Бизнис вести

Отворен Балкан – отворена покана за вклучување на другите земји од регионот

среда, 08 јуни 2022

 

„Иницијативата ‘Отворен Балкан’ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој. Ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи веќе ги дава првите резултати. Зелената лента на граничните премини ни овозможува полесен проток за продуктите, а наша трајна цел е со овие зелени ленти да се отстрани целосно чекањето на границите, преку елиминирањање на бариерите, преку подобрување на меѓусебната доверба...“, рече меѓу другото премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид.

Војната во Украина, како што посочи, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот, а оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа, не е опција. 

„Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Војната во Украина е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои ‘Отворен Балкан’ што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи“, рече Ковачевски.

Притоа тој посочи дека иницијативата „Отворен Балкан“ доби силна поддршка од бизнис заедниците во трите држави, за што им се заблагодари на стопанските комори.

„’Отворен Балкан’ како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека ‘Отворен Балкан’ е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму каде што можеби сме забавиле“, рече Ковачевски.

Додавајќи дека придобивките од слободниот проток на луѓе, капитал, стоки и услуги во регинот и помеѓу Македонија, Србија и Албанија сега се уште појасни, тој истакна дека ќе бидат потпишани меморандуми за соработка што ќе придонесат за создавање еден пазар на труд меѓу трите земји кои се дел од „Отворен Балкан“.
„Сега се уште појасни и поаргументирани придобивките од слободниот проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Ние сме тука, пред се, заради подобрување на конкурентноста, нови инвестиции, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Ние сме тука заради подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан. Со создавање еден пазар на труд се надеваме дека младите ќе останат во регионот наместо да ни бегаат во странство. Исто така, ќе имаме и нова платформа за туризам, со која сакаме на светот да му ги понудиме убавините на трите земји, почнувајќи од плажите во Албанија, селскиот туризам во Србија и езерските и планинските убавини на Македонија“, рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Притоа тој ги покани останатите земји кои не се дел од проектот да се вклучат во него.

„Сите во ‘Отворен Балкан’ сме уверени дека оваа иницијатива ќе стане се попривлечна. Тука сме со претседателите на Србија и Албанија и поканата важи и за Црна Гора и отстанува и понатаму за БиХ и Косово, приклучете се за поголем успех за нашите земји и за нашите граѓани“, истакна Ковачевски.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ исто така се осврна на придобивките од иницијативата и се приклучи на поканата упатена до останатите земји.

„Немаме барања спрема никого, освен да сме пријатели и да сроработуваме во интерес на нашите граѓани. Посебна благодараност на Оливер Вархеј што е тука со нас, на иницијативата за подобар живот на грѓаните на Балканот. Сите отанати се добредојдени, па би сакал со суштина да ги пополниме нашите односи, да се договориме како да ги подобриме односите, но и да разгледаме како да си ги подобриме односите на полето на енергетиката, да ги забрзаме сите наши заеднички проекти, забрзување на работните дозволи, да видиме што бараат коморите и што можеме да направиме за нив, за полесен проток на капитал и на луѓе. Горд сум што иницијативата што ја поведовме денес веќе покажува резултати. Ние мора и треба да се поддржувме едни со други и затоа останува поканата и за останатите земји да се вклучат во оваа иницијатива од која сите ќе имаме бенефит“, рече Вучиќ.

Премиерот на Албанија, Еди Рама исто така се осврна на придобивките од проектите кои се преземаат, но и од потребата сите земји од регионот да се вклучат во неа. 

„Во исто време, запознаени сме со случувањата во Украина. Знаеме и дека Србија и Русија имаат блиски односи, знаеме и дека меѓу Белград и Приштина има отворено прашање и проблеми. Но, убедени сме дека овие работи можат да се надминат само ако се доближиме и соработуваме заедно како денеска што сме сите овде заедно во Охрид“, потенцираше Рама истакнувајќи дека над 60 проценти од населението во Албанија го подржува „Отворен Балкан“.

На самитот преку видео врска се обрати и американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар кој рече дека оваа иницијатива е препознаена на меѓународната сцена и ја има поддршката од САД. Според него можностите на Западен Балкан се огромни.

„Прво треба да се работи не само на економска и регионална соработка, туку и на евроинтеграциска. Второ, има многу иницијативи за создавање економски инцијативи, а ‘Отворен Балкан’ е само една од тие можности за економска соработка. Би сакал да истакнам дека ова е одлична иницијатива, се надевам дека оваа иницијатива ќе се прошири со уште членки. Ги охрабрувам лидерите на земјите членки да го усогласат ‘Отворен Балкан’ со другите иницијативи на Западен Балкан. Земјите од регионот може да сметаат на помошта од САД во однос на економијата, борбата против корупцијата и криминалот и европската интеграција, рече Ескобар.

Според Ескобар предноста на Западен Блакан е силниот економски раст, но има и други предности, а најважно е создавањето можности преку отворање на границите и институционален развој, бидејќи потребна е што е можно поголема економска соработка која ќе им донесе бенефити на граѓаните од овој регион. Тој зборуваше и за тоа дека преку „Отворен Балкан“ шансите за привлекување странски инвестиции се уште поголеми, а иако посочи дека евроинтеграцијата е важна за Западен Балкан, сепак, истакна дека „Отворен Балкан“ е економска иницијатива и треба таква да остане.

„Поголем дел од стопанските комори во регионот се заинтересирани за овој заеднички пазар, но потребно е да се слушне нивниот глас, бидејќи тоа е важно за ‘Отворен Балкан’. Ве охрабрувам оваа иницијатива да остане економска, ова не е политички проект, ова е економски проект и важно е така да остане. Со ова би сакал да кажам дека може да сметате на нас во однос на создавање подобри институции кои ќе ви помогнат да се стави крај на криминалот и корупцијата, како и унапредување на економијата“, истакна Ескобар.

 

Содржината е прочитана 48 пати.