Азески се запозна со ограничувачките фактори за развој на „Макстил” и со развојните планови на „Реплек”

Снабдувањето со енергенси, транспортот и имотно-правните односи кои се ограничувачки фактор за раст и развој на компанијатa „Макстил“ беа тема на разговор на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески со генералниот директор, Иван Бановски и извршниот директор, Петар Јаневски.

Азески со тим на Комората вчера ја посети „Макстил”, која е една од носечките компании на промените во техничкиот и технолошкиот развој на металната индустрија во нашата држава.

Од Комората посочуваат дека заради природата на дејноста „Макстил“ АД е упатена на користење на железничкиот транспорт, а квалитетот на железничката инфраструктурна поврзаност на Република Северна Македонија со соседните држави, како и неговата цена, имаат значајна улога во реализација на нови бизнис планови за зголемувањето на обемот на производство и извоз од државата. „Макстил“ се соочува со проблеми на цената на гасот и воопшто со можноста за снабдување за компанијата, што е императив за одржување на континуитет на производниот процес и актуелната неизвесност која произлегува од истото сериозно го нарушува натамошниот континуитет во производството, укажуваат од Комората.

Оттаму наведуваат дека исправена пред предизвиците и потребите од постојано следење на пазарните трендови компанијата врши постојани вложувања во двата погона: „Челичарница” и „Валавница” за дебели лимови. Главен влезен материјал при производство на челикот е старото железо. Има типичен капацитет од близу 350.000 тони топловалани дебели лимови годишно. „Макстил АД” е основана во 1997 година, по сопственичкото преструктуирање на Рудници и железарница „Скопје”, која почна со производство во 1967 година, а во моментов има 970 вработени.

Азески вчера во просториите на Комората оствари работна средба и со менаџментот на „Реплек“ АД на која присуствуваа извршниот директор, Душан Пецовски и заменикот на извршниот директор, Коста Котески.

„На средбата беше преставена новата сопственичка и раководна структура во една од поголемите фармацевтски компании во земјата. Менаџментот на „Реплек“ изрази интерес за ширење на бизнис портфолиото и во регионот на Западен Балкан, за што секаква поддршката има можност и простор да се реализира преку активностите на Коморскиот инвестициски форум, во кој Стопанската комора е единствената бизнис асоцијација од државата дел од 6-те партнери Стопански Комори од ЗБ6“, информираат од Комората.

Од веледрогерија или друштво за медицинско снабдување, увоз и извоз основано во 1945, кое во тоа време претставуваше синоним за работењето со лекови, медицински помагала и медицинска опрема, преку постепено развивање и ширење на своите активности и истовремено користење на искуството, знаењето и хармонизација на работењето со условите на пазарот, денес, после 71 година, „Реплек“ АД со помош на сопствени ресурси и капитал прерасна во една од поголемите фармацевтски компании во земјата.

Основна дејност на компанијата, од 2001 година е развој, креирање и производство на генерички лекови во различни терапевтски категории и форми. Главната активност е извоз на странски пазари. Идните развојни планови на компанијата, потенцираат од Комората, главно се фокусирани на понатамошно ширење на меѓународниот пазар и развој на палетата на производи од канабис во кој „Реплек фарм“ е пионер и на глобално ниво. Новата модерна лабораторија за истражување и развој, високо образованите експерти, соработката со водечки домашни и меѓународни институции во областа на фармацевтската технологија, изборот на суровини од водечки производители на фармацевтски активни супстанции, овозможуваат производство на медицински производи со врвен квалитет во компанијата

Пренесено од МИА


Статијата е прочитана 390 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско