури да освојат и пласман“, велат од NASA Space Apps Challenge 2022.

Тимот на „Aerth“ креирале решение со чија помош корисниците можат да следат, но и да предвидуваат движење на Меѓународната Вселенска Станица и притоа учејќи многу интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија.

Тимот на „Yccc- Space Eagles“, пак, се фокусира на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб страница преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси, преку добиентите податоци од НАСА добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите кои ги имаат остварено астронаутите од Аполо мисиите.

Најмладите учесници од тимот „The Exposeros“ креираа прототип на сонда опремена со независен систем за напојување со енергија за да може да издржи и 60-дневни мисии со задача да ја истражува планетата Венера.

 


Статијата е прочитана 532 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско