Кадетите го освоија ЕХФ шампионатот и обезбедија настап на СП 2023 и на ЕП 2024

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија ја израдува спортската јавност во државата, откако во големото финале ја совлада селекцијата на Швајцарија со 24:22.

Младите ракометари до 18 години остварија голем успех и триумфира на ЕХФ шампионатот кој се играше во Рига, Летонија и со тоа си обезбедија настап на две големи натпреварувања во следните две години, на кадетското Светско првенство 2023 и на младинското Европско првенство во 2024 година.

Целиот натпревар во финалето помина во израмнета игра и голема борба на двете репрезентации. Македонија најголема предност имаше од три гола (13:10 и 10:7), додека Швајцарците најчесто беа во водство во второто полувреме. 

Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ на осум минути до крајот губеа со 20:22, но со головите на Шулески и Димковски израмнија на 22:22. Потоа на 1.10 минута до крајот Димковски погоди за 23:22, а точка на натпреварот стави Карасманакис за конечни 24:22 и за титула на ЕХФ шампионатот. 

Најдобар стрелец за Македонија беше Томислав Димковски со седум гола, Александар Петковски даде шест, додека Мирче Калајџиески даде четири гола. Кај Швајцарците најпрецизен беше Гино Стенартс со дури 11 гола.

По последниот дуел се прогласени и најдобрите на ЕХФ. За МВП на шампионаот е прогласен Томислав Димковски кој имаше импресивна партија во мечот за титула на Македонија. Додека во „ол-стар“ тимот, пак, покрај Димковски имаше место и за левото крило Михаел Тотиќ, голманот Давид Брестовац и десното крило Александар Петковски.

Младите македонски ракометари го дополнија впечатокот во големото финале и дефитивно станаа миленици на македонската јавност кога продолжија да ја пејат државната химна откако во официјалниот дел беше  интонирана кратка инструментална верзија, односно само првата строфа. Така, ракометарите придонесоа за подигнување на тимската атмосфера што ја крунисаа со пет победи и златен медал на ЕХФ-шампионатот во Летонија.

 


Статијата е прочитана 294 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско