ЕУ ги прифаќа вакциналните сертификати издадени во Македонија

Европската унија денеска донесе одлука од утре да ги прифаќа вакциналните сертификати издадени во Македонија, Турција и во Украина и тие ќе бидат поврзни со ситемот на Унијата, со цел да се олесни слободното движење во услови на пандемија, соопшти Европската комисија.

Ваквата одлука, која ќе стапи на сила утре, како што соопштија од Комисијата, овозможува прифаќање на ковид-сертификатите издадени од трети земји а се според стандардите на Унијата.

Македонскиот вакцинален сертификат ги исполнува овие услови, изработен е според европски стандард и на усогласувањето Министерството за здравство работеше уште од мај-јуни годинава.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук профил објави дека Северна Македонија e прва земја во регионот за која сертификатите за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

„Европската комисија денеска донесе одлука со која се гарантира дека сертификатите за Ковид-19 издадени од Република Северна Македонија ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ за Ковид-19. Ова значи дека нашата земја ќе биде поврзана со системот на ЕУ и дека сертификатот за Ковид-19 издаден од нашите авторитети ќе биде прифатен во ЕУ под истите услови како и Дигиталниот сертификат за ЕУ. Во пракса, носителите на овие сертификати ќе можат да ги користат под истите услови како и носителите на ЕУ Дигиталниот сертификат за вакцинација“, напиша Османи.

Тој објасни дека на овој начин нашите граѓани ќе ги избегнат ограничувањата во патувањата, како што се дополнително тестирање или карантин.

„Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ“, вели Османи.

Европската комисија потврдува дека вакциналниот сертификат, тестот и сертификатот за прележан Ковид-19 издадени во Македонија ги содржат неопходните податоци, а македонската страна ја информирала Комисијата дека издава сертификати за вакцините Астразенека, Фајзер, Спутник В, Синофарм и Синовак.

Сепак, што се однесува до вакцината  Спутник В, со оглед дека се уште не е признаена од ЕМА и од СЗО, оставено е на земјите членки на ЕУ одделно да носат одлука дали ќе ги признаваат.  

 

Инаку, за да стане целосно оперативна денешната одлука на Европската комисија, како што стои во соопштението, „Северна Македонија треба да се поврзе со ЕУ Дигиталниот ковид сертификат“.

 


Статијата е прочитана 744 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско