Бизнис вести

Средба на Ангеловска-Бежоска и Бесими за Законот за платежни услуги и платни системи

четврток, 01 септември 2022

 

Законот за платежни услуги и платни системи, чии одредби стапуваат на сила од 1 јануари 2023 година, беше една од темите на редовната координација помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими и нивните тимови.
Новиот Закон содржи одредби со кои ќе се поттикне влез на нови даватели на платежни услуги, што, пак, ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите. Исто така, со Законот се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, како и поголема транспарентност, соопшти Народна банка.

На средбата беше посочено дека во следниот период, институциите ќе се заземат за информирање на граѓаните и на фирмите за новините коишто ги предвидува овој системски закон. Меѓу нив е и воведувањето платежна сметка со основни функции преку која граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за намирување на своите вообичаени обврски или трансфер на парични средства на друго лице. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци, не повисоки од 0,1% од просечната исплатена нето-плата во земјата во претходните дванаесет месеци (или околу 30 денари), во кои ќе биде вклучено месечното одржување на сметката и најмалку пет платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка. Платежната сметка со основни функции ќе биде без надоместок за корисниците од ранливите категории.

Со Законот за платежни услуги и платни системи се предвидуваат и повеќе други механизми за заштита на потрошувачите поврзани со надоместоците, како склучување унифицирани рамковни договори и предвидени видови надоместоци, ограничување на заменските надоместоци за плаќање со картички, поголема транспарентност и споредливост на надоместоците за услуги поврзани со платежната сметка. Исто така, во областа на платежните услуги би се вклучиле нови даватели на платежни услуги, што би придонесло за намалување на цените за услугите.

На средбата беше опфатена и тековната економска состојба и економските движења во меѓународното окружување и кај нас. Беше истакнато дека задржувањето на макроекономска стабилност е приоритет за двете институции и дека се продолжува со координацијата и будното следење на состојбите и со носењето соодветни политики, се наведува во соопштението од НБ.

Содржината е прочитана 70 пати.