„Макпетрол“ во февруари ќе испорачува гас по намалени цени

„Макпетрол“ во февруари ќе ги намали цените на метанот (КПГ – компримиран природен гас) и на природниот гас како резултат на одличниот договор што компанијата го постигна со „Гаспром“, известуваат од компанијата.

Споредено со јануари, малопродажната цена на метанот е пониска за 12,74 проценти, односно 14 денари за килограм и сега изнесува 96 денари за килограм. Цената на природниот гас, пак, се намалува за 204 евра за 1.000 нормални кубни метри.

„Имајќи ја предвид нашата долгогодишна професионална соработка со ‘Гаспром’, како и поради фактот што ‘Макпетрол’ е единствената компанија која од земјава потпишува и остварува вакви договори, така и на овој план постигнавме одлична спогодба која ни обезбеди цена за 30 проценти пониска од берзанската. И покрај глобалната енергетска криза за нашите деловни партнери во февруари тоа ќе се рефлектира со подобрена понуда и во малопродажбата на метанот и во големопродажбата на природниот гас“, истакнуваат од компанијата.

И покрај енергетската криза што го зафати секој дел од светот, а нејзиното влијание особено се чувствува на европскиот континент, „Макпетрол“ врши стабилна и навремена испорака и на ЦНГ-метанот и на природниот гас. Продолжувајќи во насока на досегашната политика на компанијата, „Макпетрол“ и во периодот што следува ќе продолжи да инвестира и да го унапредува овој сегмент од своето работење.


Статијата е прочитана 380 пати.

Сподели: