Инфо

Историски самит за клима во Глазгов - прво ветување од КОП26: „Спас на шумите на планетата“

среда, 03 ноември 2021

На светскиот самит за климата во Глазгов, повеќе од 100 земји се обврзаа дека ќе го запрат уништувањето на шумските површини. Проектот треба да се финансира со десетици милијарди и првично ќе трае до 2030 година

 

Повеќе од 100 светски лидери, на светскиот самит за климата во Глазгов ветија дека до 2030 година ќе ги запрат и ќе ги променат трендовите за уништување на шумите и деградација на почвата, што ќе биде поддржано и со 19 милијарди долари јавни и приватни средства.

Декларацијата за користење на шумите и земјиштето ќе покрива шуми со вкупна површина од околу 20 милиони квадратни километри, а заедничката изјава на конференцијата за климатските промени на ОН (КОП26), меѓу останатите ја поддржаа и Бразил, Индонезија и Демократска Република Конго, на чии територии се наоѓаат големи пространства тропски дождовни шуми

Во име на лидерите на земјите, за декларацијата извести канцеларијата на британскиот премиер Борис Џонсон, кој рече дека ова е договор без преседан.

„Ќе имаме можност да ја запреме долгата историја на човештвото како освојувач на природата и наместо тоа ќе стане нејзин чувар“, изјави Џонсон.

Премиерката на Барбадос, Миа Мотли критикувајќи ги светските лидери кажа дека задоцнетото дејствување за климатските промени е еднакво на „смртна казна“ за луѓето во островските земји.

„1,5 степен Целзиус е она што ни треба за да преживееме. Два степени се смртна казна за луѓето од Антигва и Барбуда, за народот на Малдивите, на Доминика и Фиџи, на Кенија и Мозамбик и за народот на Самоа и Барбадос. Ние не ја сакаме таа страшна смртна казна. Дојдовме овде денес да кажеме ‘Обидете се повеќе, обидете се повеќе’, затоа што на нашиот народ, климатската армија, светот, планетата и требаат нашите акции сега, не следната година, не во следната деценија“, рече Мотлеј.

И генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш рече дека е дојден последниот час за запирање на климатските промени.

„Или ние тоа ќе го запреме, или тоа ќе не запре нас. И време е да се каже - доста. Доста беше самоубиства со јаглерод. Доста е да се однесуваме кон природата како кон тоалет. Сами си копаме гробови“, изјави Гутереш. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека државите мора да ја одредат цената на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) предизвикани од климатските промени.

Според непрофитната организација Светски институт за ресурси (СИР), шумите апсорбираат околу 30 отсто од емисиите на јаглерод диоксид.

Сепак, овој „природен климатски тампон“ брзо исчезнува, а според податоците на СИР, светот во 2020 година загубил 258 илјади квадратни километри шума, што е подрачје поголемо од Обединетото Кралство.

Според договорот од Глазгов, 12 земји, вклучувајќи ја и Британија, се обврзаа да обезбедат 12 милијарди американски долари јавно финансирање меѓу 2021 и 2025 година за помош на земјите во развој, вклучувајќи напори за обнова на деградираната почва и сузбивање на пожари. Најмалку дополнителни 6 милијарди долари би обезбедиле над 30 вложувачи од приватниот сектор, вклучувајќи ги копаниите „Авива“, „Шродерс“ и „АХА“.

Вложувачите, кои управуваат со имот во вкупна вредност од околу 8,7 милиони долари, исто така, се обврзаа дека до 2025 година ќе запрат со вложување во активности поврзани со уништување на шумите, што се однесува и на производството на говедско, масло од палма, соја и пулпа. 

Пет земји, вклучувајќи ги и Велика Британија и САД и група добротворни организации се обврзаа дека ќе обезбедат и 1,7 милијарди долари за да ги поддржат домородните жители во зачувување на шумите и зајакнувањето на нивните права на земјиште.

Најважна цел на конференцијата во Глазгов е да се донесат одлуки со кои растот на температурата би се задржал на максимално 1,5 степен во однос на прединдустрискиот период, при што научниците велат дека шумите и таканаречените „решенија темелени на природата“ ќе бидат од витално значење за постигнување на целта.

Самиот во Глазгов го одбележаа и над 10.000 климатски активисти кои вршат притисок врз светските лидери. Со транспаренти „Климатска правда сега“ бараат за две недели светските лидери да излезат со решение. Во спротивно, најавуваат нереди.

 

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на пленарната сесија на Светскиот лидерски самит за климатски промени КОП26

И претседателот на државата, Стево Пендаровски беше дел од светскиот лидерски самит за климатски промени КОП 26. Тој се обрати на пленарна сесија истакнувајќи дека како земја кандидат за членство во ЕУ подготвена да започне преговори, Северна Македонија веќе го транспонира европското законодавство за климатски промени во своето национално законодавство, поддржувајќи го Европскиот зелен договор и е подготвена да придонесе Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година.

„И покрај фактот што сме мала европска земја, имаме големи климатски амбиции. За таа цел ги усвоивме ревидираните национално утврдени придонеси. Нашата амбициозна цел поставена за 2030 година е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51 отсто, во споредба со нивоата од 1990 година, или 82 проценти во нето емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа. Осмисливме 63 политики и мерки за ублажување кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој“, истакна Пендаровски.

Потенцираше дека, спроведувајќи ја нашата долгорочна стратегија за климатски акции, се стремиме да ја трансформираме земјата во економија со ниска емисија на јаглерод, зајакнувајќи ја конкурентноста и промовирајќи социјална кохезија.

 

„Вклученоста на целото општество ќе помогне во справувањето со невработеноста преку создавање еколошки работни места, намалување на загадувањето со обновливи извори и развој на одржливи навики преку образование“, рече македонскиот претседател Стево Пендаровски на самитот за климатски промени КОП26 во Глазгов.

 

 

Содржината е прочитана 168 пати.