„Македонија2025“ и УКИМ преку Фондацијата „Атанас Близнакоф“ распишаа конкурс за 40 стипендии за талентирани студенти

„Македонија2025“ и Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје распишаа конкурс за доделување 40 стипендии за талентирани студенти за учебната 2021/2022.

Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои ќе се запишат во прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје што постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но немаат доволно средства за продолжување на образованието на факултет или област од интерес.

Висината на стипендијата изнесува 120.000 денари годишно по лице и претставува највисок фонд за доделување стипендии во нашата земја. Корисниците на стипендијата кои редовно и со успех ќе напредуваат во студиите можат да ја користат стипендијата сé до завршување на студиите од првиот циклус.

Краен рок за аплицирање на конкурсот е 15 септември 2021 година. За аплицирање за стипендијата треба да се следи следниот линк: https://cutt.ly/3Q5R5en

„Македонија2025“ со поддршка од компанијата „Nextsense“ дизајнираше онлајн платформа за стипендии eScholarships, која ќе овозможи лесно и брзо пребарување и информирање за различните можности за стипендии кои ги нуди организацијата на млади таленти, средношколци и студенти, бизнис менаџери, главни извршни директори, итн. Оваа дигитална алатка ќе придонесе процесите за избор на стипендии да се транспарентни, објективни и ефикасни, со што стипендиите ќе бидат доделени на оние на кои им се најпотребни. Целта на овие програми на „Македонија2025“ е развивање на талентот во земјата, создавање врвни професионалци и лидери кои ќе носат позитивни промени во општеството и економијата. 

Основоположник на Фондацијата бил иселеникот Атанас Близнакоф, роден во 1901 година во костурското село Д’мбени. Во 1920 година тој го напуштил родниот крај и заминал во САД каде што живеел и работел до 1976 година, кога се вратил во Скопје и ја основал Фондацијата. Близнакоф во САД бил дел од МАНС – Македонско-американски народен сојуз, активен во поддршката на Македонија, а неговата Фондација е прва и најголема фондација на иселеник.

 


Статијата е прочитана 628 пати.

Сподели: