По една деценија Македонија, Грција и Албанија почнуваат со заштита на Преспа

По повеќе од 12 години од потпишувањето на Договорот за заштита на Преспанскиот регион, Македонија, Грција и Албанија одржаа први состаноци на кои утврдија насоки за заедничкото одржливо управување и унапредување на Преспа, јави Радио Слободна Европа.

Според информациите на РСЕ, првите два состаноци трите држави ги одржаа во информативниот центар Пили во Грција, на брегот на малото Преспанско Езеро, каде беа усвоени неколку документи: за воспоставување Секретаријат на Комитетот за управување со „Преспа парк“ составен од членови од Македонија, Грција и Албанија, а направен е и договор за начинот на кој ќе управува Секретаријатот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ изјавиле дека се изработени два акциски плана за тоа како ќе спроведува Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на „Преспа парк“ во периодот од 2022 до 2024 година.

На средбите било дискутирано за лошата состојба на Преспанското Езеро, главно поради експлоатација на водите за земјоделството, но и како резултат на климатските промени. Водата на Езерото во моментов е пет метри под референтната нулта точка во хидролошката станица во Стење, според податоците на Секторот за животна средина во Општина Ресен.

„Беше направен предлог-список на приоритетни активности, меѓу кои заеднички мониторинг на Езерото, анализа на намалувањето на нивото на водата и за надминување на состојбата со Преспанското Езеро. Во рок од две недели истиот ќе биде финализиран и одобрен од страна на ово тело“, велат од Министерството.

Официјалното потпишување на Договорот за „Преспа парк“ меѓу трите држави беше направено на 2 февруари 2010 година. На 23 јуни оваа година конечно формално започна заедничката работа за зачувување и унапредување на регионот на сите три држави кои го делат езерото и ЕУ. На состанокот се сретнаа претставници од Македонија, Грција и Албанија, Европската Комисија, локалните власти, невладини организации и управувачките тела за заштитените подрачја.


Статијата е прочитана 432 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско