Македонската економија може да влезе во стагфлација, предупредува Светска банка

Светска банка во најновиот есенски Економски извештај за Европа и Централна Азија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,1 отсто, во наредната 2,7 отсто, а во 2024 година растот на БДП ќе 2,9 отсто.

Растот од само 2,1 отсто оваа година, според СБ е најниско ниво во Европа. Само Русија, Украина и Белорусија имаат помала стапка на раст на своите економии од Македонија. 

                                               

Светска банка предупредува на можноста земјата да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст проследен со високи стапки на инфлација.

Се очекува годинава инфлацијата во земјава да биде 12,1 отсто, наредната година 6,1 отсто, а во 2024 година 3 отсто. Во Извештајот се посочува дека додека војната во Украина и енергетската криза ги намалуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните.

„Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите. Монетарната политиката е заострена за да ги скроти инфлаторните притисоци. Среднорочниот раст се очекува да биде умерен, но ризиците значително се наклонети кон надолната страна. Прогнозата за раст за 2022 година е дополнително намалена на 2,1 отсто поради енергетската и украинската криза која продолжи да зема данок на домашната економија“, се вели во делот на Иизвештајот на Светска банка посветен на Северна Македонија.

 

 


Статијата е прочитана 268 пати.

Сподели: