Денес преку социјални медиуми се пренесува препораката која порано одеше од човек на човек

Интервју со Љупчо Ангелов - Љупа, менаџер за социјални медиуми во „Media Solutions“, креатор и администратор на многу групи и популарни страници, меѓу кои е и „Здрава храна МК верзија“, група со 50.000 членови. Љупа е урбан лик од Скопје кој во ова интервју зборува за се уште недоволно развиената еколошка свест на нашите граѓани, за уништувањето на градот со неконтролираната урбанизација, за огромната моќ на интернетот и на социјалните медиуми како алатка за ширење и споделување информации, за состојбата на маркетинг пазарот кај нас

 

МАРИЛИ: Господине Ангелов, опишете ја Вашата менаџерска функција со сите активности што ги подразбира, односно, што точно опфаќа Вашиот делокруг на работа и колку долго се занимавате со ова? 

АНГЕЛОВ: Јас сум менаџер за социјални медиуми во дигиталната маркетинг агенција „Media Solutions“. За тие што не знаат, јас и тимот на „Media Solutions“ сме вклучени во голем дел од активностите и настаните кои ги организира агенција „Марили“, а тоа е соработка која трае повеќе години наназад, се разбира, на обострано задоволство и сигурен сум дека ќе продолжи и понатаму.

Моите активности околу менаџментот на социјални медиуми се состојат главно од пронаоѓање и договарање клиенти со кои подоцна ќе оствариме соработка на полето на социјалните медиуми. Иако, морам да се пофалам, во поголем број тие нѐ пронаоѓаат нас. Добриот глас и препораките од задоволните клиенти се најдобрата реклама што некој може да ја има. Денес, препораката која порано одеше од човек на човек, усно, во поголем дел се префрли и на социјалните медиуми и, тоа е дел од нашата експертиза. Секако, тоа е само првиот сегмент од работата. Вториот се состои од договарање на стратегијата, врз основа на неа и план за работа и откако ќе ги направиме и усогласиме овие работи, почнуваме со водење на нивните страници/профили на социјалните мрежи.

Инаку, јас со ова се занимавам од самиот почеток со работа на социјалната мрежа Фејсбук. Прво од хоби, па за компаниите во кои тогаш бев вработен, за подоцна, со доаѓањето во „Media Solutions“ професионално целосно да се посветам на оваа работа. Тоа значи едно солидно искуство. Од моите поголеми искуства е она стекнато во директна комуникација со Фејсбук, а конретно се однесуваше на тоа како да ги оптимизираме кампањите, да оствариме максимален досег и вклученост. За себе можам слободно да кажам, а тоа верувам ќе го потврдат многумина, дека ако не сум пионер, тогаш сигурно сум еден од првите што активно се занимаваат со оваа работа.

 

МАРИЛИ: Наведете ги најзначајните групи и страници на кои работите и која од нив достигнува најголема посетеност?

АНГЕЛОВ: Креатор и администратор сум на многу групи и страници, кои, секоја во свое време беа доста популарни. Но, од оние кои со тек на времето се издвоија би ја навел „Здрава храна МК верзија“ www.facebook.com/groups/zdravahrana.mkverzija. Групата брои 50.000 членови и е вистински хит меѓу љубителите на добра храна, а во минатогодишниот избор на „Сајт на годината“ го освои второто место во категоријата Фејсбук фан страница или група. Токму една од членките на „Здрава храна МК верзија“, Лидија Ивановска ни ја испрати оваа фотографија од преубавиот колач кој таа го подготви.

Првото место на изборот за Сајт на годината заслужено го освои групата „Ковид-19 совети и искуства“. Морам да нагласам дека иако изборот традиционално е во организација на „Media Solutions“, немаше место за никакви протекции. Членовите ја номинираа и гласаа за неа.

А, тука се и многу други групи како: „Скопски приказни“ и „Скопски урбани ликови“ кои на некој начин станаа задолжителни за секој оној што е роден, живее или го сака нашиот главен град, потоа „Добри филмови и серии“, „Убавините на мојата Македонија“, „Цело Скопје на точак“, а од поновите „Моите омилени песни“, „Добри вести“ и други. Најнова е групата „Погледот од мојот прозорец“, која ја креирав пред некој месец и веднаш предизвика голем интерес. Некоја сигурно сум заборавил да спомнам J Овие групи не се комерцијални, ги работам од љубов и со голема посветеност. Страниците кои ги водиме се главно комерцијални и нив не би ги набројувал затоа што се многу. Имаме успешна соработка со многу компании и бизниси буквално од сите сфери. 

 

МАРИЛИ: Пласирањето информации преку социјални медиуми денеска многу е прифатено и од компаниите, кои следејќи ги современите текови на комуникација, токму ваквиот начин го користат за промовирање на своите новини. Дали и колку компаниите ги користат професионалните услуги на дигиталните маркетинг агенции како што е „Media Solutions“?

АНГЕЛОВ: Да, огромна е моќта на интернетот и на социјалните медиуми. Нашата земја е меѓу првите пет земји во Европа по бројот на интернет корисници што имаат свои профили на Фејсбук. Фејсбук, заедно со Инстаграм, чија популарност во последниов период значително порасна особено кај помладата генерација, претставуваат моќна алатка за ширење и споделување на информациите на интернет. Компаниите тоа го знаат многу добро и заради тоа најголемиот дел од нив сѐ повеќе ги бараат и ги  користат услугите на агенциите како „Media Solutions“. Состојбата на маркетинг пазарот кај нас, за разлика од технолошки развиените земји, е сѐ уште таква што со многу помали буџети во однос на традиционалните медиуми, на интернет може да се направат добри кампањи. Компаниите тоа добро го знаат и максимално го користат. Има и такви кои самите го водат тој дел, некои успешно, некои не, но, сепак, голем број од нив на крај ангажираат професионална дигитална маркетинг агенција.

 

МАРИЛИ: Колку пандемијата со Ковид-19 придонесе за зголемена комуникација преку социјалните медиуми и користење разни видови платформи?

АНГЕЛОВ: Со еден збор МНОГУ! Интернетот и социјалните медиуми се најбезбедното место за комуникација и работа во овие новонастанати услови. Огромен број компании ја ориентираа својата работа преку работа од дома (онлајн), а со тоа уште повеќе се зголеми времето кое го поминуваме на интернет. Тој конечно и кај нас стана место каде сѐ поголем број наши граѓани се одлучуваат да ги платат своите сметки, да нарачаат парче облека, електронски апарат, храна, услуга преку интернет. До пред појавата на коронавирусот многумина на тоа гледаа со недоверба, но сега работите многу се сменија. Речиси секоја компанија почна да ги нуди своите производи и услуги на интернет, а кога нешто се нуди на интернет, логично е истото и да се рекламира на интернет, нели?

 

МАРИЛИ: Која категорија граѓани најмногу се активни на социјалните медиуми и, според Вас, зошто токму тие?

АНГЕЛОВ: На социјалните мрежи има место за сите. Фејсбук и Инстаграм се веќе секојдневие и свои профили имаат речиси сите, барем на едната, а најчесто и на двете мрежи. Застапени се буквално сите категории и генерации на граѓаните. Но, има и понови, како на пример „TikTok“, чија популарност вртоглаво расте, особено кај младата генерација. Огромна заслуга за ваквата популарност секако имаат паметните телефони преку кои буквално секој, во секое време има пристап до интернет. Сето тоа може и треба да се искористи. 

 

МАРИЛИ: Од Вашето искуство, кажете ни на кое ниво е техничката писменост особено кај повозрасните граѓани за користење на ваквите медиуми?

АНГЕЛОВ: Нивото на техничка писменост стана можеби нешто повисоко, што секако е резултат и на смената на генерациите, но, лично имам впечаток дека се поретко се води сметка на правописот, како се обраќаме некому, неретко имаме говор на омраза, што веројатно е само пресликување на состојбите во општеството. Имајќи ја во предвид важноста на социјалните мрежи и нивното влијание, од исклучителна важност е да се внимава на секоја објава, посебно кога станува збор за некоја посериозна компанија. Секојдневно се сретнуваме и со такви примери и сметам дека тоа е нешто што не смеат да си го дозволат. Затоа кај нас секоја објава поминува неколку „филтри“ пред да биде пуштена.

 

МАРИЛИ: Во напливот на дневни вести, информации, промоции и секакви други случувања, колку е важно да се биде ефективно динамичен, постојано да се внесува креативност, да се умее да се одбере вистинскиот момент и да се биде максимално фокусиран на целната група за да се постигне што поголема читаност и ефект?

АНГЕЛОВ: Секојдневните промени, темпото со кое го живеме животот, обемот на информации, придонесуваат за сѐ потешко да се привлече и задржи вниманието на корисниците на интернет. Потребно е знаење и искуство да успееш да го соопштиш тоа што треба, а да не го изгубиш вниманието на оној на кој му се обраќаш. Динамиката и содржината на објавите мора да биде таква да може да се задржи вниманието на тие на кои што им се обраќаш. Во спротивно, работата е промашена...

 

МАРИЛИ: Вие сте познат урбан лик на Скопје, па кажете ни како го доживувате денеска градот за разлика од порано, во смисла на животната средина и потребата од повеќе зеленило и простор за рекреација? 

АНГЕЛОВ: Забрзаното градење без притоа да се води сметка за урбанистичките прописи кои гарантираат нормален живот и нормално функционирање на граѓаните, а раководени само од профитот на поединци, на градот му нанесе непоправлива штета. Тренд, кој за жал, сведоци сме, продолжува. Таа тема е мислам болна за секој што го сака овојот град, но сепак, како да остануваме немоќни да смениме нешто. Јас лично сум од Тафталиџе, дел од Скопје кој важеше за еден од подобрите за живеење во градов, со многу паркови, зеленило. Место во кое се живееше мирно, спокојно. Сега тоа Тафталиџе е претворено во едно огромно градилиште, бројот на жители е сигурно неколкукратно зголемен, со тенденција на секојдневен раст. Од место идеално за живеење, полека како да станува место невозможно за живеење. Можеби јас така го доживувам, некој што не е емотивно врзан за оваа населба и град може да мисли и поинаку. 
  

МАРИЛИ: Постои ли портал кој ги третира исклучиво еколошките теми на градот Скопје и ако не, дали сметете дека е време да се креира еден таков портал?

 

АНГЕЛОВ: Не знам за таков специјализиран портал, сигурно постои, но екологијата, односно, нивото на еколошка свест на нашите граѓани мислам дека е сѐ уште недоволно развиено. Патуваме, престојуваме во други земји и градови, гледаме, раскажуваме како е таму, веднаш ги прифаќаме тамошните правила на однесување, но истите, со враќањето дома како веднаш да ги забораваме. Пак ќе кажам, чест на исклучоците... 

 

МАРИЛИ: Кој е Љупчо Ангелов – Љупа приватно? Имајќи ја предвид природата на Вашата работа, имате ли воопшто слободно време и како го исполнувате?

АНГЕЛОВ: Приватно, јас сум семеен човек со сите обврски и предизвици со кои во денешно време се соочуваат и другите. Посветеноста на ова што го работам, моите групи, страници, фанови, ми овозможува ставот кој што ќе го изнесам т.е. напишам, да има можеби малку поголема тежина и затоа гледам тоа секогаш да биде во фукција нештата да се сменат на подобро. Тешко е, но може и мора да се оди во таа насока. Слободното време го користам за возење велосипед, прошетки, посета на некое излетничко место и секако, да изгледам некој добар филм, препорачан од членовите на една од групите кои ги водам – „Добри филмови и серии“.

 


Статијата е прочитана 3389 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско