Дваесет години традиција и модерен стил на хотелот „Инекс Олгица Хотел & Спа“ Охрид
Интервју со Анета Бар, генерален менаџер на хотелот „Инекс Олгица Хотел & Спа“ Охрид во кое зборува за високото реноме на хотелот кое привлекува гости од Америка, Европа, од регионот, за инвестирањето во комплетно реновирање на објектот, најавува изградба на нов надворешен базен „Infinity Pool“, како и за сопствената визија и визијата на младите менаџери Андреа и Виктор, како наследници на семејниот бизнис, за идниот развој на хотелот
МАРИЛИ: Вие сте генерален менаџер на хотелот „Инекс Олгица“ Охрид. Кажете ни колку долго сте на оваа позиција и што значи да се менаџира хотел со долга традиција и со реноме на еден од најдобрите хотели на охридската ривиера?
БАР: Позицијата генерален менаџер на хотелот „Инекс Олгица Хотел & Спа“ ја извршувам речиси 20 години и сѐ уште ми претставува огромен предизвик и одговорност да бидам тим лидер на организација што стои зад секој задоволен гостин и успешно организиран настан.
За успешно менаџирање не се потребни само знаење и искуство туку и несебично лично и професионално вложување за одржување и унапредување на реномето и на традицијата на хотелот. Нашата желба за усовршување до најситните детали во процесот на беспрекорното функционирање расте од ден на ден и успеваме да го постигнеме тоа по претходно утврден план. Веќе гордо можеме да го најавиме 20-годишниот јубилеј од приватизацијата на објектот во мај 2022 година што планираме достојно да го одбележиме.
МАРИЛИ: Периодот на кризата со КОВИД-19 го искористивте за реновирање на објектот. Во што вложивте и какви новини внесовте?
БАР: Кризата со КОВОД-19 се одрази многу неповолно на сите бизниси, а особено во нашиот секор и сите досегашни достигнувања во овие кризни времиња се резултат на максималниот ентузијазам, посветеност и професионален пристап на целокупниот тим. Во согласност со новонастанатата ситуација решивме периодот да го искористиме за комплетно реновирање на нашиот објект. Следејќи ги светските трендови максимално се посветивме на обновата на сите сместувачки капацитети во еден модерен стил приспособен на нашата визија за новиот изглед на хотелот. На наше големо задоволство можеме да ја најавиме изградбата на новиот надворешен базен „Infinity Pool“, со што ќе ја збогатиме разновидната понуда на нашите услуги и можнoсти за максимално уживање во прекрасната природа.
МАРИЛИ: Непосредно пред пандемијата пуштивте во употреба затворен базен и спа- центар. Како нивното функционирање се одразува на интересот, особено за развој на конгресниот туризам што не е поврзан со главната летна туристичка сезона?
БАР: Нашиот современо опремен фитнес и спа-центар предизвикува голем интерес истовремено кај редовните гости, кај учесниците на конгресните настани, како и за дневни посети од локалното население. Единствениот амбиент на фитнес и спа-центарот со прекрасниот поглед на Охридското Езеро овозможува неповторливо искуство и кај најпребирливите гости. Овој центар влегува во „своја сезона“ во моментот кога завршува летната сезона, т.е. неговото функционирање се активира во текот на зимскиот период. Со оглед на тоа дека сѐ уште се наоѓаме во екот на пандемијата и неизвесноста за нејзиниот крај, сепак, можеме да се пофалиме дека сме презадоволни како успеавме и во време на криза да го менаџираме центарот. Со цел да го актуелизираме уште повеќе се активиравме со понуди што нудат најразлични можности и кои се приспособени на обврските и на финансиите на постојните и на потенцијалните нови корисници.
МАРИЛИ: Хотелот „Инекс Олгица“ има долга традиција и постојани гости од регонот. Од каде доаѓаат редовните гости и како ја негувате традиционалната комуникација?
БАР: За редовни странски гости ги сметаме туристите од најразлични земји од соседството, како и од поширокиот регион. Само во 2021 година примивме гости од Америка, Русија, Холандија, Шведска, Велика Британија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија. Негуваме долгогодишни успешни соработки со тур-оператори и агенции и пред секоја сезона ја прошируваме листата со нови соработници. Бевме домаќини на многу политички лидери со организација на настани од меѓународно и светско значење од највисок ранг, како и звучни имиња од областа на музиката и културата од домашната и од странската сцена.
МАРИЛИ: Која е Вашата визија и визијата на младите менаџери Андреа и Виктор, како наследници на семејниот бизнис, за идниот развој на хотелот и дали се планирани некакви новини во работењето?
БАР: Минатата година се соочивме со преголемата и болна загуба на нашата сопственичка, госпоѓа Олгица Илоска, која беше главен столб на бизнисот и срце и душа на хотелот. Нејзините наследници, младите менаџери Виктор и Андреа, го презедоа семејниот бизнис и секојдневно се инволвирани во тековните случувања со преголема желба за зачувување на веќе изграденото реноме. Нивната визија е да внесат нови трендови во работењето, да ја одржат традицијата и уште повеќе да ги унапредат услугите на хотелот, а со тоа заеднички да ја продолжиме нашата успешна приказна како модерна и општествено одговорна институција. Успехот во туризмот се должи на заеднички настап, каде што заложбите на сите интегрирани страни треба да бидат максимални. Ентузијазмот, иновативноста и креативноста се основни двигатели на бизнисот, а вложувањето и мотивираноста се клуч на успехот.
Статијата е прочитана 2246 пати.