„Л&Н&Т Диагностик“ расте преку бизнис и животни лекции
Интервју со Наташа Паунова Блажевска, генерален менаџер на „Л&Н&Т Диагностик“ компанија која ги снабдува лабораториите со медицински помагала од светски реномирани брендови и досега низ цела држава има инсталирано повеќе од 200 апарати (од апарати за шеќер до големи биохемиски и имунолошки анализатори). Во интервјуто таа говори за 15-годишниот јубилеј, кој поради пандемијата не беше одбележан, но предвидените средства беа пренасочени кон донирање опрема. Зборува и за тоа како се стекнува доверба кај странските соработници, како и за сето она што е потребно за една жена да напредува во кариерата и да биде лидер
МАРИЛИ: Со што се занимава „Л&Н&Т Диагностик“ и како одлучивте да почнете да се занимавате со сопствен бизнис?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: „Л&Н&Т Диагностик“ е формирана во 2006 година и тоа е фирма за продажба и за маркетинг на медицински помагала на реномирани светски фирми. Прва странска фирма што ме поддржа и го препозна мојот потенцијал е GIESSE DIAGNOSTIC од Рим, Италија, производител на биохемиски реагенси, со која до денес функционираме како фамилија. По неа веднаш станавме застапници на корејската фирма BODITECH, производител на имунолошките тестови point of care (POC), со која, исто така, имаме поддршка 24/7. Понатаму следуваа застапништвата на: CHUNDO PHARM од Кореја, BIOREX DIAGNOSTIC од Ирска, JTC од Гераманија, XEMA од Русија, HIGTOP од Кина, AVISKAR од Индија, HOTGEN од Кина, ACON од САД, T-LAB од Турција.
Ги следиме светските трендови на пазарот и настојуваме да донесеме сѐ што е актуелно и ново. Досега низ цела Република Северна Македонија имаме инсталирано повеќе од 200 апарати (од апарати за шеќер до големи биохемиски и имунолошки анализатори).
А за тоа како влегов во приватниот бизнис, мислам дека примерот е интересен, особено за жените. Два месеца по дипломирањето се вработив во фирма за продажба на медицинска опрема. Го учев занаетот, работев со цело срце сѐ до моментот кога се омажив и добив дете. Тука работите се сменија, останав без работа. Но со голема поддршка од сопругот одлучивме мојот потенцијал, знаење и искуство да ги насочам кон започнување сопствен бизнис. Во 2006 година бев млада мајка на едногодишно дете, па сопствениот бизнис изгледаше малку страшно, но кога ќе се здружат многу љубов, морална и финансиска поддршка, потоа доверба и внимание - крајниот производ е денешниот „Л&Н&Т Диагностик“.
МАРИЛИ: Годинава што изминува Вашата компанија прослави 15-годишен јубилеј. Како го обележавте, имајќи ги предвид ограничувањата што ги наметна пандемијата?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: На 18.10.2021 година прославивме 15 години постоење. Многу сум горда на себе и на сите околу мене. Планиравме голема презентација на фирмите што ги застапуваме преку работилници, но пандемијата нѐ спречи во тоа. Ние сме одговорна компанија што е поврзана со здравството и ги почитуваме протоколите и мерките за заштита на вработените и на нашите соработници, така што одлучивме да организираме нешто пополезно. Финансиските средства предвидени за оваа пригода ќе ги насочиме кон донирање опрема, кон замена на постари модели на системи со нови, потоа донација на тестови низ приватни и државни установи низ цела држава.
МАРИЛИ: Како едукацијата и обуките, но и високата стручност како биохемичар Ви овозможуваат да го развиете бизнисот и како се стекнува доверба кај странските соработници?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Кога работите со светски познати фирми, неминовни се постојани обуки и едукации. Поминав многу обуки во странство во сите сфери од медицината и многу сум горда на тоа. Мојата едукација е само отскочна штица затоа што мора и понатаму да се интересираш да го усовршуваш своето знаење, да дознаваш повеќе за одредена област бидејќи за овој тип работа се потребни континуирана надградба и следење на новитетите. Довербата кај странските соработници е стекната врз основа на тоа колку се трудиме нивните производи да бидат репрезентативно промовирани на нашата територија. Секогаш надминуваме многу бизнис-планови, а со тоа растеме. Но секогаш најважна им е лојалноста. Ние сме фирма што има само ексклузивни застапништва. Така се штитиме и ние и странските набавувачи.
МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да може жената да напредува во кариерата, дали станува збор за образованието, личните карактеристики, умешноста да се усвојуваат современи вештини за личен развој, поддршката од семејството, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Според моето мислење, најважно е животот да се живее во согласност со своите соништа, но, исто така, многу е важна поддршката од семејството. Семејството е столбот за кој се држите, кој ве поддржува во одлуките што ги преземате при отворањето сопствен бизнис, но и финансискиот дел, формирањето на тимот итн. Образованието е многу важно за да бидете сигурни во полето на кое работите. Мислам дека жените се подобри лидери, пофлексибилни, со повеќе трпение кон соговорникот. За лидерство се потребни самодоверба, ризик, упорност, борба, трпеливост, прифаќање успех и неуспех, личен развој, мотивација, поддршка од работниот тим и од фамилијата.
Како што рекол Аристотел: „Да не се залажуваме дека успех е само еднаш да направиш нешто сложено, туку успех е да можеш секој ден да го правиш тоа.“
Животот е суров. Денес си горе, утре си долу, денес си среќен, утре си тажен. Скалата за среќа и за несреќа не е иста за сите. Бизнисот, особено сопствениот, е како љубовта, како растението, за него се потребни многу внимание и добро напредува ако редовно се полева.
МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер, како успевате да ги усогласите приватните обврски со професионалните ангажмани, колку имате време за себе?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Успешна жена менаџер сте тогаш кога ќе научите да си бидете најдобар пријател сама на себе и кога ќе сфатите дека единствената личност што е одговорна за вашиот живот и среќа сте вие самите. Досега успешно ги усогласувам приватните и професионалните ангажмани бидејќи добивам љубов од дома и со љубов ја работам работата што ја сакам. Јас сум како три во едно - мајка, татко, менаџер, но, пред сѐ, жена. Најмногу сакам да патувам и патувањето ме релаксира. Тоа ми го дозволува и работата и најмногу се релаксирам кога откривам нови земји и кога патуваме фамилијарно. Сакам да гледам филм, да прочитам добра стручна книга или, пак, белетристика, но и да излезам со пријатели на чаша вино.
По сѐ што ми напишал животот и како жена и како менаџер, сфатив дека насмевката е најважна и за себе и за околината зашто придобивката е двојна: „Насмевката чини помалку од електричната енергија, но дава повеќе светлина.“
Статијата е прочитана 2024 пати.