Аптеката „Анни фарм“ превентивно советува на својот Јутуб канал

Интервју со Билјана Божиновска, генерален директор на ПЗУ Аптека „Анни фарм“ во кое зборува за сертифицираната онлајн аптека за онлајн продажба на додатоци во исхраната, органска и медицинска козметика, каде испораката е од 24 до 48 часа, како и за тоа што значи да се биде успешна жена менаџер, за обврската што ја носи оваа позиција и за се она на што треба да биде подготвен добриот менаџер за да ги заврши сите зададени обврски и предизвици, а притоа да не ја изгуби емпатијата кон соработниците и тимот. Божиновска беше една од најуспешните жени менаџери за 2022 година прогласени од агенција „Марили“

 

МАРИЛИ: Од кога постои аптеката „АННИ ФАРМ“ и како дојдовте на идеја да создадете сопствен приватен бизнис во оваа дејност? 

БОЖИНОВСКА: Аптеката ДНА АННИ ФАРМ постои од 3.3.2010 година. Десетте години како сопственик на две аптеки се огромен предизвик за постојано усовршување на фармацевтската аптекарска практика. Желбата за услуга повеќе од препорака и дозирање на лекови и додатоци во исхраната ми даде идеја да создадам свој приватен бизнис. Верувале или не, аптеката има неисцрпни можности, само ако се работи со полно срце и безрезервна поддршка на тимот што мора постојано да е во тек со сите новитети во медицината и во фармацијата. Насмевката и довербата на секој пациент и клиент ни дава енергија да работиме на себе, да бидеме постручни и подобри во нашите препораки. Таа енергија е препознаена од секој што барем еднаш ја добил нашата фармацевтска услуга и грижа. 

 

МАРИЛИ: Пандемијата ја поттикна интернет-продажбата, но како влијаеше врз делот на работењето на аптеките? Кажете ни нешто повеќе за Вашата сертифицирана онлајн аптека! 

БОЖИНОВСКА: За жал, пандемијата беше причина за отворање нови можности во делот на фармацевтската грижа. Големиот број луѓе што чекаа пред аптеките, желбата да се намали контактот, а со тоа и можноста за пренесување на вирусот КОВИД-19 создаде РЕАЛНА потреба за отворање онлајн продажба на додатоци во исхраната, на органска и медицинска козметика. Клиентите што знаат што им е потребно може да нарачаат и испораката до нивниот дом е од 24 до 48 часа. На секое поставено прашање одговара фармацевт или фармацевтски техничар за да може секој корисник да има сигурност во стручноста на препораката. 

Преку ваквиот вид услуга се ослободува поголем простор за фармацевтска грижа за рецептурата во аптеката и можност секој пациент и клиент да ги добие заслуженото внимание и време за правилна препорака. 

 

МАРИЛИ: Фокусот на Вашата работа се превентивните совети. На кој начин функционира оваа идеја?

БОЖИНОВСКА: Сведоци сме дека достапноста на информацијата, особено во делот на здравјето создаде огромна забуна и вознемиреност кај луѓето. За секој симптом најлесно е да се праша GOOGLE или MOZILA или да се побара совет од форуми или некој алтернативен пат што не е секогаш решение за секој здравствен проблем. Во таа насока го имаме нашиот Јутуб канал ANNI FARM. Проектот го реализираме тимски, благодарејќи на поддршката од повеќе фармацевтски претставнишнта и специјалистички ординации од каде што се добива совет од доктор специјалист во превенција и третман на нарушена здравствена состојба. Раното препознавање на првите симптоми овозможува брза дијагноза и вистински третман. На тој начин се намалуваат трошоците на поединецот, но и на здравствениот фонд.

 


МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали образованието, личните карактеристики или умешноста да се усвојуваат современи вештини за личен развој, можеби поддршката од семејството, поддршката и мотивиацијата од работниот тим...? 

БОЖИНОВСКА: Успехот во секој приватен бизнис е синергија од сите фактори. Да се биде лидер е подготвеност, пред сѐ, да се ризикува, но и при секој неуспех повторно да се исправи и уште посилен, заедно со тимот, да се продолжи во остварувањето на поставената цел. Поддршката од семејството е неопходна и без неа патот кон успехот е речиси и невозможен. Континуираната едукација и работата на лично, но и на тимско усовршување е тоа што ги одделува успешните од неуспешните. Најдобро учиме преку личните грешки што, ако добро ги научиме и не ги повторуваме, ќе нѐ насочат кон вистинскиот пат на успехот. А тимската работа е токму таа што нѐ прави посилни и помудри во сите следни предизвици. 

 

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер, како ги усогласувате приватните и деловните обврски и што Ве исполнува во слободното време?

БОЖИНОВСКА: Да се биде успешна жена менаџер е огромно задоволство, но и голема обврска што ја носи оваа позиција. Добриот менаџер е подготвен да ги заврши сите зададени обврски и предизвици, а притоа да не ја изгуби емпатијата кон соработниците и тимот. Задоволството е уште поголемо кога зад тој успех стои семејство што е полно со разбирање и поддршка за секое време поминато во работа, без никакви забелешки. На крајот од секој работен ден енергијата ја црпам токму од домот, сопругот и двете деца. Настојува слободното време да го исполнам со фамилијата и со моите блиски пријатели. Најголемо богатство, лично за мене, се токму тие - фамилијата, тимот и пријателите без кои успехот не би бил целосен и ја користам оваа можност јавно да им се заблагодарам.

 

 

 


Статијата е прочитана 663 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско