„Веро“ поттикнува позитивни промени кај потрошувачите за поздрава животна средина

Интерву со Петар Денковски, генерален менаџер на „Веро“ во кое зборува за поставувањето повратни вендинг-машини за селектирање и рециклирање на пластичен амбалажен отпад во маркетите на „Веро“ – заеднички проект со „Пакомак“ чија реализација има за цел да се влијае врз свеста на заедницата секој да даде свој придонес за доброто на сите, за брендот „Веро“ кој успешно котира на самиот врв речиси 25 години, за тоа што значи да се менаџира со овој бренд, за наградите, за работењето во услови на пандемија, но и за тоа кои се најважните карактеристики на секој успешен менаџер и за кошарката која му е пасија и неизоставен дел од неговиот живот

МАРИЛИ: „Веро“ маркетите предничат во идеите за разбудување на еколошката свест кај нашите граѓани и во таа насока прв ги воведе еко-контејнерите во своите објекти. Каков е ефектот од оваа акција после овој краток период, на каков одзив наиде и дали граѓаните соработуваат?

ДЕНКОВСКИ: „Веро“ маркетите се првите и засега единствените малопродажни трговски објекти во земјава во кои се поставени повратни вендинг-машини за селектирање и рециклирање на пластичен амбалажен отпад. Преку одлагање на амбалажниот отпад во овие машини потрошувачите добиваат „зелени поени“ кои понатаму може да ги користат за пазарување во „Веро“ маркетите. Иако се работи за навистина краток период откако ги поставивме машините, со задовлство можам да кажам дека потрошувачите покажуваат висока еколошка свест и сѐ повеќе ги користат, бидејќи директно го гледаат бенефитот од нив. Искуството ни покажува дека кога на потрошувачите ќе им понудите практично решение за некој проблем што ги засега сите, како што е справувањето со штетниот отпад, одзивот е голем и мнозинството со задоволство се приклучува кон активностите.

МАРИЛИ: Како дојдовте на идејата да соработувате со „Пакомак“ и дали планирате проектот да се прошири и надвор од Скопје и евентуално во некаков друг облик?

ДЕНКОВСКИ: Со „Пакомак“ имаме долгогодишна, мошне успешна соработка која со годините сѐ повеќе се продлабочува. Со менаџментот на оваа компанија имаме исти размислувања и визија како треба да се развиваат нештата, особено во доменот на развој на еколошката свест кај нашите потрошувачи и генерално кај граѓаните. Поставувањето на вендинг-машините го планиравме од поодамна, бидејќи целосно е во склад со нашата корпоративна стратегија за намалување на штетниот отпад во средината во која што живееме и работиме. Нашата цел, покрај заложбите физички да го намалиме отпадот, е да ја подигнеме и свеста на заедницата за оваа проблематика и да понудиме конкретни решенија за намалување на штетниот отпад. Идејата е да поттикнеме долгорочни позитивни промени во однесувањето на нашите потрошувачи, со што ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот на целата заедница.

Засега машините се поставени само во неколку маркети во Скопје, но планираме понатаму да поставиме вакви машини и во другите маркети на „Веро“ низ земјава. Како општествено-одговорна компанија која се грижи за животната средина секогаш се трудиме на потрошувачите да им понудиме различни практични решенија кои од една страна ги задоволуваат нивните потреби, но во исто време се во насока на заштита на природата.

 

МАРИЛИ: Кој е Вашиот личен став за потребата сите да работиме на зголемување на свеста за животната средина од секој аспект – бизнис, култура, образование...!

ДЕНКОВСКИ: Лично го поддржувам ставот дека огромното залагање на само една личност не е доволно за да направи промена во општеството. Но, дури и минималното залагање на голем број индвивидуи сигурно ќе придонесе за позитивни промени во заедницата. Токму тоа сакам и да го пренесам во начинот на работење на „Веро“ и општествените активности што ги реализираме, како што се различни активности за заштита на животната средина, хуманитарни акции, кампањи, настани и сл. Целта не ни е само еднократно да помогнеме некому со донација или да реализираме некаква еколошка активност, туку да влијаеме врз свеста на заедницата дека заедно може да направиме многу повеќе и дека сите треба да дадеме свој придонес за доброто на целата заедница. Во моментов, заштитата на животната средина е еден од приоритетите на кој треба да се осврнеме, бидејќи податоците за загадувањето стануваат сѐ поалармантни.  

 

МАРИЛИ: Што значи да се менаџира водечки бренд и колку е тешко да се остане во врвот?

ДЕНКОВСКИ: „Веро“ е бренд кој од старт го позициониравме на врвот, каде што успешно котира речиси 25 години и менаџирањето со овој бренд значи континуирансправување со бројни предизвици, совладување многу препреки, постојано учење и надградување и неброени часови напорна работа. Нема успех без напорна работа. Мојот начин на работење се потпира на девизата „Играј како шампион секој ден“, мото според кое се водам како во бизнисот, така и во секој аспект на приватниот живот. Победничкиот менталитет е она што ме води сите овие години и сметам дека таквиот пристап кон работата кој го пренесувам и на мојот тим е клучниот фактор за успехот и позитивните резултати на „Веро“. Изминативе години создадовме тим од луѓе полни со проактивен став кон работата, силна енергија, голема амбиција и неверојатен ентузијазам, тим со кој реализираме високи цели и врвни дострели. Не е лесно, предизвиците се навистина големи, но ние во „Веро“ работиме искрено, транспарентно, достоинствено, се охрабруваме и се грижиме едни за други со единствена цел - да им го овозможиме на нашите потрошувачи најдоброто. И секојдневно успеваме во тоа, за што потврда ни се повеќе значајни признанија и награди кои „Веро“ ги доби изминатава година, меѓу кои се и наградата „Best Buy“ за најдобар однос на цената и квалитетот и наградата „Фер со потрошувачите“. Остварените рекордни финансиски и продажни резултати во изминатава година, како и фактот дека „Веро“ е најуспешната грчка компанија во Македонија со остварени најдобри резултати, се доказ дека навистина успешно менаџираме водечки бренд и дополнителен поттик за уште поголеми постигнувања.

МАРИЛИ: Дали заситеноста од проблемите што ги наметна пандемијата и потребата од нови содржини и нега на купувачот веќе се чувствува и во вашите маркети?

ДЕНКОВСКИ: Поминаа речиси две години како живееме со пандемијата на Ковид-19 и справувањето со неа стана секојдневие кое никако не може да се избегне. За нас во „Веро“, пандемијата беше тест кој ни покажа дека имаме одличен тим кој е подготвен во најбрз можен рок да се прилагоди на сите новонастанати состојби, без притоа да се наруши нормалниот процес на работење или безбедноста на вработените и потрошувачите. Пандемијата покажа дека не преживуваат најголемите, најсилните и најмоќните, туку оние што наједноставно и најбрзо ќе се прилагодат на промените. „Веро“ постојано нуди нови содржини, така што ни периодот на пандемијата не е исклучок. Како еден од пионерите на модерната малопродажба во земјава, секогаш ги следиме светските трендови во малопродажбата, први ги имплементираме најновите процеси во работењето и ги прилагодуваме на високите очекувања на нашите потрошувачи. Различните акции, кампањи, промотивни активности, наградни игри и настани кои се одржуваат во „Веро“ секогаш го привлекуваат вниманието на потрошувачите и привлекуваат голем број посетители, така што планираме со истото темпо да продолжиме и во иднина. 

 

МАРИЛИ: Колку долго сте на позиција генерален менаџер на „Веро“ маркетите во Македонија и колку 10-годишното искуство во Србија е применливо на македонскиот пазар?

ДЕНКОВСКИ: Јас и „Веро“ сме заедно од самиот почеток на работење на компанијата во Македонија, во далечната 1997 година. Затоа секогаш со гордост истакнувам дека со „Веро“ буквално растевме заедно, тука чекор по чекор ја градев мојата кариера во малопродажбата поминувајќи ги речиси сите скалила. Почнав во секторот за финансии во далечната 1997 година, па по неколку искачени скалила во компанијата, заминав за Србија како комерцијален директор на „Веро“ во таа земја. По поминати 10 години на таа позиција, во 2019 година се вратив во Македонија како генерален менаџер на „Веро“, позиција на која сум речиси две години. Десетгодишното искуство кое го стекнав во Србија е непроценливо, од аспект на работење на пазар кој е многу поголем, поконкурентен и поиновативен од македонскиот, но со кој имаме и многу сличности. Искуството од работењето на кој било пазар во регионот е огромна предност, но во никој случај не може комплетно да се преслика сѐ оттаму, бидејќи потрошувачките навики и вкусови се специфични за секој пазар. Заедничко за македонските и српските потрошувачи е што се многу едуцирани и пазарно ориентирани, совршено информирани за модерните трендови во малопродажбата и затоа нивните очекувања се високи. Она што може да го искористиме од српскиот пазар е иновативниот пристап во однос на технологијата и начинот на купување, но процесот може да оди и во обратна насока, односно српскиот пазар да се угледа на изострениот вкус на македонските потрошувачи во доменот на услугата и вниманието кое му се посветува на потрошувачот и овој пристап да го имплементира кај себе.  

 

МАРИЛИ: Колку, според Вас менаџирањето се учи, а колку е и лична предиспозиција?

ДЕНКОВСКИ: Менаџирањето е процес во кој се користат научените лекции, стекнатото искуство и личните карактеристики. Првите две се учат, но третата е она што човекот го носи во себе. За мене лично, една од најважните карактеристики на секој успешен менаџер треба да биде уникатноста како дел од неговата личност, но и како начин на работење. Тоа значи дека менаџерот мора да биде иновативен, креативен, да остави секаде свој личен печат по кој ќе биде препознатлив. Да нема страв од промени, туку да биде креаторот на промените што сака да ги види и кои ќе го движат напред. Прифаќањето на зборовите како „не“ и „не може“ никогаш не биле дел од мојот карактер, ниту задоволувањето со просечноста, врвните достигнувања и остварени резултати, како и тежнеењето кон совршенство е мојот начин на работа.

МАРИЛИ: Вие сте работеле и како кошаркарски судија. Дали и колку спортските искуства и вештини можат да се применат во менаџирањето?

ДЕНКОВСКИ: Долгогодишното занимавање со кошарка ми помогна да изградам карактерни особини кои денес се моја водилка во бизнисот како што се упорност, мотивираност, посветена работа и континуирано учењеУчењето никогаш не запира. Од спортот дополнително научив дека секој играч има различни квалитети и силни страни и секој наоѓа мотивација во различни нешта, а работа на тренерот е да ги искомбинира сите тие индивидуални карактеристики на најдобар можен начин и да создаде компактен тим од силни индивидуи за врвни резултати. Спортскиот дух денес е пресликан во нашиот „Веро“ тим, каде поразите нѐ мотивираат, а успесите и победите ни даваат дополнителна сила да продолжиме. Притоа, никогаш не нѐ напушта тимскиот дух и сплотеноста, бидејќи сме свесни дека тоа е единствениот начин и пат до успехот.

 

МАРИЛИ: Дали во Вашето работење е важно визионерството и дали се чувствувате како лидер?

ДЕНКОВСКИ: Луѓето без визија се осудени да стојат во место и никогаш да не се движат кон подобро. Мора да знаете што сакате да постигнете и да се стремите кон остварување на зацртаните цели. Секогаш истакнувам дека работната позиција не те прави лидер, туку тоа се должи на твојот однос кон луѓето и нештата во професионалниот и во приватниот живот. Кога другите сакаат да учат од тебе, се огледуваат на тебе, те истакнуваат како позитивен пример, тогаш може да се чувствуваш како лидер. За мене лидер е оној што придонесува за позитивни промени кај индивидуите, во заедницата во која живее и работи, но и во општеството генерално. Лидерство е кога ти си најдобар, но истовремено правиш и другите да станат подобри. Верувам во изреката дека најмоќна алатка на секој лидер е неговиот личен пример и затоа се трудам тоа максимално да го применувам во практиката. Ако барем малку сум успеал да предизвикам позитивни промени во кој било од наведените сегменти, тогаш може себеси со право да се сметам за лидер.   

МАРИЛИ: Менаџирањето со голем синџир како што се „Веро“ маркетите, несомнено бара многу време и енергија. Оттаму, имате ли време за себе, за своите блиски и евентуално за некое хоби? Како ги балансирате професионалниот и приватниот живот?

ДЕНКОВСКИ: И покрај многубројните професионални обврски кои речиси никогаш не завршуваат со крајот на работното време, со добра организација и планирање секогаш наоѓам време за работите што ги сакам и личностите што ми значат. Се разбира дека семејството секогаш има приоритет, така што уживаме во семејните дружења, одмори и викенд-прошетки. Но, задолжително наоѓам време и за пријателите со кои ја делиме страста кон кошарката. По завршувањето на професионалната судиска кошаркарска кариера, активен сум како делегат и контролор на судењето во домашни и меѓународни рамки во организација на ABA и FIBA натпреварувањата. Кошарката ми е пасија и неизоставен дел од животот, така што сите активности поврзани со овој спорт ми се вистинско уживање. Секако, читањето добра книга, слушањето музика која ме релаксира, патувањата на различни и необични места, како и мирисот на морето, се активности со кои дополнително ги полнам батериите.

 

МАРИЛИ: Планирате ли некакви новини во периодот што следи за да им го разубавите секојдневието на потрошувачите?

ДЕНКОВСКИ: Нашите потрошувачи имаат многу префинет вкус и навикнати се „Веро“ постојано да ги изненадува, така што постојано сме во потрага по нови начини да го привлечеме нивното внимание и да им понудиме нешто ново, невообичаено и интересно. Сепак, главното изненадување го подготвуваме за следната година, кога „Веро“ ќе одбележи 25 години работење на македонскиот пазар, јубилеј кој навистина заслужува спектакуларно одбележување. Изминатиот четврт век покажа дека „Веро“ поседува знаење, капацитет и има можности секогаш да го обезбеди најдоброто. Но, потрошувачите сѐ уште не виделе сѐ од нас. Најдоброто од „Веро“ допрва претстои.


Статијата е прочитана 2561 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско