„ТАВ Македонија“: „Рехабилитацијата на пистата на скопскиот аеродром почнува на 28 март и ќе трае 50 дена без затворање на аеродромот“

 

„ТАВ Македонија“ на 28 март почнува со рехабилитација на пистата на Маѓународниот Аеродром Скопје. Градежните работи на рехабилитацијата, која е дел од инвестицискиот план за проширување и реновирање на македонските аеродроми, ќе траат до 16 мај 2022 година со минимално влијание врз сообраќајот бидејќи во овој период од 50 дена додека се работи аеродромот нема да биде затворен, туку авиосообраќајот ќе се одвива од 17:00 часот попладне до 9:00 часот наутро, секој ден.  

„Рехабилитацијата на пистата значи дека ќе го обновиме горниот слој на асфалтот на пистата, па затоа, во текот на овој период од 28 март до 16 мај меѓу 9:00 и 17:00 часот на пистата ќе се изведуваат градежни работи. Секој ден, во споменатиот временски период ќе се рехабилитира еден дел од вкупната должина на полетно-слетната патека, со цел аеродромот да остане оперативен, односно, да можеме нормално да ги опслужуваме летовите во текот на останатиот период од денот. Би сакал да го нагласам дека скопскиот аеродром нема да биде затворен за време на рехабилитацијата на пистата. Аеродромот ќе биде отворен за патници 24/7, како и секогаш. Како и во текот на целиот период за време на ковид-пандемијата ги советуваме патниците да пристигнат на аеродром 3-4 часа пред закажаното време на заминување на нивниот лет, подготвени со потребните документи за патување во однос на ковид, во консултација со авиокомпанијата со која патуваат и со амбасадата на странската земја каде што ќе патуваат“, изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Метин Батак.

Тој објаснува дека „ТАВ Македонија“ ја има донесено одлуката за рехабилитација на пистата на аеродромот во Скопје во консултација со сите авиокомпании што летаат од скопскиот аеродром, со Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, како и со сите даватели на услуги.  

Од компанијата објаснуваат дека кога на еден аеродром се вршат ваков тип рехабилитации или реновирања на писта, има две опции - или аеродромот целосно да се затвори за сообраќај за одреден период додека се вршат градежни работи, или да се следи модел со кој градежните работи ќе се одвиваат секој ден, во претходно дефиниран период од денот, додека остатокот од денот авиосообраќајот да се одвива нормално.  

„Ние ја избравме втората опција, иако може да е понапорно за нас, но сакавме да одржиме непречен авиосообраќај за сите клиенти за авиокомпаниите и за патниците“, велат од „ТАВ Македонија“.

„Би сакал да се заблагодарам на авиокомпаниите и на сите владини институции за нивната блиска соработка во текот на планирањето на овој процес со цел истиот да има минимално влијание врз авиосообраќајот. Ние постојано работиме заедно со сите чинители со цел да го утврдиме Меѓународниот Аеродром Скопје како најдобар аеродром во регионот во однос на квалитет на услугите и овие инвестиции придонесуваат за долгорочен развој на аеродромот и на македонскиот авиосообраќај“, истакнува Батак.  

Пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје е долга 2.950 метри и широка 45 метри. Последната реконструкција на пистата е направена во 1996 година, кога градежните работи се изведувале во поголема длабочина на асфалтот за разлика од сега, кога ќе се рехабилитира само горниот, површински слој од асфалтот. Тогаш аеродромот бил затворен 2,5 месеци, а целокупниот сообраќај бил префрлен на охридскиот аеродром.

„ТАВ Македонија“ ги советува патниците редовно да ги следат и проверуваат веб-страниците на авиокомпаниите, со цел да ги видат најновите ажурирања за летовите за нивната сакана дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје во периодот од 28. март до 16. мај 2022 година.

На веб страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје, во секцијата „Летови“ (Пристигнувања/Заминувања) редовно и во реално време се ажурираат сите информации и евентуалните промени во редот на летање на авиокомпаниите, онака како што ги добива „ТАВ Македонија“.    

 

 

 


Статијата е прочитана 636 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско